Свет
(Видео) Хаос во Казахстан поради цените на гасот: демонстранти влегоа во градоначалничката канцеларија
Демонстранти денеска влегоа во канцеларијата на градоначалникот на Алмати, најголемиот град во Казахстан, по избувнувањето протести поради поскапувањето на енергентите.
Полицијата се обиде со солзавец и шок-бомби да ги растера неколкуте илјади демонстранти, од кои некои беа вооружени со палки и штитови претходно одземени од безбедносните сили.
Полицијата не успеа да ги спречи демонстрантите да влезат во зградата на градската администрација, пренесе агенцијата „Франс прес“.
Над 200 луѓе се приведени во протестите што се проширија во централноазиската земја од Нова година поради поскапувањето на течниот нафтен гас, гориво што често се користи во автомобилите на западот од земјата, соопшти утрово полицијата.
Илјадници демонстранти излегоа на улиците на најголемиот град Алмати и западната покраина Мангистау тврдејќи дека порастот на цените е неправеден со оглед на огромните резерви на нафта и гас во Казахстан.
Медиумите пренесоа и сведоштва од присутни, кои наводно виделе како дел од полицијците во Алмати ги фрлиле своите значки и опрема и им се придружиле на демонстрантите.
Овие протести се досега најголемата закана за режимот воспоставен од Нурсултан Назарбаев, поранешен комунистички секретар, кој стана претседател на поранешната советска република во 1991 година по стекнувањето независност.
Назарбаев, по кого денес е именуван главниот град Нур-Султан, поднесе оставка во 2019 година и за негов наследник го назначи Касим-Џомарт Токаев, актуелниот претседател.
Претходно денеска, Токаев прогласи вонредна состојба во Алмати и околните области, а потоа и во Нур-Султан, пренесува „Ројтерс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
ИКЕА купува шуми во Латвија и Литванија
ИКЕА купува околу 24.000 хектари шума во Латвија и Литванија од финската инвестициска компанија CapMan Natural Capital, која по повеќе од десет години активно управување оценила дека имотот достигнал „зрела фаза“ на создавање вредност.
ИКЕА соопшти дека набавката е во согласност со целите за одговорно управување со шумите и користење локални суровини, имајќи предвид дека таа е меѓу најголемите потрошувачи на дрвна маса во светот.
Трансакцијата треба да биде одобрена од регулаторите, а се очекува да биде завршена во првата половина од следната година.
CapMan по продажбата ќе управува со 215.000 хектари шума и ќе остане меѓу најголемите независни сопственици на шуми во ЕУ. Компанијата моментално управува со имот вреден 7,1 милијарди евра.
Свет
Руте: Путин мисли дека може да издржи подолго од нас, но ние не одиме никаде
Еден ден по пораката на Владимир Путин дека Европа ризикува војна со Русија, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, излезе пред новинарите во Брисел и испрати повеќе директни пораки. Тој зборуваше за руските закани, поддршката за Украина и улогата на САД во мировните преговори.
Руте рече дека состанокот на министрите е „јасен знак дека Путин греши“, додавајќи: „Путин верува дека може да издржи подолго од нас, но ние не одиме никаде“. Истакна дека помошта на НАТО прави разлика на теренот, особено системите за противвоздушна одбрана.
Тој предупреди на „реални и трајни опасности“ што доаѓаат од Русија, споменувајќи сајбер-напади и повреди на воздушниот простор, и порача дека е потребна „непоколеблива будност“. Потсети дека сојузниците имаат цел – до 2035 година да вложуваат 5% од БДП во одбраната.
На прашањето за саботажите поврзани со Русија, меѓу кои и експлозијата на железничката пруга во Полска, Руте ги нарече нападите „крајно неодговорни“. Рече дека разузнавачките служби ќе ги расветлат деталите, но додаде: „Ќе реагираме на начин што самите ќе го одбереме – и тие ќе го почувствуваат тоа“.
Руте изјави дека само Доналд Трамп може да ја разбие блокадата во мировните преговори, пофалувајќи ја ангажираноста на неговиот тим. Одби да коментира дали Русија покажала поголема подготвеност за компромис, но рече дека НАТО мора да продолжи да ја притиска Русија преку вооружување на Украина и економски притисок.
Тој наведе дека Русија троши 40% од буџетот на одбраната и дека НАТО мора да одговори, а одлуките за мобилизација или вклучување жени во одбраната се одлуки на секоја држава поединечно.
За програмата ПУРЛ за набавка на оружје за Украина, Руте рече дека две третини од сојузниците веќе се приклучиле и дека распоредувањето на товарот е во многу подобра состојба. Истакна дека сојузниците обезбедуваат „постојан проток на оружје“ што создава притисок врз Русија.
Руте изрази уверување дека ЕУ ќе го реализира планот за користење на замрзнатиот руски имот за Украина, по најавата на Урсула фон дер Лајен за пакет од 79 милијарди евра. Доколку тоа не се оствари, рече, „треба да најдеме пари на друг начин“, додавајќи дека има целосна доверба во европското раководство.
Свет
Финскиот претседател: Малку веројатен е праведен мир во Украина
Претседателот на Финска, Александар Стуб, денес изјави дека е малку веројатно дека ќе бидат исполнети условите за праведен мир во Украина.
„Реалноста е дека мирот може да биде добар, лош или некаков вид компромис. Реалноста е исто така дека ние, Финците, мора да се подготвиме за моментот кога ќе дојде мирот и дека е малку веројатно дека ќе бидат исполнети сите услови за праведен мир за кои толку многу зборувавме во текот на последните четири години“, рече Стуб во интервју за MTV Utiset, како што објави бриселскиот портал Politiko.
Тој додаде дека денес сме поблиску до мирот отколку вчера и дека наредните денови и недели ќе покажат дали преговорите ќе донесат некакви резултати.
Интервјуто на Стуб следеше по средбите на американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер со рускиот претседател Владимир Путин.
Финската министерка за надворешни работи Елина Валтонен денес на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО изјави дека Европа наскоро ќе биде информирана за најновите мировни преговори, но дека е очигледно дека не успеале да постигнат масовен консензус синоќа во Москва.
„Русија не е подготвена за компромис“, рече таа, додавајќи дека секој мировен договор не само што мора да ги запре убиствата, туку и да вклучува одредби што ќе ја направат Украина доволно силна за да се спротивстави и на воената инвазија и на какво било политичко мешање во иднина, што е во согласност со стратегијата на Русија.
Фото: ЕПА

