Свет
(Видео) Ретка појава на португалските плажи: небото потемне, брановидни облаци зафатија дел од брегот
Континенталниот дел на Португалија е погоден од силен топлотен бран, а неколку области се под црвена временска тревога. Во неделата екстремната топлина предизвика појава на необични метеоролошки феномени, како што се ненадејни врнежи од дожд, силен ветер и град. Ретки брановидни облаци се појавија и на некои португалски плажи.
Континенталниот дел на Португалија моментно се соочува со топлотен бран, кој го зафати поголемиот дел од Западна Европа, со температури што достигнаа до 42 Целзиусови степена во некои делови од Иберискиот Полуостров, Грција и во Франција.
Топлината предизвика широк спектар на нестабилни временски феномени во Португалија, како што се ненадејни поројни дождови, силни грмотевици и град. Овие феномени беа поинтензивни во внатрешноста на земјата.
Во неделата стотици капачи беа изненадени од густата облачност што излезе од океанот и се движеше кон плажата. Феноменот, познат како облак од бранови, погоди неколку плажи по должината на португалскиот брег во текот на попладневните часови.
Снимките бргу се проширија на социјалните мрежи.
Брановидните облаци се редок метеоролошки феномен што се создава со интеракција на воздушни маси со разни температури и морскиот ветрец. Овие облаци се цевчести по форма и се движат хоризонтално. Иако изгледаат како огромен бран, тие немаат никаква врска со цунами.
Како што се приближуваа облаците, се појави силен ветер што ги изненади капачите.
Со оглед на тоа што се очекува температурите дополнително да се зголемат во текот на неделата, стравот од големи пожари расте. Националната служба за цивилна заштита издаде предупредување до населението заедно со превентивни мерки и други препораки.
Во соопштението се наведува дека ризикот од пожар во руралните области е многу висок до максимум во внатрешноста на северот и центарот и во Алгарве.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Вдовицата на првата жртва од Чернобил загина во рускиот напад врз Киев
Наталија Ходемчук, вдовицата на Валериј Ходемчук, првата жртва на нуклеарната катастрофа во Чернобил во 1986 година, почина во Киев од тешките повреди здобиени за време на масовниот руски напад во ноќта меѓу 14 и 15 ноември.
Државната агенција за управување со забранетата зона соопшти дека Ходемчук (73) била тешко повредена кога дрон погодил станбена зграда во реонот Троешчина, при што нејзиниот стан целосно изгорел, пренесува „Киев Индипендент“.
Таа била пренесена во Центарот за изгореници, но лекарите не успеале да ѝ го спасат животот. Со нејзината смрт, бројот на загинатите во ракетниот и дрон-нападот врз Киев на 14 ноември се искачи на седум, а најмалку 36 лица беа ранети. Штета е нанесена во девет реони на украинската престолнина.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во објава на социјалната мрежа „Х“ ја коментираше нејзината смрт, оценувајќи ја како „нова трагедија предизвикана од Кремљ“.
„Украинците кои го преживеаја Чернобил, кои помогнаа земјата да се обнови по таа катастрофа, повторно се соочуваат со опасност – со теророт на агресорската држава“, истакна Зеленски.
Нуклеарната несреќа во Чернобил се случи на 26 април 1986 година, во време кога Украина беше дел од Советскиот Сојуз. Несреќата во Чернобил и денес се смета за најтешка нуклеарна катастрофа во историјата на нуклеарната енергетика според бројот на цивилни жртви.
Валериј Ходемчук загина веднаш по експлозијата во нуклеарната електрана и се смета за првата жртва на катастрофата. Неговото тело никогаш не беше пронајдено.
Споменикот на Ходемчук е вграден во саркофагот на нуклеарната електрана во Чернобил.
Свет
Русија го зголемува ДДВ-то на 22% поради забавување на економијата
Русија ќе го зголеми данокот на додадена вредност (ДДВ) од 20% на 22% од 1 јануари, како дел од мерките за стабилизирање на државниот буџет по забавување на економијата. Владата прогнозира дека ова ќе донесе дополнителни 1 трилион рубли (10,8 милијарди евра) во државните приходи, откако економијата порасна само 1% во 2025 година, по раст од над 4% во 2023 и 2024 година.
Промените ќе ги погоди и малите и средни бизниси. Во моментов, компании со приходи до 60 милиони рубли (околу 645.000 евра) се ослободени од ДДВ, но овој праг постепено ќе се намали на 10 милиони рубли (107.000 евра) до 2028 година. Мали продавници, салони за убавина и други локални бизниси се загрижени дека нема да можат да го издржат дополнителниот финансиски притисок.
Дополнително, владата предложи зголемување на даноците на алкохол, пиво, вино, цигари и електронски цигари како дел од својата стратегија за зголемување на приходите.
Економското забавување и зголемувањето на даноците се знаци дека Путин и обичните Руси веројатно ќе се соочат со избор помеѓу „оружје и путер“ во наредните месеци, како што објавува Асошиејтед Прес – односно, помеѓу воените трошоци и благосостојбата на потрошувачите.
Свет
Индија уапси жител на Кашмир поради експлозија на автомобил во Делхи
Федералната антитерористичка агенција на Индија го уапси Амир Рашид Али од Кашмир, кој е обвинет за заговор со наводниот бомбаш-самоубиец Умар Ун Наби, жител на Пулвама, за експлозијата во Делхи минатата недела. При нападот загинаа осум лица, а најмалку 20 беа повредени.
Националната истражна агенција соопшти дека Али дошол во Делхи за да го олесни купувањето на автомобилот користен како „импровизирана експлозивна направа“.
Запленети се и други возила за испитување, а се испитани 73 сведоци, вклучувајќи ги и повредените.
Владата го третира инцидентот како „терористички напад“ и најави дека сторителите ќе бидат изведени пред лицето на правдата.
Експлозијата се случи пред историската Црвена тврдина и е прва ваква во Делхи од 2011 година.

