Македонија
(Видео) Битиќи: Неразвоен буџет за предизборен поткуп, власта без слух за реалните потреби на граѓаните
Овој ребаланс не е развоен и не е социјално одговорен. Тој е создавање на ново множество на пропуштени шанси, на скриени долгови, на селективна поддршка и на краткорочни политички пресметки.
Ова е ребаланс за предизборен поткуп, служи само за изборите во октовмри, порача пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната собраниска расправа посветена на ребаланост на буџетот за 2025 година.
Битиќи, во своето излагање истакна дека буџетскиот дефицит останува на 41,3 милијарди денари, или 4% од БДП.
-Но тоа е веќе над законски дозволената граница од 3%, односно максимум 3,5% во исклучителни случаи – а денес немаме ниту катастрофа, ниту глобален шок. Она што го имаме е криза во планирањето, криза во отчетноста и криза во вредносниот систем низ кој се креираат економските политики во држава, посочи Битиќи.
Тој додаде дека дефицитот само од крајот на април до средина на јули е зголемен повеќе од двојно – од 13,4 на над 30 милијарди денари, што е јасен знак дека фискалната контрола е изгубена, а јавната потрошувачка расте непродуктивно.
Според него со ребалансот се зголемува задолжувањето, и домашно и надворешно, со што се создава товар за идните генерации, а секоја нова обврзница и секој нов кредит значи помалку пари за училишта, здравство и инфраструктура.
-Со ребалансот домашниот долг се зголемува за 3,15 милијарди денари, надворешниот за 1,38 милијарди, а најавено е и ново задолжување од 500 милиони евра до крајот на годината. Според проценките на Фискалниот совет, јавниот долг ќе достигне 62,1% од БДП – над дозволената граница. Дополнително, Фискалниот совет идентификува над 700 милиони евра доспеани, но неисплатени обврски – скриени долгови кои не се евидентирани во дефицитот, но реално го притискаат буџетот и ја подриваат транспарентноста, нагласи Битиќи.
Toj додаде дека се дуплира ставката за набавка на автомобили, капиталните расходи, наместо да одат за болници, училишта или зелена инфраструктура, се пренасочуваат за набавка на возила.
-Се купуваат автомобили во вредност од речиси 900 милиони денари, во време кога капиталните инвестиции бележат ниска реализација од 28%, истакна Битќи, додавајќи дека Владата троши 1,8 милиони евра за 134 метри квадратни штанд на ЕКСПО 2027 – што значи 5.550 евра по метар квадратен, а со тие средства може да се обезбедат над 12.000 сензори за дијабетичари осносно да се опслужат 460 пациенти со дијабетес тип 1. Се кратат средствата за животна средина за 868 милиони денари, како и економската поддршка за мали и средни претпријатија, на кои и скромните 18.5 милиони денари им се ускратени на 11.5 милиони денари, рече Битиќи.
Нагласи и дека владата најавува зголемување на пензиите, но реалноста е дека 92% од пензионерите ќе добијат помалку отколку што би добиле со постојниот модел, а само 22.000, од над 330.000 пензионери ќе добијат 100 денари повеќе.
-Проекцијата за инфлацијата останува фиксирана на 2,8%, но реалноста е поинаква – минималната кошница се зголемила за 3.443 денари само во последните четири месеци, и за 7.000 денари во текот на една година, рече Битиќи.
Животот поскапува, а платите и буџетските мерки не го следат тој тренд. Наместо мерки за заштита на куповната моќ – добиваме буџет без визија, без развојна насока и без слух за реалните потреби на граѓаните, нагласи пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, од собраниската говорница на расправата за ребаланост на буџетот за 2025 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

