Свет
(Видео) Израел има ново моќно оружје: како функционира „Железниот зрак“
Израел го постави првиот ефикасен и борбено тестиран систем за ласерско пресретнување во светот, изјави поранешниот израелски премиер Нафтали Бенет.
„Компанијата „Рафаел Индустрис“ денес официјално го објави пуштањето во продажба на овој систем. Тој веќе собори десетици ракети, беспилотни летала, па дури и минофрлачи“, соопшти Бенет на Икс.
„Ова најавува длабока промена во воената историја: Оружје со брзина на светлината. Во моментот кога ќе видиме ракета, ја погодуваме. Нема временско одложување“, додаде тој.
Breaking news:
Israel has deployed the world’s first *effective and battle-tested* laser interception system.Rafael Industries announced today the official release of this system.
It’s already taken down dozens of rockets, UAVs and even mortars.
This spells a profound… pic.twitter.com/0DLe8IvURZ
— Naftali Bennett נפתלי בנט (@naftalibennett) September 17, 2025
Според Нафтали, цената на пресретнувањето е 2 долари, колку што се плаќа за струја, додека цената на системот „Железна купола“ по пресретнување била околу 60.000 долари.
„Ова целосно ја менува економијата на војната. Едноставно ќе ги банкротираме нашите непријатели. Ќе биде потребно време за целосно да се развие ова, но брзо ќе го подобриме дометот и моќноста на зракот“, рече Бенет.
„Подоцна ќе го поставиме во вселената, за да можеме да пресретнуваме балистички ракети. Ова ќе промени сè“, заклучи Бенет во објавата.
Израелското Министерство за одбрана неодамна изјави дека „Железниот зрак“ „покажал ефикасност во својата целосна оперативна конфигурација со пресретнување на ракети, минофрлачки гранати, авиони и беспилотни летала во широк спектар на оперативни сценарија“.
„Ова е прв пат во светот високопрофилен систем за ласерско пресретнување да достигне целосна оперативна зрелост“, рече израелскиот генерал Амир Барам.
фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски: Не е тешко да се заклучи што разговарале Трамп и Путин во Алјаска
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев не добил никакви официјални информации за можни договори меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин во Алјаска, но дека имаат индикации за тоа што најверојатно било разговарано таму.
„На крајот, сите ќе дознаат сè, само е прашање на време. Но, имаме сигнали дека таму биле дискутирани клучни прашања“, објасни Зеленски, додавајќи дека првенствено мислел на прашањето за територијата.
Според него, овие преговори на крајот ѝ штетат на Украина и продолжуваат да го спречуваат Киев да ги брани сопствените позиции.
„Верувам дека проблемите со кои се справуваме денес се толку сложени токму затоа што веќе се дискутирани во некоја форма. Ако имале само еден состанок, не е тешко да се заклучи дека во Алјаска најверојатно разговарале за Донбас, што да се прави воопшто со привремено окупираните територии, а верувам и за замрзнатите руски средства“, рече украинскиот претседател.
Кремљ претходно извести за неодамнешната средба на Путин со претставниците на Трамп. Во исто време, Москва постојано изјавуваше дека Русија нема да го поддржи американскиот „мировен план“ ако тој значително отстапува од договорите наводно постигнати во Анкориџ. Деталите за овие наводни договори никогаш не се објавени, а нивното постоење досега е потврдено само од руската страна, пренесуваат медиумите.
Свет
Британскиот министер со критика до Трамп: „Би било лудост да се игнорира Кина“
Британскиот министер за трговија Крис Брајант денес изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп греши кога вели дека е опасно за Велика Британија да ги зајакне своите деловни врски со Кина.
„Да, греши. Секако, ние влегуваме во нашите односи со Кина со широко отворени очи“, рече Брајант, пренесува Ројтерс.
Тој додаде дека би било „искрено лудост за Велика Британија да го игнорира присуството на Кина на светската сцена“ и потсети дека Трамп треба лично да ја посети Кина во април.
Британскиот премиер Кир Стармер вчера се сретна со кинескиот претседател Шји Џјинпинг за време на неговата посета на Пекинг, кога беше договорена соработка меѓу двете земји во неколку области, а како резултат на средбата меѓу двајцата лидери, Кина ги откажа визите за британските граѓани.
Денес, Стармер ја продолжува својата посета на Кина, а со него отпатуваа и педесет британски бизнисмени, пренесува Танјуг.
Свет
Минималната плата во ЕУ: од 620 евра во Бугарија до 2.704 евра во Луксембург, според последните статистики
Службата за статистика на Европската Унија – Евростат денес објави дека 22 од 27-те земји на ЕУ објавиле минимални плати на 1 јануари, кои во 14 земји се над 1.000 евра.
Минималната плата е помала од 1.000 евра во Бугарија (620 евра), Латвија (780 евра), Романија (795 евра), Унгарија (838 евра), Естонија (886 евра), Словачка (915 евра), Чешка (924 евра) и Малта (994 евра).
Во осум земји, минималната плата е помеѓу 1.000 и 1.500 евра – Грција (1.027 евра), Хрватска (1.050 евра), Португалија (1.073 евра), Кипар (1.088 евра), Полска (1.139 евра), Литванија (1.153 евра), Словенија (1.278 евра) и Шпанија (1.381 евра).
Највисоки минимални плати има во Франција (1.823 евра), Белгија (2.112 евра), Холандија (2.295 евра), Германија (2.343 евра), Ирска (2.391 евра) и Луксембург (2.704 евра).
Кога се споредуваат минималната плата и куповната моќ, најдобро се рангирани Германија, Луксембург, Холандија, Белгија, Ирска, Франција, Полска и Шпанија.
Во втората група се вклучени Словенија, Литванија, Хрватска, Романија, Португалија, Грција, Кипар, Унгарија, Малта, Словачка, Бугарија и Чешка.
Латвија и Естонија имаат најлош однос помеѓу минималната плата и куповната моќ, според оваа статистика.

