Свет
(Видео) Маж од САД држел во шупа и силувал 13-годишно девојче, го намамил преку интернет

Исчезнaто 13-годишно девојче од Далас било пронајдено заклучено во барака оддалечена повеќе од 1.500 километри во Северна Каролина, откако била киднапирана и силувана од маж што го запознала на социјалните мрежи.
Девојчето е пронајдено во Лексингтон, на околу еден час возење североисточно од Шарлот, се вели во соопштението на шерифот на округот Дејвидсон, пренесе Си-Ен-Ен.
Канцеларијата на шерифот соопшти дека во петокот вечерта биле контактирани од специјален агент на ФБИ во Тексас за случајот. ФБИ во соработка со полицијата во Далас утврдиле дека возрасен маж разговарал со детето преку Интернет. Содржината на тие разговори била конзистентна со намамување за средба, соопшти канцеларијата на шерифот.
Камерите во близина на домот на тинејџерката снимиле возило регистрирано на човек од округот Дејвидсон.
Девојчето бил затворено во надворешен објект, во сопственост на осомничениот – се вели во соопштението на шерифот.
Инспекторите ја отвориле бараката и го пронашле детето. Таа била однесена во болница за да биде прегледана, а подоцна се вратила дома во Тексас. Осомничениот, 34-годишниот Хорхе Иван Сантос Камачо, е уапсен и се соочува со осум точки од обвинението, меѓу кои и киднапирање и силување на дете. Тој е задржан во притвор во округот Дејвидсон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Столтенберг: Испраќањето дополнителни војници на Косово не значи дека сме се откажале од политичко решение

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави денеска дека испраќањето дополнителни војници на НАТО на северот од Косово не значи дека се откажале од политичко решение за смирување на тензиите, пренесува „Анадолија“.
Столтенберг ова го изјави откако НАТО најави дека ќе испрати дополнителни 700 војници во мисијата КФОР на северот од Косово со цел да се осигура безбедност во согласност со Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации.
Како што соопштија од Алијансата, дополнителен баталјон е во состојба на готовност и ќе биде активиран ако има потреба.
Но, според Столтенберг, најсоодветното политичко решение е преку дијалог. Тој претходно изјави дека насилството го кочи и Косово и регионот и ги повика Приштина и Белград да преземат конкретни чекори за смирување на ситуацијата и спречување нејзина понатамошна ескалација.
Столтенберг најостро ги осуди неиспровоцираните напади врз војниците на КФОР на северот на Косово, при што беа повредени триесетина мировници. Тој објасни дека КФОР „ќе ги преземе неопходните чекори за нормализирање и осигурување безбедност“.
Меѓународните реакции против Косово уследија по акцијата на косовската полиција на 26 мај во три општини со мнозинско српско население на северот од земјата – Зубин Поток, Звечан и Лепосавиќ – за насилно обезбедување пристап до општинските објекти на новоизбраните градоначалници-етнички Албанци кои беа избрани на изборите со излезност од 3,5% и кои Србите ги бојкотираа.
Свет
Официјални резултати од изборите во Турција: Ердоган победи со разлика од два милиони гласови

Актуелниот турски претседател Реџеп Таип Ердоган освои 52,18 отсто од гласовите во вториот круг од претседателските избори во таа земја.
Ова официјално го соопшти државната изборна комисија. Разликата меѓу двајцата кандидати била повеќе од два милиони гласови.
Претседателот на изборната комисија Ахмет Јенер изјави дека на изборите гласале повеќе од 54 милиони Турци во земјата и во странство.
Ердоган освои 27.834.574 гласови, а Киличдароглу 25.475.724.
Регион
(Видео) Ќучук за тепачката во бугарскиот парламент: Како сценарио од латиноамериканска серија

„Ова не е некоја серија од Латинска Америка, туку се случува во европска Бугарија – снимка која доби популарност не се само во Бугарија, за жал!“, изјави лидерот на европските либерали по повод скандалозните снимки од плукањето и тепачката во бугарскиот парламент.
Тој пред своите колеги во Европскиот парламент изрази загриженост дека ваквите скандалозни слики се случуваат во време кога треба да се реши судбината на Бугарија, по пет последователни парламентарни избори и реторички праша: „Вака ли ќе се управува со Бугарија?“.
Ја цитираше и снимката од разговорот помеѓу лидерот на ПП, Кирил Петков и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Ќучук кажа дека има и протечени скандалозни информации со кои сигурно веќе се запознаени неговите колеги во ПП-како идеи за незаконска смена на вработени во државната администрација, прислушување на одредени луѓе, смена на началници на полицијата, со цел да се обезбеди победа на следните избори.