Свет
(Видео) Две девојчиња и нивната баба со часови заробени под урнатините во Мјанмар, ја снимиле агонијата низ која минале: таткото мислел дека се мртви
Снимките од последиците од разорниот земјотрес во Мјанмар ја откриваат агонијата што ја преживеа семејството заробено под урнатините на зградата.
На снимката се гледаат две девојчиња на возраст од 13 и 16 години и нивната раскрвавена баба во простор исполнет со урнатини по силниот земјотрес што го погоди Мјанмар во петокот.
Тие останале заробени додека бегале од нивниот стан на шестиот кат во вториот по големина град во земјата, Мандалеј – во близина на епицентарот на земјотресот – и трчале кон скалите за итни случаи.
Таткото на девојчињата првично мислел дека неговите ќерки и мајка му починале и испратил апел на социјалните мрежи да се најдат нивните тела.
2 girls and their grandmother keep calm while trapped under rubble in the Myanmar earthquake. They’ve been rescued, but many are still missing.
My heart aches imagining their terror—the crushing weight, the desperate gasps for air during Myanmar’s devastating earthquake. But… pic.twitter.com/QZTaybBTYj
— Yelisaveta Petrov (@YelisavetaPaUSA) March 31, 2025
За среќа, тие биле живи и ги грабнале телефоните пред да се урне зградата.
„Моите ќерки ги снимаа видеата мислејќи дека ако тие и баба им умрат, можеби ќе им се најдат телефоните и ќе ги видат нивните родители“, напишал таткото.
Тој рече дека дури слушнале и други луѓе заробени под нив во урнатините на зградата.
„Довикуваа одозгора и долу, но од надвор немаше звук. Како што поминуваа часовите, тие се обесхрабрија и се држеа за рака со својата баба плачејќи“, рече тој.
За среќа, по неколкучасовна драма, спасувачите успеале да ги пронајдат и со помош на чекан направиле мала дупка за да им обезбедат вода, но морале да одат да набават повеќе опрема.
Оставени извесно време сами, девојките ги презеле работите во свои раце и со чекан направиле премин за нивното бегство.
„Сакаа да направат поголем отвор за баба им, но големите камења беа претешки и двете сестри не можеа да ги поместат“, се вели во објавата на таткото.
Спасувачите се вратиле и успеале да ги спасат девојчињата. Нивната баба (75) се борела за воздух и не можела да помине низ отворот, но на крајот и таа била спасена.
По спасувањето, ќерките му откриле на својот татко што им се вртело низ глава.
„Во моментот кога се изгуби сета надеж, ја наведнав главата во знак на почит и благодарност до Буда што дозволи нашето семејство да преживее заедно“, му рекла ќерката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Оставки во врвот на Би-би-си поради спорниот документарец со говорот на Доналд Трамп
Главниот директор на Би-би-си, Тим Дејви, поднесе оставка, а кусо потоа тоа го направи и извршната директорка на „Би-би-си њуз“, Дебора Тернес, по жестоките критики за начинот на кој бил монтиран говорот на Доналд Трамп во документарецот.
Пред новинарите Тернес изјави дека Би-би-си не е институционално пристрасен, но дека презема лична одговорност за направените пропусти.
„Беше привилегија да водам тим од брилијантни новинари“, рече таа.
„Оставката ја поднесов затоа што одговорноста е моја, но Би-би-си останува најдоверлив извор на вести во светот“, додаде Тернес.
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп на својата платформа „Тру соушал“ ги нарече новинарите на Би-би-си „корумпирани и нечесни луѓе“ тврдејќи дека биле „фатени како го менуваат неговиот совршен говор од 6 јануари“.
Трамп им се заблагодари на медиумите што го откриле скандалот и изјави дека се работи за „страшна работа за демократијата“.
Документарецот емитуван една недела пред минатогодишните избори во САД прикажал дел од говорот на Трамп од 6 јануари 2021 година, така што се добива впечаток дека тој ги повикал своите приврзаници „да се борат“ и да одат кон Капитол.
Во реалност, спорната фраза „ќе се бориме жестоко“ се појавува во сосема друг дел од говорот, а не непосредно пред повикот кон маршот, што предизвика обвинувања за манипулација.
Во својата порака до персоналот Тим Дејви наведе дека одлуката е целосно негова. Тој призна дека имало грешки и дека како главен директор мора да ја преземе конечната одговорност.
Иако не го наведе скандалот како единствена причина, рече дека дебатата за „Би-би-си њуз“ придонела кон неговата одлука.
Претседателот на корпорацијата, Самир Шах, го нарече ова тежок ден и ѝ се заблагодари на Тернес за нејзината работа.
Министерката за култура Лиза Нанди му се заблагодари на Дејви за „водството во време на големи промени“.
Конзервативната политичарка Кеми Баденок изјави дека е „исправно што Дејви и Тернес презеле одговорност“, но додаде дека „културата на Би-би-си сè уште не се променила“.
Либералниот демократ Ед Дејви побара „нова страница и враќање на довербата“ во јавниот сервис, а Најџел Фараж порача дека ова е „последната шанса за Би-би-си“ и дека е време за ново раководство од приватниот сектор.
Свет
Силен земјотрес ја погоди Јапонија
Денес, Јапонија беше погодена од силен земјотрес со магнитуда од 5,8 степени според Рихтеровата скала, според податоците од Геолошкиот завод на САД.
Земјотресот, на длабочина од 11,2 километри, го погоди Јамада, крај брегот на источната префектура Ивате, околу 16.23 часот по локално време.
Според податоците од Јапонската метеоролошка агенција, земјотресот бил со јачина од 3 степени според јапонската сеизмичка скала од 7.
Нема извештаи за предупредување за цунами или материјална штета.
Еден ден претходно, земјотрес со магнитуда од 6,6 степени според Рихтеровата скала ја погоди префектурата Ивате на длабочина од 10 километри.
Јапонската метеоролошка агенција издаде предупредување за цунами, кое подоцна беше укинато.
Фото: принтскрин
Свет
Москва ги негира наводите дека Лавров ја изгубил довербата на Путин
Кремљ соопшти дека Сергеј Лавров активно работи како министер за надворешни работи на Русија со порака да се игнорираат шпекулациите на западните медиуми дека можеби ја изгубил наклонетоста кај претседателот Владимир Путин.
75-годишниот Лавров, ветеран дипломат познат по својот цврст стил на преговарање, отсуствуваше од голем состанок во Кремљ минатата недела, на кој требаше да присуствува. Исто така, Путин избра некој друг да присуствува на самитот на Г20 во Јужна Африка подоцна овој месец наместо Лавров, кој редовно ја извршуваше оваа функција во минатото.
Кремљ во петокот ги отфрли шпекулациите дека Лавров ја изгубил наклонетоста кај Путин откога напорите за организирање самит меѓу рускиот претседател и Доналд Трамп беа замрзнати минатиот месец.
„Ројтерс“ и други медиуми во тоа време објавија дека Вашингтон го откажал новиот самит откога министерството на Лавров испратило порака во која се вели дека Москва не е подготвена да отстапи од своите барања во врска со Украина.
Британскиот „Фајненшл тајмс“ цитирал извор, кој сугерирал дека исходот од разговорите на Лавров со Рубио го обесхрабрил Вашингтон.
Лавров во петокот изјави дека е подготвен да се сретне со американскиот државен секретар Марко Рубио бидејќи двајцата ја разбираат потребата од редовна комуникација.

