Свет
Во Мелбурн воведен шестнеделен ноќен полициски час
Во австралиската држава Викторија, чијшто главен град е Мелбурн, е прогласена состојба на катастрофа, а властите воведоа ноќен полициски час како најтешка мерка досега во борбата против ширењето на коронавирусот.
Премиерот на Викторија, Даниел Ендрјус, рече дека според новите ограничувања, кои ќе важат за шест недели – до средината на септември, само на еден член на домаќинството ќе му биде дозволено да набавува најпотребни намирници во текот на денот.
На жителите на Мелбурн нема да им биде дозволено да шетаат повеќе од пет километри од домот, а намален е бројот на причини за напуштање на домовите.
На вежбање на отворено ќе им биде дозволено да одат еднаш дневно.
По првичните успеси во борбата против епидемијата, кога Австралија имаше многу помалку случаи на ковид-19 од другите земји, сега болеста почна забрзано да се шири, а регистрирани се 17.000 заразени со 200 смртни случаи.
Најголем број на нови случаи се регистрирани во државата Викторија во изминатите неколку недели, па од минатиот месец почна воведувањето на рестриктивните мерки.
671 нови случаи на коронавирус и седум смртни случаи беа пријавени во Викторија во неделата. Сега има вкупно 11.557 пациенти во државата, а починале 123 лица.
Ендрјус рече дека мерките за ограничување на ширењето на вирусот досега биле премногу бавни.
„Треба да сториме повеќе. Треба да засилиме. Тоа е единствениот начин да се преминеме на светлата страна“, рече Ендрус на прес-конференција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Четиригодишно дете паднало во казан каде се подготвувал гулаш: веднаш е хоспитализирано во Белград
Четиригодишно дете паднало во казан со гулаш во неделата на манифестацијата „Гулашијада“ во Баранда.
Со брзата реакција на полицијата тоа било извлечено и пренесено на Универзитетската клиника во Тиршова, каде според последните информации се наоѓа на интензивна нега и е надвор од животна опасност, пренесуваат медиумите во регионот.
Несреќата се случила кога детето возело велосипед по тротоарите, во придружба на неговата баба, и удрило во дрвен столб кој го обезбедувал просторот, односно зелената површина околу местото каде што се одржувал јавниот собир и се готвел гулаш.
Откако удрило во столбот, детето паднало во казанот.
Брзо е пренесено во Здравствениот дом Опово, а подоцна на лекување во Белград.
Свет
Нетанјаху призна: Се случи трагична грешка
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го коментираше нападот во текот на ноќта врз шаторскиот камп во градот Рафах во кој загинаа најмалку 45 лица.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) претходно соопштија дека целеле двајца високи лидери на Хамас во еден од комплексите на групата и ќе ги разгледаат извештаите дека пожарот се проширил во засолништата, загрозувајќи ги цивилите.
Нетанјаху рече дека Израел се обидел да ги заштити цивилите со евакуација на еден милион луѓе од Рафах, каде што се проценува дека се наоѓале околу 1,5 милиони луѓе пред почетокот на офанзивата.
„И покрај нашите напори да не ги повредиме, се случи трагична грешка. Ние го истражуваме инцидентот. За нас тоа е трагедија, за Хамас тоа е стратегија“, рече Нетанјаху во парламентот.
Во соопштението објавено доцна синоќа по експлозијата во Газа, ИДФ соопшти дека „елиминирала“ двајца високи претставници на Хамас – Јасин Рабија и Калед Нагар – во „прецизен“ воздушен напад „во северозападниот дел на Рафах“.
Нападот предизвика бес кај светските лидери кои повикаа на спроведување на пресудата на Светскиот суд за да се запре израелскиот напад.
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека е огорчен од последните напади на Израел.
Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок и шефот за надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел изјавија дека пресудата на Меѓународниот суд на правдата мора да се почитува.
Европа
Макрон: Идеите на екстремната десница се шират во Европа
Францускиот претседател Емануел Макрон предупреди денеска во Дрезден за ширењето на екстремната десница во Европа и повика на дополнителна помош за Украина бидејќи се работи и за безбедноста во Европа.
„Секаде во нашите демократски општества, идеите кои доаѓаат од екстремната десница се шират. Овој корумпиран ветер се шири низ Европа, тоа е реалноста. Конечно мораме да се разбудиме“, рече Макрон во својот говор пред реновираната катедрала во Дрезден, кој беше целосно уништен во сојузничкото бомбардирање.
На вториот ден од неговата тридневна посета на Германија, во својот говор, Макрон се осврна конкретно на Унгарија, каде што „европските пари се добредојдени“, но не се почитува независноста на судството и медиумите.
„Постои фасцинација од авторитарните режими. Само неколку километри од нас. Но, Европа не е себична, туку заедничка база на вредности и култура на индивидуална и политичка слобода“, рече Макрон.
„Она што е загрозено во Украина е безбедноста на Европа. Ниту Франција, ниту Германија не се повеќе безбедни ако во Украина победи владеењето на посилните“, рече Макрон.
Тој рече дека имајќи го предвид големиот скептицизам, особено кај граѓаните на Источна Германија, во однос на помошта за Украина, дека заедничкиот европски однос кон ова прашање е клучен.
„Ние не водиме војна против рускиот народ, но исто така не можеме да дозволиме авторитарен, ревизионистички режим како оној во Москва да и се заканува на Европа“, рече Макрон.
Тој уште еднаш ја истакна потребата да се подигне одбранбената подготвеност на Европа и да се стави крај на силното потпирање на САД. Макрон ја започна својата тридневна државна посета на Германија во неделата со средба со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, а во понеделникот продолжи со положување венец на споменикот на Холокаустот и говор во Дрезден.
Посетата завршува утре со средба со германскиот канцелар Олаф Шолц и заедничка средба на германската и француската влада.