Свет
(Видео) Хаос по изборите во Киргистан: Демонстранти провалија во зградата на парламентот

Демонстранти во Киргистан упаднаа во зградата на владата и парламентот и ги ослободија поранешниот претседател и премиер од затвор.
Во главниот град на Киргистан, Бишкек, избувнаа немири по резултатите од спроведените избори. Полицијата употреби и гумени куршуми, солзавец и водени топови против демонстрантите, но граѓаните на Бишкек беа решителни и упаднаа во зградите, пренесуваат светските агенции.
ТАСС пренесува извештај од Министерството за здравство, според кој во судирите со полицијата, кои претходеле на упадот во парламентот, биле повредени 590 лица, од кои 150 се хоспитализирани.
❗️Митингующие зашли в Белый дом. Сына бывшего президента Алмазбека Атамбаева — Кадыра Атамбаева завели в здание. pic.twitter.com/mAFfTaR8mw
— Sputnik Кыргызстан (@SputnikNewsKGZ) October 5, 2020
Парламентарните избори се одржаа во неделата, а штом излегоа прелиминарните резултати, приврзаниците на опозициските сили, кои не успеаја да победат, излегоа на улиците во Бишкек и настана хаос.
Демонстрантите најпрво со камион ја разбиле портата пред Белата куќа, каде што се наоѓаат највисоките државни институции на Киргистан, а потоа упаднале во зградата.
Според извештаите од терен, само неколку минути пред упадот во зградата на парламентот, бил забележан конвој автомобили како го напушта објектот, така што кога упаднале демонстрантите, тие не нашле службени лица.
Демонстрантите потоа ги ослободиле и поранешниот претседател Алмазбек Атамбајев и премиерот Сапар Исаков од затвор.
Светските агенции исто така објавија дека избувнал пожар во Белата куќа, кој брзо бил изгаснат.
Атамбајев беше осуден на долгогодишна затворска казна поради корупција, по конфликтот со неговиот наследник Соронбај Женбеков.
Атамбајев, кој беше претседател од 2011 до 2017 година, беше уапсен во август минатата година.
На изборите во неделата, партијата Биримдик (Единство), предводена од приврзаници на претседателот Женбеков, го презела водството со 24,45 проценти од гласовите, според неофицијалните резултати објавени од изборната комисија.
Веднаш зад неа е партијата Мекеним Киргистан (Татковина) со 23,95 проценти од гласовите, во чиј список се поранешни пратеници од опозицијата.
Во земјата со 6,5 милиони жители често доаѓа до политичка нестабилност. Во последните 15 години двајца претседатели се симнати од власт со немири, а третиот е во затвор по разидувањата со неговиот наследник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Данската премиерка: Русија нема да застане кај Украина

Украина се бори за цела Европа, додека Русија не покажува знаци дека сака мир и дека ќе застане кај Украина, изјави денес данската премиерка, Мете Фредриксен во Архус.
„Мора да ја зајакнеме нашата поддршка за Украина бидејќи таа се бори за сите нас“, рече Фредриксен на заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
По повод преземањето на ротирачкото претседателство, данската влада го прими Колеџот на комесари на Европската комисија во Архус, вториот по големина град во Данска.
„Ни секунда не верувам дека Путин сака мир и има намера да застане кај Украина, затоа мора да ја ставиме Украина во најсилната можна позиција“, рече Фредриксен, додавајќи дека е потребно да се продолжи со работата за слабеење на руската економија, зајакнување на санкциите и запирање на увозот на руски гас.
Претседателката на Комисијата, фон дер Лајен, изјави дека одлуката на САД делумно да ја суспендира воената помош за Украина покажува дека ЕУ мора да ја засили својата поддршка за нападнатата земја.
Фон дер Лајен ги повика земјите-членки да ја користат кредитната програма SAFE, вредна 150 милијарди евра, за воена помош за Украина, преку купување воена опрема за Украина или инвестирање во украинската одбранбена индустрија.
Данската премиерка додаде дека нејзината земја почнала да инвестира во производство на оружје и друга воена опрема на украинска територија уште порано.
„Функционира многу добро, бидејќи тие произведуваат побрзо, подобро и поевтино од сите нас“, рече Фредриксен, додавајќи дека Украинците сè уште имаат 40 проценти неискористен капацитет за производство на оружје и опрема.
Таа, исто така, оцени дека запирањето на американската помош за Киев би значело „сериозен удар за Украина, Европа и НАТО“.
(Фото: ЕПА)
Свет
Путин вели дека денес ќе разговара со Трамп

Рускиот претседател, Владимир Путин, денес изјави дека подоцна во текот на денот ќе разговара со својот американски колега Доналд Трамп.
Ова ќе биде шестиот јавно познат разговор меѓу двајцата лидери откако Трамп се врати во Белата куќа во јануари, а ќе се одржи во услови на досега неуспешни напори на Соединетите Американски Држави да преговараат за прекин на огнот во Украина.
Двајцата претседатели последен пат разговараа на 14 јуни, а главната тема на нивниот разговор беше Иран.
Европа
Украина припаѓа на Европската Унија, му рече данската премиерка на Зеленски

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, пристигна во Орхус, западна Данска, каде што ќе присуствува на одбележувањето на почетокот на данското претседателство со Советот на Европската Унија.
Според најавата на данската влада, Зеленски ќе разговара со премиерката Мете Фредериксен, претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, и со претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста.
Тие ќе разговараат за поголема воена поддршка за Украина, соработка со украинската одбранбена индустрија и нови санкции против Русија.
„Украина припаѓа на Европската Унија, тоа е во интерес и на Данска и на Европа. Затоа данското претседателство ќе направи сè што може за да ѝ помогне на Украина на патот кон членство во ЕУ“, рече Фредериксен.
Данската премиерка истакнува дека ЕУ мора да ја зајакне Украина и да ја ослаби Русија.
„Украина е клучна за безбедноста на Европа. Мора да го зголемиме притисокот врз Русија“, рече Фредериксен.