Свет
(Видео) Уапсени Палестинци кои го поддржуваат планот на Израел
Палестинската власт уапси неколку Палестинци кои се изјасниле дека го поддржуваат планот на Израел да ги примени своите закони на делови од Западниот Брег, пренесува „Франс прес“.
Во емисија емитувана во јуни на израелската телевизија израелскиот известувач за арапски работи Зви Јечезкели интервјуираше Палестинци на улица за нивните ставови за оваа проблематика. Многумина изразија надеж дека Израел навистина ќе го примени суверенитетот на областите во кои живеат.
„Сакам израелска лична карта“, вели еден Палестинец. Друг изјави дека не ги гледа Израелците како непријатели, туку дека нивната влада е непријател. Трет анкетиран рече дека го избрал Израел и дека не се плаши јавно да зборува.
Во друг извештај на „Брејтбарт“ објавен во истиот период беа добиени слични одговори.
„Мислам дека ќе биде подобро да се живее според израелскиот закон. Сè е подобро од палестинската власт што само ни ги украде парите“, изјави И. од северниот Западен Брег во анкетата.
Друг анкетиран рече: „Прашајте ме мене или некој од моите пријатели. Сите претпочитаме да бидеме под Израел. Можеби ќе имаме подобри работни места, поголеми плати, сè е подобро од ова“.
Извештајот на „Брејтбарт“ првично содржи идентификациски детали, вклучувајќи имиња и локации, со експлицитна дозвола на интервјуираните кои изјавија дека не се плашат да зборуваат за тоа што мислат. Сепак, откако дозна дека некои од интервјуираните од страна на Јечезкели биле уапсени од палестинската полиција, „Брејтбарт“ одлучи да ги редактира тие детали.
Извештајот на „Франс прес“ го цитира Јечезкели, кој вели дека најмалку шест Палестинци кои ги интервјуирал биле уапсени.
„Се изненадив кога видов дека иако ги замаглував лицата на сите луѓе кои ги снимав и ги модифицирав нивните гласови, Управата стигна до нив и уапси некои од нив, тоа е едноставно неверојатно“, рече Јечезкели за АФП.
Од Рамалах негираат дека уапсиле некого, но сепак се потврдени изјавите на палестинските извори, вклучително и оној кој рекол дека негов роднина неколку недели е во притвор кај палестинската полиција и наскоро треба да оди на суд откако му кажал на Јечезкели дека и покрај стравот од апсење, се надева дека Израел ќе им даде државјанство.
Т.н. Визија за мир на американскиот претседател Доналд Трамп предвидува Израел да анектира 30 отсто од Западниот Брег и долината на Јордан. Исто така, се разграничува демилитаризирана палестинска држава основана на поголемиот дел од Западниот Брег со делови од источен Ерусалим, кои се наоѓаат надвор од израелската безбедносна ограда, како нејзин главен град.
Официјални претставници на Палестинската самоуправа предупредуваа за трета Интифада ако Израел продолжи со плановите за анексијата. Палестинското раководство предупреди и дека еднострано ќе прогласи држава заснована на линиите од пред 1967 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски: Присуството на меѓународни трупи ќе биде вистинска безбедносна гаранција
Присуството на меѓународни сили во Украина ќе ги зајакне безбедносните механизми што веќе ги предложија партнерите на Киев, изјави денес украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Верувам дека присуството на меѓународни трупи ќе биде вистинска безбедносна гаранција, тоа е зајакнување на безбедносните гаранции што нашите партнери веќе ни ги нудат“, рече Зеленски, како што објави Укринформ.
Според него, таквото присуство ќе им даде доверба, пред сè, на украинските граѓани, како и на цивилите и армијата, украинските компании и меѓународните инвеститори, дека Русија нема да ја повтори агресијата врз мирна Украина.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, синоќа изјави дека, заедно со европските лидери, имала „многу добар“ разговор со американскиот и украинскиот претседател, Доналд Трамп и Володимир Зеленски, по нивната средба во Флорида.
Според неа, најважно е Украина да има „цврсти безбедносни гаранции“ од првиот ден кога мировниот договор, за кој се преговара, ќе стапи на сила.
Украина и Соединетите Американски Држави имаат заеднички став за потребата од дипломатски крај на војната, но во случај Русија да го отфрли мировниот договор, меѓународната поддршка за Украина ќе остане непроменета, изјави претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
„Нема алтернатива на мирот. Го делиме ставот со Американците и имаме единствена позиција тука, дека војната треба да се заврши преку дипломатија и да се изврши притисок врз Русија. Во спротивно, војната ќе продолжи. Секако, ако војната продолжи, Американците, заедно со Европејците, ќе продолжат да ѝ помагаат на Украина. Ние се браниме во оваа војна, ние се бориме. Ние не сме агресори“, рече Зеленски, објави Укринформ.
Зеленски вчера разговараше со американскиот претседател во резиденцијата на Трамп во Мар-а-Лаго за можноста за продолжување на безбедносните гаранции на САД за Украина за период од 30 до 50 години, пренесува Танјуг.
Претседателот на Украина, денес изјави дека не ја исклучува можноста за формирање работна група за изготвување на мировен договор, во која би учествувале четири страни, а во која би учествувале и претставници на Русија.
„Што се однесува до нашите работни групи, украинско-американската работна група веќе постои, таа покажа резултати, разви соодветни документи. Потоа имаше документи каде што ни беа потребни европски партнери, имавме трилатерална работна група и нејзин состанок во Берлин. Сега, кога ќе преминеме, се надевам брзо, на план од 20 точки што треба да го потпишат четири страни – Украина, Европа, Соединетите Американски Држави и Русија, тогаш техничката група веројатно треба да има четири страни. Тоа е во ред за нас“, рече Зеленски, пренесува Укринформ.
Според него, во моментов се поставуваат прашања за можноста за трилатерален состанок – претставници на САД, Украина и Русија на ниво на лидери или телефонски разговори.
„Уште еднаш нагласувам дека не се криеме од никого, отворени сме за сите опции од форматот што можат да нè доближат до завршување на војната“, додаде тој.
Зеленски појасни дека вчера имал средба со американскиот претседател Доналд Трамп.
„Тој ми рече дека нашите тимови ќе работат сега и дека ќе ме повика подоцна. Му кажав и се согласивме дека сите наши советници ќе дојдат во Киев, ќе собереме сè сега. Во наредните денови, а не недели – бидејќи мора да дејствуваме брзо“, рече тој.
Зеленски додаде дека потоа ќе се одржи средба со европските лидери.
„Ќе се обидеме да ги собереме сите некаде во Европа, а потоа ќе направиме сè за да имаме конструктивен состанок во Соединетите Американски Држави на ниво на лидери и со претседателот на Соединетите Американски Држави“, рече тој.
Основниот документ меѓу Украина, САД, Русија и Европа за завршување на војната од 20 точки мора да биде ратификуван со референдум, рече Зеленски за време на интервјуто со новинарите.
„Веруваме дека планот од 20 точки треба да биде ратификуван на референдум, тоа е најсилниот историски знак за моќта на овој документ. И навистина би сакале да го направиме тоа. Секако, не сите се позитивни по ова прашање. Но, ова дефинитивно води кон отворено изразување на волјата не на една личност, не на 450 луѓе, туку на милион луѓе“, рече Зеленски.
Тој истакна дека ставот на Русија кон референдумот во Украина не е позитивен.
„Референдумот бара безбедност, безбедносна инфраструктура. Ова значи дека е потребно прекин на огнот. А Русите не сакаат да ни дадат прекин на огнот колку што е потребно за да се одржи референдумот. За нас, тоа е период од 60 дена“, рече Зеленски.
Во исто време, според него, безбедносните гаранции мора да имаат сила потврдена со повеќе од еден потпис.
„Силата на овие договори, силата на признавањето на овие договори. Украина го имаше меморандумот од Будимпешта, го потпишаа личности. Не функционираше. Потоа беа договорите од Минск, кои нè доведоа до војна од ваков обем. Сите овие документи не функционираа. Сега се согласивме“.
Свет
Пукање во Турција: убиени тројца полицајци и шест члена на ИСИС
Тројца турски полицајци беа убиени, а девет други ранети во размена на оган со членови на терористичката група Исламска држава за време на антитерористичка операција во покраината Јалова, соопштија властите.
Судирот се случил околу 3 часот наутро по локално време кога полицијата извршила рација во куќа во селото Елмалик, на девет километри од центарот на Јалова на северозападниот дел од земјата. Се претпоставувало дека членови на Исламската држава престојуваат во куќата.
Осомничените отвориле оган кога полицијата се приближила. Според достапните информации, шест члена на Исламската држава биле убиени во судирот. На ранетите полицајци им била укажана медицинска помош во Болницата за обука и истражување во Јалова.
Специјалните сили од соседната провинција Бурса исто така беа вклучени во операцијата, а безбедноста околу местото на настанот беше дополнително засилена. Наставата беше прекината во пет блиски училишта, а патиштата што водат до куќата беа затворени.
Турскиот регулатор за електронски медиуми воведе привремена забрана за известување за инцидентот, со упатства за објавување само официјални информации. Операцијата доаѓа во време кога турските власти ги засилија антитерористичките напори пред новогодишните прослави по предупредувањата од разузнавањето за можни напади од страна на Исламската држава.
На 25 декември полицијата во Истанбул приведе 115 осомничени членови на Исламската држава во рации на 124 локации по дојава дека групата планира напади за време на прославите на Божиќ и Нова година. Издадени се налози за апсење 137 лица, а полицијата заплени оружје и муниција. Потрагата по преостанатите 22 осомничени е во тек.
Фото: depositphotos.com
Свет
(Видео) Израелската армија доби ново моќно оружје – „Железниот зрак“
Израелското Министерство за одбрана објави дека првиот оперативен систем за пресретнување ракети со ласер со голема моќност, развиен од „Рафаел адвансд дифенс системс“, е испорачан на армијата вчера. Системот се нарекува „Железен зрак“.
Системот, кој успешно пресретна ракети, минофрлачки гранати и беспилотни летала за време на обемни тестирања, ќе биде преземен од воздухопловните сили и интегриран во повеќеслоен систем за воздушна одбрана, заедно со постојните системи Iron Dome, David’s Sling и Arrow.
Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, го нарече предавањето историски момент велејќи дека тоа е првпат во светот систем за пресретнување со ласер со голема моќност да достигне оперативна зрелост. Тој додаде дека системот ги менува правилата на играта и испраќа јасна порака до сите непријатели – не нè искушувајте.
Генералниот директор на Министерството за одбрана, Амир Барам, изјави дека испораката означува премин од фазата на развој кон сериско производство нарекувајќи го „Железниот зрак“ само почеток на технолошка револуција. Тој нагласи дека се очекува системот значително да ги подобри одбранбените способности на Израел, но и односот на трошоците помеѓу заканите и скапите пресретнувачи.

