Свет
(Видео) Шефот на НАТО: Ако работите не се сменат, научете руски или преселете се во Нов Зеланд

ЕУ мора да ги преиспита своите приоритети за трошење за да ги зголеми одбранбените распределби, рече новиот генерален секретар на НАТО Марк Руте во обраќањето пред Европскиот парламент. „Европските земји трошат во просек до една четвртина од својот национален приход за пензии, здравје и социјално осигурување, а ни треба само мал дел од тие пари за значително да ја зајакнеме нашата одбрана“, рече Руте пред пратениците.
Повеќето земји-членки на ЕУ исто така припаѓаат на НАТО, а алијансата веќе една деценија ги повикува членките да издвојат најмалку 2 отсто од својот БДП за одбраната. Во моментов, 24 од 32 членки на НАТО ја постигнуваат оваа цел. Сепак, Доналд Трамп ја подигнува границата. Минатата недела новоизбраниот американски претседател ги повика сојузниците да потрошат 5 отсто од БДП за одбрана, што е значително повисоко од американскиот просек од 3,38 отсто, пренесува „Политко“
За многу земји, 2 проценти веќе беа предизвик, а 5 проценти изгледаат како невозможна мисија. Руте, според написите, не им донесе добри вести на оние кои се надеваа на помек пристап. Конечната цел на распределбата на одбраната во рамките на НАТО, им порача на пратениците, може да биде околу 3,6 или 3,7 отсто од БДП, пишува „Политико“.
И покрај зголемената загриженост за Трамп, кој ја доведе во прашање независноста на Канада и не ја отфрли можноста за употреба на сила за заземање на Панамскиот канал или Гренланд, Руте истакна дека Европа останува зависна од САД за безбедност. Тој смета дека е „илузорно“ да се верува дека Европа може сама да си обезбеди одбрана, според медиумот.
Руте ја пофали Европската програма за одбранбена индустрија (ЕДИП) од 1,5 милијарди евра, која има за цел да го поттикне локалното производство на оружје, велејќи дека европскиот сектор за оружје е „премал, премногу фрагментиран и премногу бавен“.
Сепак, постои несогласување околу тоа дали компаниите кои не се членки на ЕУ треба да имаат лесен пристап до оваа програма. Руте предупреди дека ЕДИП не треба да ги исклучува сојузниците. „Верувам дека вклучувањето на сојузниците кои не се членки на ЕУ во одбранбените индустриски проекти на ЕУ е клучно за безбедноста на Европа“, рече тој. „Трансатлантската соработка во одбранбената индустрија не зајакнува сите нас“.
Во своето прво обраќање пред Европскиот парламент како шеф на НАТО, Руте нагласи дека целта е „да се доближат НАТО и ЕУ“ за да се одговори на „дестабилизирачките кампањи“ на Кремљ, но и на заканите кои доаѓаат од Иран, Кина, сајбер напади и ширење на нуклеарно оружје. „Сега сме безбедни, но за четири или пет години можеби нема да бидеме“, рече тој, додавајќи дека доколку потрошувачката не се зголеми, Европејците треба „да ги извадат своите учебници по руски јазик или да емигрираат во Нов Зеланд“.
„Длабоко сум загрижен за безбедносната ситуација во Европа“, рече тој. „Ние не сме во војна, но не сме ниту во мир. Ова значи дека мора да инвестираме повеќе во одбраната и да обезбедиме дополнителни капацитети. Ова не може да чека повеќе. Мораме да ја зголемиме отпорноста на нашите општества и клучната инфраструктура.
Клучен дел од таа безбедност е зајакнувањето на соработката меѓу НАТО и ЕУ. И покрај тоа што двете институции се наоѓаат во Брисел, тие со години соработуваат на дистанца. НАТО беше фокусиран на одбраната и трансатлантските односи, додека ЕУ водеше на прашања како што се трговијата, земјоделството и климата. Но, руската инвазија на Украина промени сè, пренесува медиумот.
„НАТО и Европската унија имаат многу да направат заедно“, рече Руте, истакнувајќи ги особено напорите да и се помогне на Украина да се одбрани од Русија.
Говорејќи за Украина, тој нагласи дека мирот може да дојде само преку договор што ќе биде во интерес на Киев. „Тоа значи повеќе оружје и побрза испорака, така што [Киев] може подобро да се брани и да обезбеди поволен договор за Украина, Европа и светот“, заклучи тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Фицо разговараше со Мерц: Предлогот за суспендирање на испораката на руски гас е идеолошки и штетен

Словачкиот премиер Роберт Фицо разговараше по телефон со германскиот канцелар Фридрих Мерц за рускиот гас и антируските санкции и го пофали конструктивниот пристап на Европската комисија (ЕК) кон резервите на Словачка во врска со предложеното суспендирање на увозот на гас од Русија од 2028 година, но истакна дека предлогот за суспендирање на испораката на руски гас е „идеолошки“ и „штетен“.
„Верувам дека предлогот на ЕК за суспендирање на испораката на руски гас е идеолошки и штетен за целата ЕУ, а особено за Словачка, која по децении транзит на руски гас е на крајот од цевката без гас и директен пристап до терминали за течен гас. Овој предлог од ЕК, чие усвојување бара само квалификувано мнозинство, дополнително ќе ја оштети конкурентноста на целата ЕУ и ќе доведе до зголемување на цените на гасот за словачките домаќинства и индустријата“, истакна Фицо.
Фицо додаде дека доколку Словачка нема доволно гаранции за минимизирање и надоместување на штетата предизвикана од предлогот на ЕК за запирање на протокот на руски гас, ќе побара одложување на гласањето за 18-от пакет антируски санкции, за што е потребна согласност од сите земји-членки на ЕУ, пренесува TASR.
Регион
Мајка им давала на децата желе бомбони направени од канабис: уапсена 29-годишна жена во Грција

Полицијата во Ираклион, на грчкиот остров Крит, уапсила 29-годишна жена за која постои сомнение дека им дала на своите деца, на возраст од 14 и 10 години, препарати со канабис во форма на желе бомбони.
По консумирањето, децата се чувствувале лошо и биле префрлени во Универзитетската болница во Ираклион, каде што биле хоспитализирани на детското одделение, објавува грчкиот весник „Катимерини“.
Директорот на болницата, Јоргос Халкиадакис, изјавил дека нивната здравствена состојба е добра.
Жената, која работи во хотел, наводно изјавила дека пронашла желе бомбони во хотелскиот простор и, мислејќи дека се обични слатки, им ги дала на децата.
Предметот на истрагата го води Пододделот за сузбивање и истрага на кривични дела во Ираклион.
Се очекува резултатите од истрагата да фрлат повеќе светлина врз тоа дали мајката ја кажувала вистината, а доколку е така, да откријат како бонбоните стигнале до хотелот и дали имало некакви пропусти во безбедносните процедури.
Свет
ЕУ лансира нова платформа за вработување работници надвор од Унијата

Базата на таленти на Европската Унија (ЕУ), платформа за вработување што ги здружува работодавачите со седиште во ЕУ и граѓаните на земјите што не се членки, влезе во понатамошни преговори со европските законодавци, објави денес истражувачкиот центар во Брисел „Институт Егмонт“.
Платформата, која колоквијално се нарекува Тиндер за баратели на работа, алудирајќи на популарната апликација за запознавање и поврзување на луѓе, се преплетува со неколку други иницијативи на ЕУ, што ја зголемуваат конкурентноста на земјата преку пазарот на трудот, според написите на медиумите во регионот.
Базата на таленти беше претставена како дел од Пакетот за мобилност на вештини и таленти и треба да им помогне на работодавачите да ги пополнат празните работни места, како и да го решат недостатокот на работни места во секторот, и да им помогне на граѓаните од земјите што не се членки на ЕУ да најдат работа на стандардизиран и предвидлив начин во земјите-членки на Унијата.
Работодавачите во ЕУ, тврдат дека имаат тешкотии во наоѓањето кандидати, особено во малите и средните претпријатија, а околу 74 проценти од нив изјавиле дека во моментов се соочуваат со недостаток на квалификувани работници на барем една позиција во нивната компанија.
Земји како Белгија, Италија и Холандија имаат проблем со вработувањето долго време, а тој се дуплираше во последните пет години.