Свет
(Видео) Тајната палата на Путин обезбедена од копно, вода и воздух
Дури и од притвор, опозиционерот Алексеј Навални е „трн во окото“ на рускиот претседател Владимир Путин.
Неодамна, неговиот тим ги објави резултатите од големата истрага што се однесуваше на богатството на Путин и и` овозможи на јавноста за првпат да ѕирне во палатата на Путин на Црното Море. Документарецот, објавен заедно со истражувањето, го погледнале 22 милиони луѓе за еден ден.
Истрагата содржи обвинувања за неконтролирана корупциска шема поврзана со, како што велат, имотот на Путин од 1,4 милијарди долари. Руските власти сето тоа го негираат.
„Тоа е повторување на една стара приказна. Ако не се лажам, во 2017 или 2016 година, за првпат се појави приказната за таканаречената палата на Путин во Геленџик. Тоа не е точно. Нема палата, тој не поседува никаква палата”, изјави портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, пренесува Си-ен-ен.
Приказната за овој имот првпат се појави пред десетина години кога претприемачот Сергеј Колесников објави отворено писмо во кое го повика тогашниот претседател Дмитриј Медведев да престане со корупцијата што ја финансира изградбата на палатата.
Извештајот и двочасовниот документарец објавен од Антикорупциската институција (ФБК) на Навални нудат широк увид во палатата. ФБК тврди дека добиле детални цртежи на зградата од подизведувачите, како и список на купениот мебел и фотографии од примероците на подовите. Со помош на собрани документи и фотографии, тие изградија 3Д-модел на ентериерот.
„Ова е како држава во држава со која управува вечен император“, рече Навални во документарниот филм. „ Направена е така што никој не може да пристапи до неа од копно, море или воздух. Илјадници луѓе кои работат во палатата имаат забрана да донесат дури и едноставен телефон со камера, но ние ќе ѕирнеме внатре“, вели Навални.
Истрагата на Навални тврди дека имотот има површина 39 пати поголема од областа на Монако, пишува Би-би-си.
Според плановите, самиот замок има 17.691 квадратни метри, и се состои од 11 спални соби, неколку дневни соби и сали, приватен театар, кино, казино, два базена, пекарница и „валкани простории“ од непозната намена. Собите имаат мермерни подови и столбови, а ѕидовите се раскошно украсени, направени по кралските палати во Санкт Петербург. Тие се опремени со кадифе и богати теписи.
Посебен дел од извештајот е посветен на описите на неверојатно скапиот мебел направен по нарачка на луксузна италијанска марка. Меѓу споменатиот мебел се наоѓа маса во вредност од 56 илјади долари и тросед во вредност од 27 илјади долари.
Просторијата што ја нарекоа „најконтроверзна просторија во палатата на Путин“ е салон за наргиле со нешто што потсетува на „шипка за танц“.
Тимот на Навални тврди дека трошоците за изградба на палатата се искачија поради непрекинатите реновирања. Веднаш на почетокот имаше проблеми со вентилација и висока влажност, поради што беа оштетени многу делови од луксузниот ентериер на театарот и стаклена градина од 2.500 квадратни метри.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
ЕУ забранува уништување на непродадена облека и обувки
Европската комисија денеска усвои мерки со кои се спречува уништување на непродадена облека, модни додатоци и обувки, со цел да се поттикне рециклирањето и да се намалат штетите врз животната средина.
„Ова е уште еден чекор во промовирањето на кружната економија низ целата Европска Унија“, соопшти Комисијата.
Забраната за уништување на непродадена облека и обувки ќе биде задолжителна за големите компании од 19 јули оваа година, а за средните претпријатија од 2030 година.
Дополнително, постојните обврски за известување на големите компании за непродадената облека што се прогласува за отпад ќе се прошират и на средните компании до 2030 година.
Се проценува дека секоја година во Европа меѓу 4 и 9 проценти од непродадените текстилни производи се уништуваат пред воопшто да бидат облечени. Овој отпад создава околу 5,6 милиони тони емисии на CO₂, што е речиси еднакво на вкупните нето-емисии на Шведска во 2021 година.
Со Регулативата за еколошки дизајн на одржливи производи, која стапи во сила во јули 2024 година, се настојува значително да се подобри одржливоста на производите што се пласираат на пазарот на ЕУ, преку зголемување на нивната кружност, енергетска ефикасност, можност за рециклирање и трајност.
Со неа се бара од компаниите да објавуваат информации за непродадените производи за широка потрошувачка што ги отфрлаат како отпад. Исто така, се воведува забрана за уништување на непродадена облека, додатоци и обувки.
Свет
Провалил во куќа во Германија, си зготвил вечера и се капел во када, полицијата го привела
Полицијата во Германија добила пријава за провала, а на местото затекнала гол маж кој си подготвил вечера и се капел во кадата.
Провалникот си зготвил оброк и се искапалeл во куќа во која провалил, на балтичкиот остров Риген, соопшти германската полиција.
Соседот во неделата навечер ја алармирал полицијата во градот Ломе, откако забележал дека светлата се вклучени во неколку простории.
Од дворот, полицајците забележале маж како седи во кадата на горниот кат. Кога ги забележал, наводно излегол од бањата.
Полицијата го затекнала гол во куќата. За 25-годишникот е соопштено дека се однесувал агресивно и пружал отпор.
Тој бил приведен, а криминалистичката полиција обезбедила докази на местото на настанот.
Свет
Документите за Епстин ја разнишаа британската политичка сцена, Стармер под притисок
Британскиот премиер Кир Стармер се соочува со силен политички притисок поради одлуката во 2024 година да го именува ветеранот на Лабуристичката партија, Питер Манделсон, за амбасадор на Обединетото Кралство во САД, откако станаа извесни неговите врски со Џефри Епстин.
Контроверзијата дополнително се засили по објавувањето на милиони страници документи од американското Министерство за правда, кои укажуваат на блиски односи меѓу Манделсон и Епстин. Манделсон веќе беше сменет во септември, откако беа објавени мејлови што покажаа дека го одржувал пријателството со Епстин и по неговата осуда во 2008 година за сексуални кривични дела.
Лидерот на лабуристите во Шкотска, Анас Сарвар, побара оставка од Стармер, со што притисокот врз премиерот дополнително се зголеми.
Иако Стармер лично не го познавал Епстин, неговата проценка за именувањето на Манделсон е под сериозна критика. Документите наводно покажуваат дека Манделсон споделувал чувствителни информации со Епстин по финансиската криза во 2008 година, како и уплати во износ од 75.000 долари во 2003 и 2004 година поврзани со негови сметки.
Доколку Стармер поднесе оставка, како можни наследници се споменуваат министерот за здравство Вес Стритинг, поранешната заменик-премиерка Анџела Рејнер и градоначалникот на Манчестер, Енди Барнам.
Стармер се обидува да ја консолидира поддршката во партијата, но дополнителен ризик може да претставува објавувањето на британските досиеја поврзани со проверката при именувањето на Манделсон. Доколку тие не ја разјаснат ситуацијата, позицијата на премиерот би можела дополнително да се разниша.

