Европа
(Видео) Литвански антигеј-пратеник снимен со гол маж за време на онлајн-седница

Истакнат литвански пратеник, познат по своите ставови против нетрадиционалните бракови и ЛГБТ-правата, беше уловен со гол маж во својот дом кога не сакајќи ја вклучил камерата додека учествувал на онлајн-парламентарна средба.
Случајот со Петрас Гражулис, пратеник од десничарската Партија на редот и правдата, бил забележан на кусо видео од седницата на комитет од собранието, објави „Раша тудеј“.
На снимката, која сега веќе е широкораспространета на интернет, зад политичарот се појавува гол човек, кој зад неговото рамо гледа во екранот.
Претседателот на комитетот предупредил дека настанот може да предизвика проблеми за парламентот додавајќи дека главното прашање е зошто тие се полуголи во текот на работното време.
„Секако дека можеме да кажеме дека се работи за нечиј личен живот, но конкретно оваа личност е поврзана со парламентарен состанок“, рече Витаутас Јуозапаитис.
Пратеникот првично тврдеше дека човекот е негов син. Сепак, тој очигледно ја сменил својата приказна, потоа тврдејќи дека тоа всушност е новинар по име Андриус Тапинас, кој, според неговите зборови, го прогонувал веќе подолго време. И покрај фактот дека човекот во видеото не личи на Тапинас, политичарот имплицира дека тој го сменил изгледот или ја монтирал неговата појава за време на состанокот во живо.
„Ме прогонува насекаде, не е ни чудо што ме стигна и овде“, додал Гражулис.
Пратеникот е познат како најпосветен анти-ЛГБТ законодавец во земјата, а во 2012 година рече дека сите хомосексуалци треба да ја напуштат Литванија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Зеленски објави кои земји ги разгледува Украина за преговори со Путин

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека Турција, заливските или европските земји би можеле да бидат домаќини на разговори со рускиот претседател Владимир Путин.
Зеленски бара директни разговори со Путин за да се стави крај на војната во Украина, но рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров рече дека не е подготвена агенда за таков состанок.
„Па, оваа недела ќе има контакти со Турција, со земјите од Заливот и со европските земји кои би можеле да бидат домаќини на разговори со Русите“, рече Зеленски во видео обраќање.
„Од наша страна, работите ќе бидат максимално подготвени за да се стави крај на војната.“
Зеленски рече дека разговорите зависат од координацијата со украинските партнери, првенствено со САД, за да се обезбеди доволен притисок врз Русија. Ова беше дискутирано вчера во Киев со американскиот претставник Кит Келог.
„Сè понатаму зависи строго од волјата на светските лидери, од кои најважни се САД, да извршат притисок врз Русија“, рече тој.
„Русија само дава сигнали дека ќе продолжи да избегнува вистински преговори. Ова може да се промени само со силни санкции, силни царини – вистински притисок.“
фото: принтскрин
Европа
Новите карти на бојното поле го откриваат планот на Путин за Донбас: се подготвува решавачка битка

По неодамнешните разговори меѓу Владимир Путин и Доналд Трамп, анонимни извори од двете страни открија клучни воени планови на Кремљ. Руската војска има јасна цел да го заземе целиот Донбас, а овој план ќе биде спроведен со сила доколку Украина не се согласи доброволно да ја предаде областа за да се стави крај на конфликтот.
Останатите делови од фронтот, од областа Суми до Запорожје, се чини дека се од помало значење за Путин. Тој, исто така, наводно е подготвен да ги „размени“ окупираните територии во Сумската, Харковската и Дњепропетровската област за преостанатите делови од Донбас под украинска контрола, веројатно во сооднос од 1.500 до 6.000 квадратни километри, објавува „Медуза“.
Според извештаите од американските претставници, аргументот на Путин е јасен: Русија бара предавање на преостанатите делови од Донбас бидејќи може да ги земе со сила секако, што само би ја продолжило војната. За возврат, барањата за предавање на градот Запорожје и териториите во Херсонската област, вклучувајќи го и самиот град Херсон, се чини дека се повлекуваат од преговарачката маса.
Логиката на Кремљ веројатно се темели на проценката дека освојувањето на овие области на среден рок е нереално. Во двата случаи, клучна пречка е реката Днепар, чие преминување во сегашните воени услови се смета за речиси невозможна операција, дури и за снабдување на гарнизонот во Запорожје на источниот брег.
Дали е можна целосна окупација на Донбас?
Иако целта изгледа амбициозна, целосната окупација на Донбас не изгледа како невозможна мисија. Во текот на изминатата година, и покрај пренасочувањето на значајни сили кон битката во областа Курск, руските сили освоија повеќе од 4.000 квадратни километри силно утврдена територија во Донецката и Луганската област. Тие сè уште имаат околу 6.000 квадратни километри за освојување за целосно да ги контролираат.
Како што неодамна напиша „Економист“, доколку украинските сили го напуштат Донбас, тие ќе го изгубат својот „појас на тврдини“, клучна одбранбена линија на исток, што би го отворило патот за Русија кон централна Украина.
Намерите на Кремљ се јасно видливи и на терен. Руските сили напредуваат северно од Донецк, насочувајќи се кон главното украинско упориште во регионот – агломерацијата Краматорск и Славјанск. Резервите постепено се префрлаат во оваа насока од други делови на бојното поле.
Ако порано руската команда го користеше градот Покровск како мамка за привлекување на украинските сили, сега неговото освојување стана клучно за понатамошните напредувања кон Краматорск. Поради рускиот напредок во текот на изминатата година, борбената линија околу Покровск значително се издолжи.
Ова ја промени тактиката на битката: големи делови од фронтот останаа небранети, што им овозможи на двете страни да навлезат во задниот дел. Сепак, тактичките пробиви од 10 до 20 километри сè уште не доведоа до целосен колапс на фронтот, бидејќи тие се запрени со напади со беспилотни летала и брзо префрлање на резервите.
Токму оваа необична битка, водена источно и јужно од Покровск, би можела да стане решавачка битка во 2025 година. Руската армија има значителна бројна предност во неа, но тоа не ја гарантира нејзината конечна победа.
Ситуација на бојното поле: Покровск и Костјантиновка
И покрај натрупувањето на големи украински резерви во близина на Добропиља, рускиот напредок помеѓу Покровск и Костјантиновка не е целосно запрен. Руските сили држат позиции во областа Кучеров Јар, приближно 13 километри од фронтовската линија од средината на август.
Украинските сили се обидоа да ги потиснат руските трупи од крилата и успеаја да ја пробијат руската одбрана кај Никаноривка. Од друга страна, руската команда донесе резерви и се обиде да напредува кон Шахово, клучна патна раскрсница чие освојување би ја обезбедило безбедноста на руските сили што напредуваат кон Добропиља.
Борбите за селото Володимиривка сè уште траат, а двете страни тврдат дека го контролираат, но засега нема визуелна потврда. Главните руски сили напредуваат на запад кон Мирноград, заобиколувајќи го Покровск од север, каде што украинските сили, исто така, започнаа контранапади.
Обидите да се пробијат до северните предградија на Покровск и да се пресечат клучните патишта досега не успеаја. Нападите врз самиот центар на Покровск, исто така, се чини дека привремено престанаа, иако е можно руските сили сè уште да се присутни на југозападните рабови на градот.
Во исто време, руските трупи биле активирани југозападно од Покровск, заземајќи го поголемиот дел од населбата Удачен. Руската команда очигледно сметала дека освојувањето на Покровск е неопходно за понатамошно напредување кон север. Друга важна цел бил градот Костјантинивка, кон кој руските сили напредувале од неколку правци, вклучувајќи ја областа северно од Торецк и северниот раб на Часив Јар.
Днепропетровска област
Руските сили ја продолжуваат својата офанзива на границата на Донецката и Днепропетровската област, северно и западно од Велика Новосилка, и покрај постојаните украински контранапади. Во оваа област, руските трупи зазедоа неколку села во долините на реките Вовча и Ворона, а ја преминаа и реката Вовча и го зазедоа селото Филија.
Кризата во одбраната на овој дел од бојното поле веројатно ја принуди украинската команда да ги премести резервите, можеби дури и од Сумската област.
Лимански правец
Во Лимански правец, руските напаѓачки групи го пробија Торске на југ кон Јампил, низ кој минува единствениот пат што ги поврзува украинските сили во Креминските шуми со остатокот од територијата. Поради овој пробив, веројатно е дека украинските сили наскоро ќе мора да се повлечат од шумите, за кои битката се води од есента 2022 година.
фото: принтскрин
Европа
Метеоролози: Ова лето во Британија е речиси сигурно најжешкото досега

Обединетото кралство „скоро сигурно“ го доживеа своето најжешко лето досега, покажуваат привремените бројки од британската Метеоролошка служба, објави Би-би-си.
На помалку од една недела до крајот на сезоната, просечната температура низ целата земја, која вклучува и ноќни и дневни температури, моментално е 16,13°C. Ова е далеку над претходниот рекорд поставен во 2018 година, кога просекот беше 15,76°C. Експертите велат дека температурите би требало да паднат дури за четири степени под просекот до крајот на август за да се избегне поставување нов рекорд, што се смета за малку веројатно. Податоците се во согласност со доказите дека летата стануваат пожешки и посуви како резултат на климатските промени.
Четири топлотни бранови го одбележаа летото
Додека највисоката температура ова лето од 35,8°C, забележана во Кент на 1 јули, може да изгледа скромно во споредба со рекордните 40,3°C во јули 2022 година, ова лето се издвојува по своето времетраење и распространетост на топлината. Критериумите за топлотен бран се исполнети во четири наврати.
Топлотните бранови започнаа рано, уште во јуни, и продолжија до најжешкиот почеток на Вимблдон досега. Третиот топлотен бран ги донесе највисоките температури во годината во Шкотска, Северна Ирска и Велс, додека четвртиот во август донесе температури до 33,4°C во делови од Англија.
Суша и покрај локалните бури
Податоците на Метеоролошката служба покажуваат дека Велика Британија примила само 72% од просечните летни врнежи од дожд. Централните, источните и јужните делови на Англија се особено суви, со забрана за употреба на градинарски црева, делумно поради најсувата пролет во повеќе од 50 години.
Сепак, времето не е целосно стабилно. Обилните дождови и грмотевици предизвикаа ненадејни поплави во некои области во јули, а почетокот на август беше обележан со невообичаено силната бура Флорис, која донесе ветрови со брзина од над 130 км/ч и предизвика нарушувања, особено во Шкотска.
Улогата на климатските промени
Неколку фактори придонесоа за ова топло лето, вклучувајќи долготрајна присутност на висок притисок на воздухот, суво копно кое се затоплува побрзо и морски топлотен бран кој ги зголеми температурите на морето до 3°C над нормалата. Сепак, научниците се јасни дека климатските промени ги прават летата потопли и посуви.
Девет од последните десет лета (2016-2025) имаа температури над долгорочниот просек. Бројот на денови со температури над 30°C се зголеми за трипати во изминатата деценија во споредба со периодот од 1961 до 1990 година. Топлотниот бран оваа година ќе го исфрли летото 1976 година од петте најтопли досега, што значи дека сите пет најтопли лета се забележани од 2000 година. Целосните статистички податоци се очекуваат на 1 септември.
фото: принтскрин