Свет
(Видео) Олимписки игри во Париз 2024: церемонијата на отворање започна со пловење по Сена
Олимписките игри во Париз беа свечено отворени со свечена церемонија која се разликува од сите досегашни, бидејќи парадата на најдобрите спортисти на планетата првпат не беше организирана на стадионот.
Овие, 33. Олимписки игри, беа отворени со пловење по реката Сена, каде што повеќе од 10.000 спортисти од светот во чамци им мавтаа на стотици илјади гледачи на брегот на познатата река што тече низ главниот град на Франција.
Со димни сигнали во боите на француското знаме, настапот на Лејди Гага, американската пејачка и стотици танчерки на бреговите и мостовите, првите натпреварувачи беа од Грција што испловија по Сена, што е обичај во најголемиот светски спортски настан, кој потекнува од таа европска земја.
Дожувувањето на стотици илјади гледачи низ Париз донекаде го расипа дождот, кој паѓаше цел ден во француската престолнина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Кремљ реагираше на експлозијата на пејџерите: „Ситуацијата ќе излезе од контрола“
Кремљ предупреди дека нападот со експлозивни пејџери врз либанската група Хезболах и други може да предизвика поширок регионален конфликт и повика на истрага за да се утврдат сторителите.
Илјадници пејџери беа детонирани во нападот во вторникот низ Либан, при што загинаа девет лица, а беа ранети речиси 3.000 други, вклучително и борците на Хезболах и иранскиот пратеник во Бејрут.
Висок либански безбедносен извор и друг извор изјавија за Ројтерс дека израелската разузнавачка служба Мосад поставила експлозиви во 5.000 пејџери увезени од либанската група Хезболах неколку месеци пред детонациите.
Тајванската компанија, чии пејџери се во прашање, објави дека нема никаква врска со нив и дека за нив е одговорна компанијата со седиште во Унгарија, која има право да го користи нивниот бренд во производството на пејџери.
„Она што се случи, што и да беше, секако води до ескалација на тензиите. Самиот регион (Блискиот Исток) е во експлозивна состојба, и секако инцидент како овој, кој било од нив, има потенцијал да биде поттик за ситуацијата да излезе од контрола“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Се разбира, сметаме дека треба да се спроведе детална истрага за овој инцидент, да се утврдат причините и околностите за тоа што се случи и, се разбира, да се идентификуваат одговорните за овие масовни експлозии на комуникациска опрема“, рече тој.
Наодите од таквата истрага ќе им овозможат на специјалистите да го елиминираат ризикот нешто слично да се случи во Русија или на друго место, додаде Песков.
Свет
Русија го осудува нападот без преседан врз Либан и повикува на темелна истрага
Претставничката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, денеска изјави дека Руската Федерација најостро го осудува нападот без преседан врз Либан и неговите граѓани и ги повикува сите инволвирани страни да покажат воздржаност за да се спречи понатамошна дестабилизација на ситуацијата на Блискиот Исток.
Пејџерите што ги користеа членовите на Хезболах експлодираа истовремено во вторникот во јужен Либан, а Хезболах денеска соопшти дека бројот на загинати во експлозијата на пејџерите се искачи на 12 откако уште тројца оперативци на групата им подлегнаа на повредите, објави „Тајмс оф Израел“.
Русија го гледа тој инцидент „како уште еден чин на хибридната војна против Либан, во која загинаа илјадници невини луѓе“, рече таа, пренесува ТАСС.
Свет
Будимпешта се подготвува за поплави – се поставуваат бариери пред куќите и брани околу Дунав, за викендов најавена опасноста
Во градовите северно од Будимпешта, властите поставија мобилни брани за да ги ограничат поплавите од Дунав. Будимпешта се подготвува за рекордно ниво на вода, поради што е затворен островот Маргит, одморалиште со хотели и ресторани.
На сила стапи указот на унгарскиот премиер Виктор Орбан за заштита од поплави, според кој беа наредени координирани мерки за заштита на целата територија на Унгарија, а Орбан денеска изјави дека во тек е најтешката фаза на заштита.
Циклонот Борис донесе многу дожд низ Европа и предизвика поплави, кои стигнаа и до Унгарија, каде Дунав се излеа од коритата. Се наведува дека моменталниот водостој на Дунав е 683 сантиметри, додека вчера бил под 600 сантиметри.
Поплавен е кејот покрај Дунав, а врвот на поплавниот бран, како што изјави градоначалникот на Будимпешта, се очекува да биде во недела, иако вчера беше најавено дека ќе биде ноќта меѓу петок и сабота.
Разорните поплави предизвикаа пустош во Полска, Австрија, Чешка, Словачка и Романија, а според последните информации, најмалку 20 луѓе загинале низ Стариот континент. Во Словачка, министерот за животна средина, Томаш Тараба, рече дека нивото на водата на Дунав во текот на ноќта достигнала речиси 10 метри и дека нема така лесно да се спушти. Тој додаде дека штетите од поплавите низ државата се проценуваат на околу 20 милиони евра.