Свет
(Видео) Семејство бездомници спиело во комбе во Детроит три месеци: две деца премрзнале до смрт

Две мали деца – двегодишно девојче и деветгодишно момче – се смрзнаа на почетокот на неделава додека спиеја со членовите на своето семејство во комбе паркирано во гаража во центарот на Детроит. Мајката на децата, идентификувана како 29-годишната Татеона Вилијамс, невработена медицинска помошничка, живеела во комбе со петте деца и својата мајка во последните три месеци.
Полицијата соопшти дека Вилијамс го паркирал комбето на деветтиот кат од гаражата на Холивуд Казино Хотел околу 01:00 часот во понеделникот, кога надворешната температура била -11 степени Целзиусови. Во еден момент комбето останало без гориво, па семејството останало без топлина. Шефот на полицијата Тод Бетисон изјави дека семејството спиело во комбе на различни паркинзи во последните три месеци.
Во понеделникот наутро мајката се обидела да ги разбуди децата за на училиште и забележала дека деветгодишното дете не се движи. Се јавила на пријател, кој итно ги однел неа и детето во Детската болница. Во меѓувреме и се јавила мајката на Вилијамс за да ја извести дека и двегодишното дете не дише. Двете деца биле прогласени за мртви поради очигледна хипотермија.
Шокантните настани предизвикаа бес низ градот. За да го смири гневот на јавноста, демократскиот градоначалник Мајк Дуган одржа прес-конференција, тврдејќи дека градот има доволно услуги за да им помогне на бездомните семејства. Додаде дека семејството требало да побара помош.
Сепак, тој подоцна призна дека мајката постојано барала помош во текот на изминатите две години, дури и од градските служби за бездомници и домување, но нејзините барања биле игнорирани или се сметале за неитни.
Видно потресена, младата мајка даде интервју за локалната ТВ станица Еј-би-си.
„Ги молев сите за помош. Се јавив надвор од државата, се јавував во градови кои не ги познавав, се јавував во градови во кои ме упатија другите. Го молев дури и Детроит – долго време сум на списокот на градските служби за бездомници и домување.
Сега сите сакаат да помогнат откако изгубив две деца. Побарав помош… Моите две деца мораа да умрат за да ми помогнат? Доцна е. Изгубив две деца – она што ме направи мајка и она што има само две години. Таа никогаш немаше шанса да живее… Го загуби животот затоа што моравме да спиеме во автомобилот“, изјави Вилијамс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп: Сакам средба со Путин што е можно поскоро

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денес изјави дека сака што поскоро да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин.
Зборувајќи за мировните преговори меѓу Русија и Украина, тој рече дека „е време едноставно да се направи тоа“.
„Ќе го завршиме тоа“, рече Трамп. Тој додаде дека сака средба со Путин „штом може да се организира“, објави Би-Би-Си.
Трамп вчера посочи дека има мали шанси за значителен напредок во мировните преговори сè додека тој и Путин не се сретнат лично.
Американскиот претседател денес го поминува последниот ден од својата турнеја на Блискиот Исток во Обединетите Арапски Емирати, каде што зборуваше на состанок на бизнис заедницата, пренесува Танјуг.
Свет
Кремљ: Путин и Трамп треба да се сретнат

Кремљ денеска соопшти дека средбата меѓу рускиот претседател, Владимир Путин, и американскиот претседател Доналд Трамп е клучна, но дека таа бара значителни подготовки и мора да даде резултати.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков го изјави ова откако Трамп рече дека ќе се сретне со Путин „штом тоа може да се договори“.
„Таква средба дефинитивно е потребна. Потребна е првенствено од гледна точка на билатералните руско-американски односи и од гледна точка на сериозен разговор на највисоко ниво за меѓународните прашања и регионалните проблеми, вклучувајќи ја, се разбира, кризата околу Украина“, рече Песков.
Руските и украинските преговарачи се во петокот во Истанбул на, како што беше наведено, нивни први директни мировни преговори по повеќе од три години, под притисок на американскиот претседател Трамп.
Коментирајќи ги преговорите во Истанбул, Песков рече дека рускиот преговарачки тим е во постојана комуникација со Москва и дека претседателот Путин добива ажурирани информации во реално време.
Свет
Мелони: Потребна е упорност во примирјето меѓу Русија и Украина

Италијанската премиерка Џорѓа Мелони денес изјави дека е потребна упорност во прекинот на огнот меѓу Русија и Украина.
„Мораме да инсистираме на безусловно примирје и договор за прекин на огнот“.
„Не треба да бараме алтернативи, туку да инсистираме на мир, на прекин на огнот“, рече таа во Тирана во пресрет на Самитот на Европската политичка заедница.
На прашањето за имигрантите и договорот со Албанија, Мелони истакна дека работата продолжува и дека ова докажува дека работите одат во вистинската насока.