Свет
(Видео) Војската изврши државен удар во Нигер

Војската во западноафриканската држава Нигер на националната телевизија објави дека врши државен удар. Тие истакнаа дека го распуштиле уставот, ги суспендирале сите институции и ги затвориле границите на државата.
Претседателот на Нигер, Мохамед Базум, е задржан во палатата во главниот град Нијамеј од претседателските гардисти, а регионалните лидери организираа брза посредничка мисија за да се обидат да спречат уште едно потенцијално грабање моќ во Западна Африка.
Африканската унија и западноафриканскиот регионален блок ECOWAS го осудија, како што го нарекоа, обидот за државен удар повикувајќи ги бунтовниците да го ослободат Базум и да се вратат во нивните касарни.
Соединетите Американски Држави повикаа на ослободување на претседателот, а Европската Унија, Обединетите нации, Франција и други го осудија бунтот и рекоа дека со загриженост ги следат настаните.
„Решивме да ставиме крај на режимот каков што го знаете“
Во телевизиско обраќање во средата, полковникот Амаду Абдрамане, заедно со девет други униформирани војници зад него, рече: „Ние, одбранбените и безбедносните сили… одлучивме да ставиме крај на режимот каков што го знаете.
„Причина за тоа е континуираното влошување на безбедносната состојба и лошата економско-социјална состојба“.
Тој рече и дека сите институции во државата се суспендирани и дека раководителите на министерствата ќе се грижат за секојдневните работи.
„Се бара од сите надворешни партнерски земји да не се мешаат“, продолжи тој. „Копнените и воздушните граници се затворени додека не се стабилизира ситуацијата.
Тој додаде дека ноќниот полициски час ќе важи од 22 до 5 часот до понатамошно известување.
Полковникот Абдрамане рече дека војниците дејствувале во име на Националниот совет за заштита на татковината (ЦНСП).
Американците: Нашата помош за Нигер зависи од зачувувањето на демократијата во таа земја
Американскиот државен секретар Антони Блинкен го услови продолжувањето на помошта за Нигер со зачувување на демократијата во таа африканска земја, соопшти Стејт департментот.
„Силното економско и безбедносно партнерство меѓу Соединетите Американски Држави и Нигер зависи од зачувувањето на демократијата и почитувањето на владеењето на правото и човековите права“, рече Блинкен во телефонскиот разговор со претседателот на Нигер, Мохамед Базум, кој беше приведен од членовите на претседателската гарда.
Вашингтон „го осудува обидот за насилно преземање на власта и уривање на уставниот поредок“, додаде американскиот државен секретар, се вели во соопштението.
Антони Блинкен исто така ја нагласи цврстата поддршка на Вашингтон за „претседателот Мохамед Базум и демократијата во Нигер“, објави Стејт департментот.
Генералниот секретар на ОН: Загрижен сум што претседателот на Нигер е во заробеништво
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, „најостро ја осудува неуставната промена на власта“ во Нигер, изјави неговиот портпарол откога армијата објави дека го соборила претседателот Мохамед Базум.
Портпаролот на Гутереш, Стефан Дужарик, рече дека генералниот секретар на ОН е „длабоко загрижен“ од приведувањето на претседателот Базум од страна на членовите на претседателската гарда.
„Генералниот секретар повикува на итен прекин на секоја акција што ги крши демократските принципи во Нигер“, додаде Дужарик.
Нигер, чија историја е обележана со државни удари, е еден од последните сојузници на западните земји во регионот Сахел уништен од џихадистичкото насилство и чии две соседни земји, Мали и Буркина Фасо, каде што војската е на власт по пучот, се свртеа кон други партнери, вклучувајќи ја и Русија.
Путин сака да го прошири своето влијание во Африка
Во соседно Мали, пак, тешко вооружените руски платеници на „Вагнер“ му помагаат на воениот режим во борбата против џихадистичките бунтовници. Така, ситуацијата во Нигер сега станува една од главните теми на Западот поради активноста и нестабилноста на „Вагнер“ во регионот Сахел.
Претседателот Владимир Путин, кој сака да го прошири руското влијание во Африка, денеска ќе биде домаќин на африканските лидери во Санкт Петербург.
Економската заедница на Западна Африка (ЕКОВАС) соопшти дека „остро го осудува обидот да се преземе власта со сила“ во Нигер.
Во име на ECOWAS, претседателот на Бенин, Патрис Талон, пристигна во главниот град Нијамеј во мировна мисија.
Талон рече дека ќе бидат искористени сите средства доколку е потребно за да се врати уставниот поредок во Нигер, но идеално е сѐ да се направи мирно и хармонично.
Претходно во средата, толпата во Нијамеј излезе на улиците во знак на поддршка на Базум. Репортерот на Би-би-си исто така видел силно вооружени сили лојални на претседателот стационирани околу националното радио и телевизијата.
Градот беше главно мирен, иако војниците што го извршија пучот пукаа за да ги разбијат протестите.
Борбата против два исламистички бунта
Нигер се бори со два исламистички бунта – еден на југозапад, кој почна во Мали во 2015 година, а другиот на југоисток, кој вклучува џихадисти со седиште во североисточна Нигерија.
Милитантните групи поврзани со Ал каеда и Исламската држава се активни во таа африканска земја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп повика на 30-дневно безусловно примирје во Украина, се закани со нови санкции

Соединетите Американски Држави повикуваат на 30-дневен безусловен прекин на огнот во Украина, изјави американскиот претседател Доналд Трамп.
Тој додаде дека и Русија и Украина ќе одговараат за почитување на сериозноста и важноста на директните преговори што ги најави.
„Ако не се почитува примирјето, САД и нивните партнери ќе воведат дополнителни санкции“, рече Трамп во објавата на Truth Social, додавајќи дека примирјето мора да се заснова на мировниот договор и додаде дека тоа може да се постигне многу брзо. Тој исто така нагласи дека ќе биде достапен во секое време доколку има потреба.
„Преговорите меѓу Русија и Украина продолжуваат. Соединетите Американски Држави бараат, идеално, 30-дневен безусловен прекин на огнот. Се надеваме дека ќе се воспостави прифатлив прекин на огнот и дека двете земји ќе одговараат за почитувањето на светоста на овие директни преговори.
Доколку не се почитува прекинот на огнот, САД и нивните партнери ќе воведат дополнителни санкции. Илјадници млади војници умираат секоја недела – и секој треба да сака тоа да престане. Јас го сакам тоа, а тоа го сакаат и Соединетите Американски Држави.
Како претседател, ќе останам посветен на постигнување мир меѓу Русија и Украина, заедно со европските партнери – и тој мир ќе биде траен. Ова примирје мора да биде чекор кон мировен договор. Сето ова може да се постигне многу брзо, а јас сум на располагање во секое време доколку се потребни моите услуги.
Ви благодариме за вниманието“, напиша тој на Truth Social.
Европа
Новиот германски канцелар оди во Брисел на разговори со претставници на ЕУ и НАТО

Германскиот канцелар Фридрих Мерц денес ќе пристигне во Брисел на разговори со високи претставници на ЕУ и НАТО, што е негово второ патување во странство откако ја презеде функцијата претходно оваа недела.
Мерц ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, и претседателот на Европскиот парламент, Роберт Мецола.
Неговата посета на Брисел е проследена со големи очекувања дека промената на владата во Берлин ќе донесе нов импулс во Европа во време на вртоглави глобални предизвици, проценува АФП.
Во среда, тој ги посети Париз и Варшава на своето прво официјално патување во странство на новата функција.
По патувањата во Париз и Варшава, што сигнализираше за неговата намера да ги зајакне врските со двата соседа, посетата на Мерц на главниот град на ЕУ ја покажува неговата решеност да ја врати улогата на Германија во Европа по месеци политичка парализа, велат аналитичарите.
„Беше време“, сумираше еден дипломат на ЕУ за АФП.
„Чекаме и ни е потребна силна Германија, таква што е способна да се справи со тешката задача што е пред нас.“
Свет
(Видео) Бајден: Јас сум одговорен за враќањето на Трамп во Белата куќа

Поранешниот американски претседател Џо Бајден изјави дека презема дел од одговорноста за реизборот на Доналд Трамп во Белата куќа. „Да, ја преземам одговорноста, бидејќи, видете, јас бев одговорен, а тој победи. Значи, знаете, ја преземам одговорноста“, рече тој за време на интервју за американската телевизиска мрежа Еј-би-си.
Бајден ги отфрли тврдењата за пад на сопствените когнитивни функции во текот на последната година од мандатот. „Тие грешат. Нема ништо што би го поткрепило тоа. Мислам дека единствената причина зошто се откажав од трката беше затоа што не сакав да имам поделена Демократска партија. Едноставно така е и затоа се откажав од трката“, нагласи Бајден.
„Мислев дека е подобро да ја ставам земјата пред моите интереси, пред моите лични интереси. Не се шегувам. Сериозен сум во врска со ова“, додаде тој.
На Бајден во интервјуто му се придружи и неговата сопруга Џил.