Свет
(Видео) Огромна зимска бура во САД, петмина загинати, вонредна состојба во голем број држави

Пет лица ги загубија животите во големата зимска бура, која денеска ги зафати централните и источните делови на САД, а милиони жители беа погодени од обилниот снег, кој почна да паѓа и во Њујорк. Невремето кое се движи од центарот на земјата кон крајбрежните држави Делавер, Мериленд и Вирџинија, главниот град Вашингтон и југот на државата Њујорк, предизвика откажување на летови, затворање училишта и сообраќајни несреќи.
Повеќе од 50 милиони луѓе беа погодени, 300.000 се без струја, додека 2.000 летови беа откажани, а илјадници беа одложени, според сајтовите за следење Poweroutage.us и FlightAware.
Улиците на Вашингтон се покриени со снег. На некои места се очекуваат и до 30 сантиметри снег, а во Њујорк почнуваат да се појавуваат првите снегулки, објави Националната метеоролошка служба во најновото соопштение.
Особено се следеа временските услови во Вашингтон, главниот град на САД, каде конгресмените ја потврдија победата на Доналд Трамп на ноемвриските претседателски избори. И двата главни аеродроми во главниот град, откажаа повеќе од 500 летови од 6 часот наутро.
Метеоролошките служби предупредија на очекуваното количество снег, особено во државата Охајо и планинскиот масив Апалачи, каде секое патување може да биде „опасно“ по снежните и замрзнатите патишта.
Гувернерите на Мисури, Вирџинија и Мериленд прогласија вонредна состојба, како и во Кентаки. Се очекуваат температури и до -18°С на места со силен ветер во центарот и истокот од земјата. Научниците велат дека екстремните временски настани стануваат се почести и потешки поради климатските промени предизвикани од човекот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Италија прогласи петдневна жалост за смртта на папата Францискo

Советот на министрите на италијанската влада денес прогласи петдневна национална жалост за смртта на папата Францискo.
Периодот на жалост почнува денес, потврдија владини извори, пренесува „Анса“.
Советот на министрите денес свика вонредна седница за да разгледа неколку прашања, вклучително и прогласување ден на жалост.
Папата Францискo почина во понеделникот во ватиканската резиденција „Санта Марта“ во 7.35 часот наутро од мозочен удар, проследен со кома и неповратен кардиоваскуларен колапс.
Погребот на папата Францискo ќе се одржи в сабота, 26 април, во 10 часот наутро на плоштадот пред базиликата „Свети Петар“, објави „Анса“ повикувајќи се на соопштението од Ватикан.
Телото на папата Францискo моментно е изложено во капелата на резиденцијата „Санта Марта“, каде што тој живееше во текот на 12-те години додека беше на чело на Римокатоличката црква, објави „Ројтерс“.
На плоштадот Свети Петар во Рим, денес, во 19.30 часот, ќе се одржи молитва предводена од деканот на Колеџот на кардиналите, кардиналот Џовани Батиста Ре.
Свет
Гор: „Администрацијата на Трамп е како нацистичка Германија“

Поранешниот потпретседател на Соединетите Американски Држави, Ал Гор, ја спореди администрацијата на Доналд Трамп со нацистичка Германија.
Зборувајќи на митингот по повод почетокот на Неделата на климата во Сан Франциско, тој рече дека администрацијата на Трамп се обидува да создаде своја преферирана верзија на реалноста со цел да ги постигне своите сеопфатни цели слични на нацистичката партија на Адолф Хитлер во 30-тите и 40-тите, објавува „Политико“.
„Многу добро разбирам зошто е погрешно да се споредува Третиот Рајх на Адолф Хитлер со кое било друго движење. Тоа беше уникатно зло, точка. Сфаќам. Но, постојат важни лекции од историјата на тоа зло што се појави“, рече Гор, кој беше потпретседател под Бил Клинтон.
Претставниците на Белата куќа не ги коментираа изјавите на Гор.
Свет
Путин нема да присуствува на погребот на папата

Руската државна агенција ТАСС објави дека претседателот Владимир Путин не планира да присуствува на погребот на папата Франциско повикувајќи се на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Претседателот нема такви планови“, изјави Песков пред новинарите, според агенцијата, додавајќи дека сè уште не е донесена одлука за тоа кој ќе ја претставува Русија на испраќањето во Ватикан.
Путин последен пат го посети папата Франциско во Ватикан во јули 2019 година.
Телото на папата Франциско ќе биде префрлено во базиликата „Свети Петар“ в среда наутро во 9 часот, објави Ватикан.
Неговото тело моментно е положено во ковчег во капелата на Каса Санта Марта, каде што живеел за време на своето 12-годишно папство.
Ватикан денес објави дека погребот на папата Франциско ќе се одржи в сабота во 10 часот на плоштадот Свети Петар. Тој ќе биде погребан во базиликата „Света Марија Голема“ во Рим.
На последното збогување ќе присуствуваат стотици илјади верници, како и странски лидери, како што се американскиот претседател Доналд Трамп, францускиот претседател Емануел Макрон и украинскиот претседател Володимир Зеленски.