Европа
(Видео) Илјадници Полјаци ги блокираа улиците, бараат укинување на забраната за абортус

Активистите за правата на жените и неколку илјади луѓе ги блокираа улиците во Полска за време на петтиот ден од протестот против речиси целосна забрана на абортус.
Во главниот град на Полска, Варшава, демонстрантите ги блокираа главните раскрсници, ги запреа автомобилите и трамваите еден час.
Многумина носеа транспаренти на кои пишуваше: „Би сакала да ја абортирам власта“.
Протестите не се чести во Полска, каде што Католичката црква има големо влијание.
Демонстрациите почнаа пред пет дена кога Уставниот суд пресуди дека абортусите се незаконски, дури и во случаи кога фетусот е оштетен.
Според новиот закон, абортусот е дозволен само во случаи на силување или инцест или да се заштити животот на мајката.
Блокадите се организирани во 50-ина града во целата земја.
Општеството во Полска е поделено по прашањето за абортусот.
Истражувањето од 2014 година покажа дека 65 % од Полјаците се против абортус, 27 % го прифаќаат, а 8 % се неодлучни.
Сепак, во последните години анкетите на јавното мислење покажуваат дека мнозинството е против заострување на законот за абортус.
Повеќе од 1.000 легални абортуси се вршат во Полска секоја година, но женските групи велат дека абортусите се вршат нелегално или во странство и дека бројот е многу поголем – помеѓу 80.000 и 120.000.
Демонстрантите се собраа и пред полските амбасади во Лондон и Киев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
САД и ЕУ имаат 18 месеци да се подготват за можен вооружен конфликт со Кина и Русија, кажа командант на НАТО

Врховниот командант на НАТО во Европа, генерал Алексус Гринкевич, процени дека САД и Европската Унија имаат година и пол да се подготват за потенцијален глобален вооружен конфликт со Кина и Русија.
Тој додаде дека верува оти Пекинг и Москва би можеле да нападнат истовремено и координирано, пренесува „Билд“.
– Она што кинескиот лидер Си Џинпинг веројатно ќе го направи пред да одлучи да преземе воена акција против Тајван е да му се јави на својот пријател Путин и да го замоли за помош. Тоа за мене значи дека обете работи би можеле да се случат истовремено – рече Гринкевич за време на конференцијата за одбрана во Висбаден, Германија, каде што се наоѓа Командата на НАТО за безбедносна помош и обука на вооружените сили на Украина.
Тој додаде дека 2027 година би можела да биде „потенцијална кризна година“.
– Ќе ни треба секое оружје, опрема и муниција што можеме да ја набавиме за да бидеме подготвени – нагласи командантот на НАТО.
Според германскиот весник, во владините кругови во Берлин расте стравот дека Русија наскоро би можела да нападне една од помалите земји-членки на НАТО, бидејќи се очекува земјите од Алијансата да постигнат сериозни одбранбени способности дури во 2029 година.
Според „Билд“, некои министри во владата на Фридрих Мерц очекуваат дека руска воена провокација би можела да се случи во 2027 година.
Европа
Медведев: Можеби ќе бидат неопходни превентивни напади врз Западот

Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев денес изјави дека Западот практично води целосна војна против Русија и дека Москва треба да одговори на ист начин и, доколку е потребно, да изврши превентивни напади, објави руската државна новинска агенција ТАСС, пренесе „Ројтерс“.
Медведев, кој е заменик-претседател на Рускиот совет за безбедност, се претставуваше како либерален модернизатор кога беше претседател од 2008 до 2012 година, но оттогаш се позиционира силно како антизападен јастреб во Кремљ. Дипломатите велат дека неговите изјави го одразуваат размислувањето на дел од политичката елита.
„Она што се случува денес е посредничка војна, но во суштина тоа е целосна војна (лансирање западни ракети, сателитско извидување итн.), пакети-санкции, гласни изјави за милитаризација на Европа“, ТАСС го цитира Медведев. Тој го обвини Западот дека со векови се обидува да ја ослабне Москва.
„Ова е уште еден обид да се уништи историската аномалија што Западот ја мрази – Русија, нашата земја“, продолжи Медведев.
„Мораме да дејствуваме соодветно. Да одговориме целосно. И доколку е потребно, да извршиме превентивни напади“, рече тој додавајќи дека многумина на Запад носат предавство и застарени погледи за сопствената супериорност во крвта.
Воениот сојуз предводен од САД, НАТО, ја смета Русија за голема закана, а политичарите во Западна Европа честопати сугерираат дека Русија, која испрати десетици илјади војници во Украина во 2022 година, еден ден би можела да нападне земја членка на НАТО.
Медведев ги отфрли ваквите тврдења како целосна бесмислица истакнувајќи дека рускиот претседател Владимир Путин постојано ги негира.
„Изјавите на западните политичари на оваа тема се целосна бесмислица. Би додал дека оваа бесмислица е намерно поставена во информативниот простор со цел да се дестабилизира веќе сложената ситуација. Тоа е уште едно бојно поле на отворената војна на Западот против нас“, рече Медведев.
Русија и САД се, веројатно, најголемите нуклеарни сили во светот, со речиси 87 % од целото нуклеарно оружје по што следуваат Кина, Франција, Велика Британија, Индија, Пакистан, Израел и Северна Кореја, според Федерацијата на американските научници.
Европа
Украина изврши напади во Русија преку ноќ: дронови насочени кон Москва и Санкт Петербург

Руските власти и државните медиуми објавија напади од украински беспилотни летала во текот на ноќта во целата земја, вклучувајќи ги и Москва и западните региони на Русија.
Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, изјави дека руската воздушна одбрана соборила три беспилотни летала што се приближувале кон главниот град помеѓу 2 и 3 часот наутро по локално време. Тој додаде дека службите за итни случаи се на местото на настанот, но не даде информации за жртви или штети.
Во Санкт Петербург аеродромот „Пулково“ привремено го запре сообраќајот во 5 часот наутро, објави „Росавијација“. Иако причината не беше наведена, се верува дека станува збор за закана од беспилотни летала бидејќи руските аеродроми често ги приземјуваат летовите поради украинските напади. Според извештаите, најмалку 10 лета биле одложени.
Државната новинска агенција ТАСС соопшти дека беспилотните летала биле соборени источно од Санкт Петербург со употреба на системи за електронско војување.
Во регионот Смоленск, јужно од Санкт Петербург, гувернерот Василиј Анохин изјави дека се соборени 14 дрона, а едно лице е повредено.
Поблиску до линијата на фронтот, гувернерот на регионот Белгород, Вјачеслав Гладков, тврди дека украински дрон убил едно лице и ранил шест други во градот Белгород. Друго лице наводно е повредено во остатокот од регионот.
Во Воронеж руските канали на „Телеграм“ објавија дека дрон удрил во станбена зграда, при што се повредени три деца. Гувернерот Александар Гусев изјави дека во регионот се соборени најмалку пет дрона.
Во регионот Калуга гувернерот Владислав Шапша објави дека 14-годишно девојче е повредено кога три дрона биле соборени над регионот.
Руското Министерство за одбрана објави дека вкупно 122 украински дрона биле соборени над неколку делови од земјата.
Украинската војска сè уште не ги коментира наводните напади. Порталот „Киев индепендент“ забележува дека не може да ги потврди тврдењата на руските претставници или медиуми.