Свет
(Видео) Кина ја предупреди Австралија: Прекинете ја истрагата за коронавирусот или ќе платите скапо

Повикот на австралиската влада до Кина да го објасни своето несоодветно справување со смртоносната пандемија на Ковид-19 може да предизвика бојкот од кинеските потрошувачи, кои може веќе да не патуваат и студираат во Австралија или да ги бојкотираат австралиските извозни производи, вклучувајќи ги и говедското месо и виното.
Ова е строгото предупредување од кинескиот амбасадорот во Австралија, Ченг Јингје, во интервју за „Аустралијан фајненшл ривју“. Амбасадорот вели дека притисокот за истрага од Австралија е опасен и осуден на пропаст дополнувајќи ги претходните критики од Пекинг, кои ја прикажаа Канбера како безобразен лакеј на САД во Пацификот.
„Мислам дека долгорочно… ако расположението оди од лошо на полошо, луѓето би размислиле – зошто да одиме во земја што не е толку пријателска кон Кина? Родителите на студентите исто така би помислиле дали ова место, кое не е толку пријателско, дури е и непријателско, е најдоброто место за испраќање на нашите деца“, рече тој.
Образованието е трет најголем извозен продукт на Австралија и придонесува со повеќе од 30 милијарди долари годишно во економијата. Амбасадорот одби да коментира дали клучните извозни производи, како железната руда, јагленот и гасот, исто така ќе бидат погодени од т.н. антикинеско расположение.
Австралискиот министер за здравство, Грег Хант, тврди дека независна истрага е во интерес на Австралија и на светот.
„По три милиони заразени и повеќе од 200.000 изгубени животи, секако дека мора да има независна истрага. Да се има голем глобален, катаклизмичен настан, и да не се разгледа, ќе изгледа многу чудно и на крајот мора да ги преземеме чекорите што не се само во интерес на Австралија, туку во интерес на целото човештво“, рече Хант за „Аустралијан броудкестинг корп“.
Министерката за надворешни работи на Австралија, Марис Пејн, претходно ја истакна својата загриженост за транспарентноста на Кина и ги изрази своите сомнежи и за перформансите на Светската здравствена организација (СЗО).
„Прашањата за коронавирусот се прашања за независна истрага и мислам дека е важно да го сториме тоа. Всушност, Австралија апсолутно ќе инсистира на тоа“, изјави Пејн за „Еј-би-си њуз“.
Австралијците се едни од најгласните критичари на опасното одбивање на Кина да ги затвори мокрите пазари, што се сметаат за извор на вирусната пандемија, и на зачудувачката поддршка од СЗО за повторното отворање на овие пазари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
67 мртви во поплавите во Тексас, загина 21 дете

Бројот на жртви од катастрофалните поплави во Тексас се искачи на најмалку 67 денес, вклучувајќи 21 дете, додека потрагата по девојчињата од летниот камп продолжува трет ден по ред.
Лари Леита, шерифот на округот Кер во регионот Тексас Хил Кантри, епицентарот на поплавите, изјави дека бројот на жртви се искачил на 59, вклучувајќи 21 дете.
Леита рече дека исчезнати се 11 девојчиња и водач на летниот камп во близина на реката Гвадалупе, која се излеа по обилните дождови во централен Тексас на Денот на независноста во петокот.
Другите жртви се од други области погодени од поплавите.
Службениците изјавија дека повеќе од 850 луѓе се спасени, вклучувајќи некои што се држеле за дрвја.
Федералната агенција за управување со вонредни состојби беше активирана денес и распореди спасувачи откако претседателот Доналд Трамп прогласи голема катастрофа, соопшти Министерството за внатрешна безбедност.
Хеликоптери и авиони на крајбрежната стража помагаат во потрагата и спасувањето, соопшти министерството.
Се очекуваат повеќе врнежи во областа во недела, а Националната метеоролошка служба издаде предупредување за ненадејни поплави за округот Кер.
Регион
Македонец меѓу загинатите во Бугарија кога автомобил управуван од 19-годишник се заби во ресторан

Деветнаесетгодишен возач со автомобилот се заби во ресторан во Разград, Бугарија, при што загинаа три лица, меѓу кои 58-годишник, државјанин на Македонија, соопшти бугарската полиција.
Несреќата се случила по полноќ на улицата Гранчарска во градот. Според првичните информации, младиот возач ја изгубил контролата врз автомобилот, што ја предизвикало тешката несреќа. Тестовите за алкохол и дрога на 19-годишниот возач биле негативни, јавуваат бугарските медиуми.
Починатите се лица на возраст од 62, 64 и 58 години, кои биле во објектот во моментот на несреќата.
Свет
Почнуваат преговорите меѓу Израел и Хамас

Катар денес ќе биде домаќин на нова рунда индиректни преговори меѓу Израел и Хамас во обид да се постигне договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците во Газа, изјави за АФП палестински извор запознаен со преговорите.
„Медијаторите го информираа Хамас дека новата рунда индиректни преговори меѓу Хамас и Израел ќе почне оваа недела во Доха“, рече изворот, додавајќи дека делегација на палестинското исламистичко движење, предводена од Халил ал-Хаја, веќе е во Доха.
Израелската јавна телевизија објави дека израелската делегација ќе замине за Доха во раните попладневни часови. Овие преговори ќе бидат фокусирани на условите за можен договор за прекин на огнот, особено во врска со ослободувањето на заложниците во Газа и палестинските затвореници во Израел, според истиот извор.
Исламистичкото движење побара значителни испораки на хуманитарна помош на палестинските територии, додаде изворот, како и „гаранции за траен крај на војната“.
Хамас продолжува да бара повторно отворање на преминот Рафа на границата меѓу Појасот Газа и Египет, кој Израел го контролира од мај 2024 година, за да се овозможи евакуација на ранетите.
Според палестински извори запознаени со преговорите, предлогот доставен до Хамас вклучува 60-дневно примирје за време на кое движењето би ослободило 10 живи заложници, како и неколку тела на мртви затвореници, во замена за ослободување на Палестинците што ги држи Израел.
Хамас во петокот објави дека е подготвен „веднаш да започне“ преговори за американскиот предлог за прекин на огнот и дека го проследил „својот одговор“ до катарските и египетските посредници, без да даде детали.
Канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера објави дека бил информиран за „промените што Хамас сака да ги направи во предлогот“ и дека ги смета за „неприфатливи“.
Индиректните преговори треба да продолжат пред средбата меѓу Нетанјаху и американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон.
Канцеларијата на премиерот потврди за АФП дека Нетанјаху ќе отпатува за Соединетите Држави денес околу 17:00 часот по локално време.