Свет
(Видео) Зеленски и Венс се сретнаа за првпат по жестоката кавга во Белата куќа

Украинскиот претседател Володимир Зеленски се сретна со американскиот потпретседател Џ.Д. Венс во Ватикан за првпат по нивната расправија во Белата куќа.
Многу светски лидери се собраа во Ватикан за востоличувањето на папата, а на церемонијата се случи симболичен момент: украинскиот претседател Володимир Зеленски се ракуваше со државниот секретар Марко Рубио и потпретседателот на САД Џ.Д. Венс. Тој се сретна со вториот за првпат по расправијата во Белата куќа.
Некое време подоцна, Зеленски и Венс се сретнаа на состанок. Зеленски објави слики на Фејсбук и напиша дека тоа била „добра средба“.
„Добра средба со потпретседателот Џ.Д. Венс и државниот секретар Марко Рубио во Рим“.
За време на разговорот, разговаравме за преговорите во Истанбул, на кои Русите испратија делегација од низок ранг без овластување за донесување одлуки. Повторив дека Украина е подготвена за вистинска дипломатија и ја нагласив важноста од целосно и безусловно прекин на огнот што е можно поскоро.
„Исто така, се осврнавме на потребата од санкции против Русија, билатералната трговија, одбранбената соработка, ситуацијата на бојното поле и претстојната размена на затвореници. Потребен е притисок врз Русија сè додека не покаже подготвеност да ја запре војната. И секако, разговаравме за заеднички чекори за постигнување праведен и траен мир. Му се заблагодарувам на американскиот народ за нивната поддршка и лидерство во спасувањето животи“, напиша Зеленски.
Кавгата во Белата куќа
Да потсетиме, вербалниот конфликт меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и потпретседателот на САД Џ.Д. Венс избувна за време на состанокот во Овалната соба, каде што Зеленски побара безбедносни гаранции поврзани со договорот за минерали.
Венс го обвини Зеленски за недостаток на почит и инсистираше дека не е доволно благодарен за американската воена помош, додека Трамп дополнително ја ескалираше ситуацијата тврдејќи дека Зеленски „се коцка со Третата светска војна“.
Зеленски одговори прашувајќи дали Венс некогаш бил во Украина и предупреди дека и Америка ќе ги почувствува последиците од војната, додека Венс возврати дека Зеленски агитира пред американските медиуми. По жестока дебата, Трамп ги прекина преговорите и му рече на Зеленски да ја напушти Белата куќа, а планираната прес-конференција беше откажана.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп до Путин: Владимир, можеш да ми се јавиш во секое време

Рускиот претседател Владимир Путин и актуелниот претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денеска телефонски разговараа и за иднината на американско-руските односи, а Кремљ соопшти дека и двајцата изразиле подготвеност за лична средба. Тема на разговор била новата размена на затвореници меѓу двете земји.
Како што јави Ројтерс, советникот за надворешна политика на Путин, Јуриј Ушаков, рече дека двајцата претседатели „детално разговарале за иднината на односите меѓу САД и Русија“, и дека Трамп, според него, „многу емотивно зборувал“ за можностите за соработка.
„Тој особено нагласи дека изгледите за билатерални односи по решавањето на украинскиот конфликт изгледаат импресивни и дека ја гледа Русија како еден од најважните американски партнери во однос на трговијата и економијата“, рече Ушаков.
Тој додаде дека двете страни во моментов работат на договор за нова размена на затвореници, во која би биле вклучени девет лица од двете страни, но не прецизираше кога би можела да се случи размената.
Ушаков потврди дека Трамп и Путин изразиле желба за лична средба и дека нивните тимови ќе почнат со подготовки за евентуална средба, иако местото се уште не е договорено.
На прашањето дали се зборува за укинување на американските санкции, Ушаков одговори: „Трамп спомна дека во Сенатот е готов нацрт-закон за нови санкции, но додаде дека тој лично не е поддржувач на санкции, туку на договор.
Советникот на Кремљ, исто така, го истакна пријателскиот тон на разговорот, велејќи дека Путин и Трамп си се обраќале со нивните имиња, а Путин му честитал на Трамп за раѓањето на внукот.
Според Ушаков, Трамп рекол: „Владимир, можеш да ми се јавиш во секое време. Ќе ми биде драго да одговорам и да разговараме“.
Свет
Фон дер Лајен: Трамп не’ информираше за разговорот со Путин

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен изјави дека таа и другите лидери на ЕУ, како и украинскиот претседател Володимир Зеленски, добиле извештај од американскиот претседател Доналд Трамп по неговиот телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин.
„Сакам да му се заблагодарам на претседателот Трамп за неговите неуморни напори за постигнување прекин на огнот во Украина. Важно е САД да останат ангажирани. Ќе продолжиме да го поддржуваме Володимир Зеленски за постигнување траен мир во Украина“, рече фон дер Лајен.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека двочасовниот разговор со рускиот претседател Владимир Путин поминал многу добро и дека Москва и Киев веднаш ќе започнат преговори за прекин на огнот и завршување на војната.
Рускиот претседател Путин изјави дека напорите за ставање крај на војната во Украина се на добар пат и дека Москва е подготвена да соработува со Украина за меморандум за идниот мировен договор.
Свет
Зеленски: Размислуваме за средба на лидерите на Украина, Русија, САД, ЕУ и Велика Британија

Володимир Зеленски изјави дека Киев и неговите партнери ја разгледуваат можноста за одржување средба на лидерите на Украина, Русија, Соединетите Американски Држави, земјите од Европската унија и Велика Британија како дел од напорите да се стави крај на руската војна против Украина.
Говорејќи пред новинарите во Киев, откако двапати телефонски разговараше со Доналд Трамп, украинскиот претседател рече дека се надева дека средбата може да се одржи што е можно поскоро, а како можни домаќини се споменуваат Турција, Ватикан или Швајцарија.
Володимир Зеленски го повикал Доналд Трамп да ги зголеми санкциите кон Русија доколку таа не се согласи на прекин на огнот, а тоа било непосредно пред американскиот претседател да разговара со Владимир Путин.
Според некои информации, Зеленски разговарал со Трамп приближно 15 минути пред неговиот повик до Путин што траеше околу два часа.