Свет
(Видео) Американски воен авион влета во окото на ураганот во близина на Јамајка, објавена снимка
Ураганот Мелиса, бура од категорија 5, се приближува кон Јамајка со ветрови што достигнуваат брзина од 282 км/ч. Метеоролозите предупредуваат дека ова би можела да биде најмоќната бура што некогаш го погодила карипскиот остров, а жителите на Јамајка и Куба се подготвуваат за директен удар, објави „Ројтерс“.
Се очекува да помине над Јамајка, а потоа да продолжи кон исток кон Куба и Бахамите. Експертите велат дека бавното движење на бурата над невообичаено топлото Карипско Море помогнало да се зајакне, при што Јамајка очекува катастрофални ветрови со денови и речиси 1.000 литри дожд на квадратен метар.
Incredible footage from inside the eye of Category 5 Hurricane Melissa. Filmed during a reconnaissance flight by the US Air Force’s 53rd Weather Reconnaissance Squadron, the video reveals the sharply defined eyewall and the deceptive calm at the storm’s center; conditions that… pic.twitter.com/WCevRvU8wG
— AviatorsMaldives (@AviatorsMaldive) October 28, 2025
Американски воен авион вчера прелета низ окото на ураганот за да собере метеоролошки податоци. Окото на ураганот е централниот дел од бурата и област на релативен мир и спокојство во рамките на многу насилен систем. Окото е опкружено со таканаречениот ѕид на окото, што е најопасниот дел од ураганот со најсилни ветрови.
Распонот на ветерот на ураганот Мелиса сега е поголем од целата должина на островот Јамајка. Премиерот Ендру Холнес нареди задолжителна евакуација на делови од јужна Јамајка, вклучувајќи го и градот Порт Ројал, и апелира за меѓународна помош.
Тој предупреди за огромната штета што им се заканува на обработливото земјиште, домовите и критичната инфраструктура.
„Во регионот нема инфраструктура што може да издржи категорија 5“, рече Холнес. И покрај сериозните предупредувања, некои жители се двоумат да ги напуштат своите домови од страв од грабежи. Властите соопштија дека автобусите се подготвени да превезат речиси 28.000 луѓе по наредба за евакуација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски: Трилатералните разговори беа конструктивни
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека трилатералните разговори меѓу делегациите на Украина, Русија и САД во Абу Даби биле „конструктивни“, дека на нив биле дискутирани параметри за завршување на војната и дека следната недела би можеле да се одржат нови состаноци.
Во објава на Телеграм, Зеленски, исто така, рече дека украинските воени претставници идентификувале список на прашања за дискусија на потенцијален иден состанок со претставници на Русија и САД, пренесува Укринформ.
„Главната работа на која се фокусирале дискусиите биле можните параметри за завршување на војната. Навистина го ценам тоа што постои свест за потребата Америка да го следи и контролира процесот на завршување на војната и одржување на вистинската безбедност. Американската страна го покрена прашањето за можните формати за одобрување на параметрите за завршување на војната и безбедносните околности потребни за тоа“, рече Зеленски.
Тој додаде дека по состанокот, што заврши денеска во главниот град на Обединетите Арапски Емирати, сите страни се согласиле да поднесат извештаи за секој аспект од преговорите во своите главни градови и да се договорат за понатамошните чекори со лидерите на своите земји.
„Армијата утврди список на прашања за евентуален следен состанок. Доколку постои подготвеност за движење напред и Украина е подготвена, ќе се одржат понатамошни состаноци, потенцијално следната недела. Со нетрпение го очекувам непосредниот извештај на (украинската) делегација по нејзиното враќање“, рече Зеленски.
Украинската делегација на преговорите ја предводеше секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана Рустем Умеров, специјалниот претставник на САД Стив Виткоф, советникот на Белата куќа Џаред Кушнер, секретарот на американската армија Ден Дрискол, додека руската делегација вклучуваше претставници на воената разузнавачка служба и армијата.
Свет
Големиот пожар во Нови Пазаре локализиран
Локализиран е пожарот што избувна ноќеска околу два часот по полноќ во Нови Пазар и зафати неколку магацини на текстилна компанија и деловни простории, соопшти попладнево МВР на Србија.
Како што наведува МВР на Србија во соопштение, во пожарот нема повредени, а истрагата е во тек.
Во гаснењето на пожарот учествувале 59 пожарникари-спасувачи со 19 противпожарни возила од Нови Пазар, Тутин, Сјеница, Ивањица, Крагуевац, Чачак, Рашка и Краљево, членови на Доброволното противпожарно друштво на Нови Пазар и Јавното комунално претпријатие во овој град, додека полицајците од Нови Пазар го обезбедувале местото на пожарот.
Командантот на противпожарно-спасувачката единица на Нови Пазар изјави дека станува збор за најголемиот пожар што некогаш го погодил Нови Пазар, а дека материјалната штета е огромна.
На граѓаните во Нови Пазар им се препорачува да бидат внимателни, да го избегнуваат подрачјето зафатено од пожарот и да ги следат официјалните информации. Надлежните служби остануваат на терен додека пожарот не биде целосно изгаснат и ситуацијата не биде прогласена за безбедна.
Свет
Завршија преговорите меѓу делегациите на Москва, Вашингтон и Киев во Абу Даби
Во Абу Даби предмалку завршија преговорите за безбедноста на Украина меѓу делегациите на Москва, Вашингтон и Киев, јавијха руските медиуми.
Руската работна група, предводена од началникот на Генералниот директорат на Генералштабот на вооружените сили, адмирал Игор Костјуков, се врати во хотелот, додаваат руските медиуми.
Претходно, агенцијата ТАСС, повикувајќи се на информиран извор, објави дека преговарачките тимови во Абу Даби проучуваат и разгледуваат неколку документи за мирот во Украина, додавајќи дека „се разгледуваат и територии и гаранции и други аспекти“.
Официјални лица потврдија дека ова беше првиот состанок од почетокот на војната, пред речиси четири години, на кој присуствуваат сите три земји.
Разговорите меѓу украинската, руската и американската делегација во Абу Даби за постигнување мирно решение за Украина, кои започнаа вчера, продолжија утрово, исто така зад затворени врати.
Американскиот пратеник Стив Виткоф, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, како и секретарот на армијата во Министерството за одбрана на САД, генерал Даниел Дрискол, исто така учествуваа на трилатералните разговори во Абу Даби, а по средбата тие веднаш отпатуваа за Израел, каде ќе разговараат за иднината на Газа.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера потврди дека контроверзното прашање за територијата на Донбас било дискутирано на состанокот во Абу Даби.
Територијалните прашања остануваат точка на спор, бидејќи Русија бара Украина да ги предаде 20-те проценти од територијата на Доњецк што сè уште ја држи, додека Зеленски одби да се откаже од таа територија.

