Свет
(Видео) Шлаканицата на Макрон е вистинска, не е брачна игра, вели експерт за говор на телото

Францускиот претседател Емануел Макрон се најде во центарот на вниманието кога неговата сопруга Брижит наводно му удрила шлаканица за време на посетата на Виетнам. Камерите ја снимија сцената за која целиот свет зборува кога вратата на авионот се отвора, а потоа се гледа како Брижит го удира Маркон.
Експерт за говор на телото го анализирал инцидентот што се случил пред камерите на светските медиуми и открил за што всушност станува збор.
On the one hand I feel bad for Macron. That’s humiliating to get attacked by your wife’s claws while the cameras are rolling.
But on the other hand, that terror-supporting brat deserves it…
As they say, couldn’t have happened to a better man, right?pic.twitter.com/XRIF0OtSz3
— Marina Medvin 🇺🇸 (@MarinaMedvin) May 26, 2025
Според Џуди Џејмс, сè изгледало како францускиот претседател да ја стиснал едната рака во тупаница кога слегувал од авионот во Виетнам кратко по пристигнувањето во земјата по инцидентот со сопругата.
Моментот беше далеку од разиграното задевање меѓу сопружниците што Макрон и неговиот најтесен круг се обидоа да го прикажат.
„Не би го опишала гестот што го видовме од авионот како некаков вид игра, како што беше претставен“, рече таа додавајќи:
„Туркањето на партнерот со раката во лицето со таква сила што главата му се поместува настрана и тој мора да ја испружи раката за да ја одржи рамнотежата не треба да се нормализира со тоа што ќе го наречеме забава, само за да се зачува политичкиот углед“.
На видеото по шлаканицата, Брижит останува скриена зад трупот на авионот, па затоа не е можно да се види нејзиниот израз на лицето или говорот на телото.
Потоа двојката се симнува по скалите, каде што официјален пречек им упатуваат виетнамските претставници, но Брижит не ја прифаќа подадената рака на Макрон. Потоа Макрон цврсто ја стисна тупаницата додека се оддалечуваа од пистата, очигледно многу лут, пишува „Дејли мејл“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
(Фото) Германија планира брзо проширување на бункерите поради страв од руски напад

Германија изработува планови за брзо проширување на мрежата на бункери и засолништа отпорни на бомби, изјави највисокиот службеник за цивилна заштита во владата, предупредувајќи дека државата мора да биде подготвена за напад од Русија во следните четири години.
Ралф Тислер, шеф на Федералната канцеларија за цивилна заштита и помош при катастрофи, изјави дека најголемата европска економија треба да се разбуди во реалноста на конфликтот и дека во својата сегашна состојба Германија не е адекватно подготвена.
„Долго време во Германија постоеше широко распространето уверување дека војната не е сценарио за кое треба да се подготвуваме. Тоа се промени. Загрижени сме поради ризикот од голема агресивна војна во Европа“, рече тој за „Зидојче цајтунг“.
Потребно засолниште за еден милион луѓе
Тислер повика на национален напор да се претворат тунели, метро станици, подземни гаражи, паркинзи и подруми на јавни згради во заштитни засолништа за „брзо создавање простор за еден милион луѓе“. Тој рече дека неговата агенција ќе претстави сеопфатен план подоцна ова лето.
Додаде дека земјата е во трка со времето, а потпирањето на изградба на нови бункери не е доволно. Таквите засолништа би барале долго време за планирање и изградба и би биле многу скапи, рече Тислер. Како резултат на тоа, постоечките објекти треба веднаш внимателно да се разгледаат.
Отворање нови фронтови
Рускиот напад на Украина предизвика стравувања во други земји, особено во балтичките држави, но и во Полска и Германија, дека Москва може да отвори нови фронтови во Европа.
Во текот на ноќта, руските сили започнаа ракетни и бомбардерски напади врз украинскиот град Харков, при што загинаа три лица, а 22 се повредени. Градоначалникот Игор Терехов во саботата објави на Телеграм дека градот „доживува најсилен напад од почетокот на војната во целост“.
Милионска обнова на бункерите
Од околу 2.000 бункери и засолништа во Германија, останати од Студената војна, само околу 580 се во исправна состојба и повеќето бараат милионска обнова. Тие би можеле да примат околу 480.000 луѓе, што е само половина процент од германското население. За споредба, Финска има 50.000 простории за заштита, што обезбедува простор за 4,8 милиони луѓе, односно 85% од нејзиното население.
Тислер рече дека е потребно да се вложат напори во прецизно прилагодување на информатичките системи, како што се апликациите и патоказите, за јавноста точно да знае каде може да побара засолниште, како и да се надгради системот за сирени за предупредување. Исто така, постојните апликации за предупредување треба да бидат подобро заштитени од хакери, додаде тој.
Го повика кабинетот на Фридрих Мерц да обезбеди финансирање за спроведување на плановите на неговата агенција. Се согласи дека плановите се неопходни, но дека сè уште треба формално да се обезбедат средства.
Се очекува парите да бидат достапни од ослободените милијарди откако парламентот ја суспендираше должничка кочница на Германија во март, дозволувајќи големи износи на трошоци за војската, виталната инфраструктура – како што се мостови и патишта што им овозможуваат транспорт на тенкови и залихи – и цивилната одбрана.
Разузнавачките служби и структурите за кибербезбедност, кои итно имаат потреба од инвестиции, исто така, се борат за средства.
„Направете доволно резерви“
Тислер процени дека ќе бидат потребни најмалку 10 милијарди евра во наредните четири години за покривање на потребите на цивилната заштита, а најмалку 30 милијарди евра во следната деценија.
Тој повика на воспоставување задолжителна или доброволна служба за цивилна заштита и ги повика граѓаните да придонесат за зголемување на отпорноста на земјата со тоа што ќе се снабдат со итни резерви во случај на прекин на струја и вода.
„Нашиот апел е: направете доволно резерви што ќе ви траат 10 дена, ако е можно“, рече тој, одразувајќи слични повици од други европски влади. „Но, дури и снабдување за најмалку 72 часа би било од голема помош“, додаде Тислер.
Свет
(Видео) Украина објави невидена снимка од операцијата „Пајажина“ – руски авион во пламен, штета од 7 милијарди долари

Безбедносната служба на Украина (СБУ) објави нови снимки од операцијата „Пајажина“, на кои се гледа целата траекторија на дрон, од лансирање од камион до погодување на руски стратешки бомбардер Ту-22М3 на аеродромот Белаја во регионот Иркутск.
Видеото го прикажува дронот како патува на значително растојание, непречено влегувајќи во територијата на аеродромот, каде што веќе се крева чад од вториот авион што беше погоден.
Минатата недела, украинското разузнавање нападна четири руски воени аеродроми: Елен во регионот Мурманск, Иваново во Ивановската област, Џагилев во регионот Рјазан и Белаја во регионот Иркутск.
Операцијата ја водеше лично шефот на СБУ, Васил Малјук, по наредба на претседателот на Украина и врховен командант Володимир Зеленски.
Според украинските проценки, вредноста на опремата погодена во специјалната операција надминува 7 милијарди долари.
Украинците тврдат дека непријателот изгубил вкупно 41 авион, вклучувајќи ги А-50, Ту-95, Ту-22, Ту-160, како и транспортни авиони Ан-12 и Ил-78.
Регион
(Фото) Поскапо отколку на Ибица: лежалка на Јадранското море чини 1.300 евра на ден

Цените во хрватските туристички центри се зголемуваат од година во година, а се чини дека оваа сезона трката за профит започна порано од кога било. Од кафе кое чини пет евра, лежалки кои се изнајмуваат поскапо од ноќевање во соба, до порции риба кои достигнуваат цени како и во луксузните ресторани во европските метрополи – сето ова веќе ги загрижува и домашните и странските гости на Јадранското Море, пишува Блиц.
Едно е сигурно – сезоната сè уште не е ни започната, а за цените се зборува како да сме веќе во средината на август. Ова го потврдува и последната објава на Reddit, каде што еден корисник објави фотографија од ценовник од кафуле на плажа во Сплит.
„Можеби ценовникот е поставен на 100 метри од барот на плажата, но барот е во сенка (Жњан, Сплит)“, напиша тој во објавата со фотографијата и додаде: „Добредојдовте на Ибица“, алудирајќи на високите цени.
Цената за изнајмување лежалки се движи од 35 до 1.300 евра!
Možda je cjenik stavljen 100m dalje od beach bara, ali je bar u ladovini (Žnjan, Split)
byu/MantisTobogan_dr incroatia
Во коментарите, корисник ги спореди цените во популарно одморалиште во Шпанија, Ибица и Сплит. Според податоците од веб-страницата Numbeo, Сплит е поскап, барем кога станува збор за туристичките објекти. Авторот на објавата одговори на тоа:
„О, ужас! Сè уште му се потсмевам, а дури е поскап од Ибица“.
Многумина се прашуваат каков туристички бран нè очекува кога, веќе во предсезоната, цените на сместувањето, кафето или порциите лигњи достигнаа нивоа што до вчера беа резервирани за најскапите европски дестинации.