Свет
(Видео) Француското МВР сака да ја затвори џамијата што сподели видео кое доведе до обезглавување на професор

Француска џамија изрази жалење што споделила видео за кое се верува дека го предизвикало страшното убиство на професорот по историја и географија, но францускиот министер за внатрешни работи побара таа да биде затворена, пренесува РТ.
Професорот Самуел Пети беше обезглавен минатата недела, откако на својот час покажал карикатури со пророкот Мухамед како дел од лекцијата за слобода на изразување. Полицијата потоа го застрела и го уби осомничениот 18-годишен бегалец од Чеченија.
Убиството, кое се случи во Конфланс-Сан-Онорин, ја потресе Франција предизвикувајќи демонстрации и владина акција против исламскиот екстремизам во земјата.
J’ai demandé au préfet de la Seine-Saint-Denis de faire fermer la mosquée de Pantin qui a relayé la vidéo de haine envers Samuel Paty.#LE20H pic.twitter.com/NuT2ZASZyJ
— Gérald DARMANIN (@GDarmanin) October 19, 2020
Пети стана цел на напад откако таткото на еден од неговите ученици објави неколку видеа на социјалните мрежи во кои го осуди професорот како насилник и рече дека поднел тужба против него. Видеата, наводно, се шират во муслиманската заедница во регионот, а едно од нив дури го сподели и локалната џамија, Големата џамија во Пантин.
Ректорот на џамијата, Мохамед Хениче, рече дека сега жали за одлуката за споделување на клипот, но тврди дека видеото не го идентификувало професорот со име и не претставувало повик за насилство.
„Нема повик за омраза и нема повик против овој професор“, рече тој за „Франсинфо“.
Џамијата го отстрани видеото по убиството на Пети и издаде соопштение во кое го осудува нападот. И покрај нејзините напори да се огради од инцидентот, џамијата е обвинета дека помогнала да се поттикне убиството.
Францускиот министер за внатрешни работи, Жералд Дарманин, тврди дека нејзиниот имам промовирал порака во која се вели дека наставникот треба да биде заплашен и повика на затворање на џамијата, тврдејќи дека таа шири порака на омраза.
Дарманин вети дека ќе ги сузбие непријателските муслимански групи и екстремизмот преку интернет. Човекот кој го снимил видеото подоцна бил уапсен заедно со уште неколкумина, вклучувајќи ги и роднините на осомничениот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Владата на Орбан нема да испраќа оружје за Украина

Унгарскиот шеф на дипломатијата, Петер Сијарто, во разговор за CNN ја брани одлуката на владата на Виктор Орбан да продолжи да купува руски енергенти, но и да не испраќа оружје во Украина.
Унгарскиот шеф на дипломатијата рече дека обидот за замена на руски енергенти со некои други „вклучува префрлање трошоци за унгарскиот народ“.
За одлуката да не ѝ праќаат оружје на Украина, Сијарто рече дека Унгарија „не сака да ризикува руски напад на 150.000 Унгарци кои живеат на западот на Украина“.
„За нас главна цел е да не се мешаме во оваа војна“, рече Сијарто.
Свет
Скелет од горгосаурус на аукција би можел да достигне цена од 8 милиони долари

Скелетот на диносаурусот горгосаурус ќе се најде на аукција за прв пат и се очекува да достигне цена меѓу пет и осум милиони американски долари, објави „Сотби“.
Аукциската куќа на 28 јули ќе го стави на продажба скелетот на диносаурус висок три метри и долг 6,70 метри. „Сотби“ наведува дека е еден од највредните диносауруси што некогаш се појавиле на пазарот.
Горгосаурусот талкал по земјата пред приближно 77 милиони години. Возрасен мажјак тежел околу два тона и бил малку помал од неговиот попознат роднина тираносаурус рекс.
Палеонтолозите велат дека бил пожесток и побрз од Т-Рекс, со јачина на гриз од околу 42.000 њутни, во споредба со 35.000. Скелетот е откриен во формацијата на реката Џудит во близина на Авр, Монтана, во 2018 година.
Ова е прв пат „Сотби“ да стави цел скелет од диносаурус на аукција откако го продаде T-Reкс Сју во 1997 година за 8,36 милиони долари.
Европа
Украинско обвинителство: Русите убиja најмалку 340 деца

Најмалку 340 деца се убиени во руските напади врз Украина, објавија од кабинетот на главната украинска обвинителка.
Од почетокот на војната на 24 февруари година досега се повредени 645 деца, се наведува во соопштението.
„Овие бројки не се конечни и Обвинителството работи на утврдување на точната бројка на самото место на случувањата. Поголемиот дел од овие бројки се однесуваат за регионот на Донбас, па следуваат регионот на Харков и Киев. Голем број жртви се потврдени во Чернихив, Миколаев и Запорожје“, се наведува во соопштението.