Свет
(Видео) Откажан лет за Канада бидејќи тригодишно девојче не носело маска

Авионскиот лет за Канада бил откажан затоа што тригодишно девојче не носело маска, а била повикана и полицијата, пренесува Би-би-си.
Садван Чудри, патникот кој требало да лета со „Вeст џет“, вели дека авиокомпанијата инсистирала на тоа неговата 19-месечна ќерка да мора да носи заштитна маска.
Но, од авиокомпанијата велат дека проблемот не бил во 19-месечното девојче, кое дури не морало да носи маска, туку во тригодишната ќерка на Чудри.
Би-би-си пишува дека летот „652“ од Калгари до Торонто бил откажан во вторникот наутро. На патниците им било речено да го напуштат авионот.
Чудри за Би-би-си изјави дека неговата постара ќерка, која има три години, јадела пред полетувањето. Во тој момент стјуардесите се приближиле до Чудри и го замолиле двете негови ќерки да стават маски на лицето. Тој вели дека и тој и неговата сопруга носеле маски.
Чудри ги замолил стјуардесите да бидат трпеливи за да може неговата постара ќерка да заврши со јадењето, но му било кажано дека имаат политика на нулта толеранција и дека нема да ја затворат вратата на авионот додека не ја стави маската. Чудри вели дека се согласил и ветил дека веднаш ќе им стави маски.
Тој за Би-би-си изјави дека на неговата тригодишна ќерка, по краткото негодување, ѝ ставил маска на лицето.
„Но, мојата помлада ќерка се бореше со тоа, таа практично беше хистерична“, рече Чудри додавајќи дека била толку вознемирена што повраќала.
Тој тврди дека вработените во „Вeст џет“ биле агресивни и му рекле дека целото семејство ќе мора да го напушти авионот затоа што неговата најмала ќерка не носела маска. Исто така, додава дека му било кажано дека ако не го напуштат авионот, може да бидат уапсени, обвинети и да завршат во затвор.
Чудри вели дека и тој и неговата сопруга на крајот се согласиле да го напуштат авионот.
Подоцна дознал дека официјалните патнички правила во Канада налагаат само деца над две години да носат маска, поради што неговата 19-месечна ќерка не морала да носи маска.
Во „Вeст џет“ го негираат тврдењето на Чудри дека тригодишното дете ставило маска на лицето.
„Родителите одбија да му стават маска на детето кое е постаро од две години поради што нашиот екипаж ги информира возрасните за прописите што треба да ги почитуваме. Нашиот екипаж побара присуство на органите на власта кога патниците одбија да ги почитуваат канадските мерки за превоз, а потоа одбија да го напуштат авионот“, се вели во соопштението на „Вeст џет“.
Видеото што го сними Чудри на својот мобилен телефон и го објави на „Твитер“ ја покажува неговата постара ќерка како носи маска откако полицијата влегла во авионот.
Чудри изјави дека некои од патниците му биле лути на неговото семејство, иако огромното мнозинство го поддржувало. Многумина застанале во нивна одбрана, додека најмладата ќерка плачела, вели Чудри.
Во тој момент екипажот на авионот повикал полиција, вели Чудри, по што тие го напуштиле авионот. Летот потоа бил откажан и преместен за следниот ден.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Орбан: Војната во Украина нема да заврши додека Трамп и Путин не седнат на преговарачка маса

Унгарскиот премиер Виктор Орбан повика на директна средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и неговиот американски колега Доналд Трамп, опишувајќи го тоа како единствен реалистичен начин за завршување на конфликтот во Украина, објавува „24.ху“.
Во интервју за „Јутуб“ каналот Ultrahang објавено вчера, Орбан го нарече Трамп човек на мирот, но изрази скептицизам во врска со искреноста на другите западни влади и функционери во Киев.
„Сите велат дека сакаат мир, но војната сè уште трае. Тоа значи дека некој лаже“, рече тој, обвинувајќи ги некои страни дека имаат свои интереси во продолжувањето на војната.
„Тие сакаат војната да продолжи, без разлика што велат. Договорот нема да дојде од Киев. Мора да дојде од Вашингтон и Москва. Дотогаш, нема да има мир. Конфликтот нема да заврши сè додека рускиот и американскиот претседател не седнат на преговарачка маса“, рече Орбан.
Тој изрази надеж дека таков состанок би можел да постави основа за широк договор што би ја опфатил не само Украина, туку и глобалната трговија и контролата на оружјето.
Претходно оваа недела Трамп изјави дека е многу, многу незадоволен од Путин и им се закани на трговските партнери на Москва со сериозни секундарни тарифи ако нема дипломатски напредок во рок од 50 дена.
Будимпешта постојано ги критикува напорите за вооружување на Киев и се спротивставува на неговите амбиции за членство во ЕУ и НАТО, предупредувајќи дека тоа го продолжува конфликтот на сметка на европската економија и даночните обврзници.
Откако се врати на функцијата во јануари, Трамп имаше неколку телефонски разговори со Путин и размени изјави за тоа кој е одговорен за недостатокот на напредок – Москва или Киев.
Свет
„Волстрит џурнал“: Трамп со цртеж од гола жена и порака за „прекрасна тајна“ му го честитал роденденот на Епштајн

„Волстрит журнал“ денес објави дека името на Доналд Трамп се појавило на лична порака до Џефри Епштајн од 2003 година, на која американскиот претседател одговорил дека е лажна.
Весникот пишува дека писмото е едно од неколкуте во албум со кожен повез посветен на прославата на 50-тиот роденден на Епштајн, околу три години пред да се појават обвинувањата за сексуална злоупотреба против финансиерот.
Трамп брзо одговори на објавата на неговата платформа „Тру соушал“, велејќи дека ќе ги тужи весникот и Руперт Мардок, кој го контролира неговиот издавач, „Њуз корп“.
„Волстрит журнал и Руперт Мардок беа лично предупредени директно од претседателот Доналд Џ. Трамп дека наводното писмо е лажно и дека ако го објават, ќе бидат тужени“, напиша Трамп.
„Никогаш во животот не сум нацртал слика“, објави Трамп, а потоа додаде: „Тоа не е мој јазик. Тоа не се мои зборови“. Недолго потоа, корисниците на социјалните мрежи се сетија дека во 2005 година, Трамп нацртал цртеж од хоризонтот на Њујорк за хуманитарна аукција. Цртежот бил повторно продаден во 2017 година за 30.000 долари.
Портпаролот на „Волстрит журнал“ и нејзината матична компанија, одби да коментира за нивната приказна и заканата на Трамп за тужба.
Весникот објави дека писмото, на кое го пишувало името на Трамп, содржело неколку реда текст врамени со контура на гола жена, која изгледала како рачно нацртана со дебел маркер. Весникот објави дека писмото завршува со „Среќен роденден – и нека секој ден биде уште една прекрасна тајна“ и е потпишано со „Доналд“.
Потпретседателот Џ.Д. Венс одговори на сторијата на платформата „Икс“ велејќи: „Извинете за мојот јазик, но оваа сторија е целосна и апсолутна глупост. Волстрит журнал треба да се срами од себе што ја објави“. Други влијателни личности од американската десница, кои досега инсистираа на транспарентност во врска со случајот на Епштајн, застанаа во одбрана на претседателот. Сега тие изјавија дека не веруваат во сторијата.
Според информациите од „Волстрит журнал“, писмото со потпис на Трамп било дел од албум составен за 50-тиот роденден на Епштајн од Гислен Максвел, негова блиска соработничка, која подоцна била осудена за трговија со деца за сексуална злоупотреба поврзана со Епштајн. Максвел наводно ги собрала писмата.
Тој албум бил меѓу документите што години подоцна ги прегледало Министерството за правда на САД за време на истрагата за Епштајн, пишува весникот.
Трамп бил постојано фотографиран со Епштајн во текот на 1990-тите и почетокот на 2000-тите, а неговото име се појавува во дневниците за летови на приватниот авион на Епштајн. Но, Трамп тврди дека го прекинале контактот пред Епштајн да се изјасни за виновен во 2008 година за подведување малолетници. Тој додаде дека не разговарале најмалку 15 години пред повторното апсење на Епштајн во 2019 година.
Вчера беше објавено дека администрацијата на американскиот претседател ќе побара од судот да дозволи објавување на транскриптите од големата порота во случајот на починатиот Епштајн. Соопштението доаѓа откако некои поддржувачи на Трамп реагираа жестоко на извештајот во кој се заклучува дека нема докази што би ги поткрепиле некои долгогодишни теории за случајот на Епштајн.
Министерството за правда и ФБИ минатата недела изјавија дека нема докази дека Епштајн, обвинет за подведување малолетни девојчиња, наводно на моќни и познати поединци, имал „листа на клиенти“ или уценувал моќни и влијателни личности.
Тие исто така го отфрлија тврдењето дека Епштајн бил убиен во затвор, потврдувајќи дека извршил самоубиство со бесење. Додадоа дека повеќе немаат намера да објавуваат информации за истрагата.
„Врз основа на смешниот обем на публицитет што му беше даден на Џефри Епштајн, ја замолив државната обвинителка Пам Бонди да ги обезбеди сите релевантни сведочења од големата порота, под услов судот да одобри. Оваа измама, извршена од демократите, треба веднаш да престане!“, напиша Трамп на својата платформа „Тру соушал“.
Кратко по изјавата на Трамп, Бонди изјави на „Икс“ дека Министерството за правда е подготвено денес да побара од судот да ги објави тие транскрипти. Бонди неколку месеци претходно најави објавување на големи откритија за Епштајн, вклучувајќи „многу имиња“ и „многу записи за летови“.
Свет
Маск: Не можам да верувам дека Епштајн се самоубил пред да сфати дека сето тоа е измама

Aмериканскиот мултимилијардер Илон Маск се осврна на случајот со починатиот милијардер, педофилот Џефри Епштајн во објава на социјалната мрежа „Икс“.
„Воау, не можам да верувам дека Епштајн се самоубил пред да сфати дека сето тоа е измама“, напиша Маск.
Американскиот претседател Доналд Трамп ги налути своите поддржувачи кога соопшти дека нема да објави никакви дополнителни досиеја за Епштајн, богат финансиер и осуден сексуален престапник кој почина под сомнителни околности во затвор во 2019 година.
Маск објави пред неколку недели дека името на Трамп се појавило во тие досиеја. Минатата недела, ФБИ информира дека списокот на клиенти на Епштајн не постои, неколку месеци откако главниот обвинител на Трамп, Пам Бонди, тврдеше дека копија од списокот се наоѓа на нејзината маса.
Со години, Трамп ги уверуваше своите поддржувачи дека ќе го објави познатиот „список на клиенти“ на Епштајн, кој наводно вклучува познати личности и политичари од висок профил.
Дополнително, ФБИ и Министерството за правда го отфрлија тврдењето дека Епштајн бил убиен во затвор, инсистирајќи дека неговата смрт била самоубиство.
Трамп, кој се појавува во најмалку едно видео старо неколку децении на забавата на Епштајн, ги негираше тврдењата дека неговото име е во досиејата. Тој исто така изјави дека немал директен контакт со Епштајн, односно дека не бил пријател со него најмалку 18 години пред неговата смрт.