Свет
Во текот на ноќта Украина ги собори сите 29 дрона лансирани од Русија
Украинските воздухопловни сили утринава соопштија дека во текот на ноќта ги собориле сите 29 беспилотни летала лансирани од Русија над осум украински региони, предизвикувајќи само мала штета.
Русија, исто така, лансираше три ракети Кх-59 за време на нападот, се вели во соопштението на воздухопловните сили, пренесоа британските медиуми.
Гувернерот на централниот регион Черкаси рече дека остатоци од беспилотни летала оштетиле прозорци на приватно претпријатие, додека гувернерите на регионите на Киев, Полтава и Кировоград не пријавиле штета на инфраструктурата и нема жртви.
Гувернерот на јужниот регион Миколаев изјави дека тамошните воздушни сили собориле пет беспилотни летала, но не кажа дали нападот предизвикал некаква штета.
Уште осум беспилотни летала беа соборени над јужниот регион Херсон, рече гувернерот на регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Нетанјаху: Треба да се изврши поголем притисок врз Хамас да го прифати предлогот за новиот договор
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека треба да се изврши поголем притисок врз палестинската милитантна група Хамас да го прифати новиот предлог за договор за Газа, откако Хамас рече дека е подготвен само да прифати договор за прекин на огнот без нови услови.
Главниот американски преговарач, шефот на ЦИА, Вилијам Барнс, во саботата изјави дека подетален предлог за прекин на огнот ќе биде претставен во рок од неколку дена, објави Ројтерс.
Преговарачкиот тим на Хамас вчера се состана со катарските и египетските посредници во Доха и ја потврди нивната подготвеност да се спроведе прекин на огнот во Газа врз основа на претходниот предлог на САД без нови услови од која било страна, се вели во соопштението на групата.
„Хамас се обидува да го сокрие фактот дека се уште е против договорот за ослободување на заложниците и го попречува“, рече Нетанјаху во изјавата, пренесува Танјуг.
Тој рече дека Израел го прифатил последниот предлог, додека Хамас го отфрлил и дури ладнокрвно убил шест израелски заложници.
„Светот мора да бара Хамас веднаш да ги ослободи нашите заложници“, рече Нетанјаху.
Партиите досега не успеаја да постигнат договор за прекин на 11-месечниот конфликт, обвинувајќи се меѓусебно за воведување нови барања што спречија да се постигне договор, наведува агенцијата.
Предлогот што го претстави американскиот претседател Џозеф Бајден во мај предвидуваше прекин на огнот во три фази, што ќе вклучува ослободување на израелски и странски заложници, пренесува Танјуг.
Регион
Брнабиќ: Ситуацијата на Косово е најсериозна досега, Курти сака да започне војна
Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, истакна дека ситуацијата на Косово е најсериозна досега, бидејќи очигледно премиерот Албин Курти, сака етничко чистење на Србите и да предизвика конфликт со Белград.
„Тоа е затоа што ми се чини дека Курти нема друг избор или излез од својата политика, освен да предизвика вооружен конфликт, односно војна со Белград и затоа е најдрскиот и најневнимателниот досега. Затоа што тој е целосно турнат до ѕидот и тоа е неговиот единствен излез“, рече таа, зборувајќи за „Euronews“.
Од друга страна, таа нагласи дека „во наш интерес е претседателот на Србија, Александар Вучиќ, да се труди да го зачува мирот“.
Со тоа што, како што додаде таа, не смее да се дозволи малтретирање на српскиот народ на Косово, како и конфискација на имот и немање каква било правна сигурност, пренесуваат српските медиуми.
Таа напомена дека животот на Србите на Косово е исклучително тежок.
„Апсолутно сè води до она за што зборуваше и Александар Вучиќ во Советот за безбедност на Обединетите нации, а тоа е свесно провоцирање и создавање невозможни услови за живот на Србите на Косово, при што Албин Курти свесно предизвикува етничко чистење, а тоа сега им е јасно на сите“, нагласи таа.
Според неа, голем проблем е што сето ова се случува под будното око на меѓународната заедница, тоа се ЕУЛЕКС и КФОР.
Таа нагласи дека е оптимист што конгресменката Клаудија Тени од редовите на републиканците испратила писмо до американскиот државен секретар Ентони Блинкен во кое прашува што ќе направат Соединетите Американски Држави бидејќи се загрозени правата на Србите на Косово.
Регион
Сијарто: Мирот и стабилноста на Балканот се приоритет за Унгарија, која претседава со ЕУ
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто изјави денеска во Будимпешта дека мирот и стабилноста на Балканот се приоритети за неговата земја, која во моментов претседава со Европската унија.
„Унгарија е земја претседавач со ЕУ, а мирот и стабилноста на Балканот се наш приоритет“, рече Сијарто на прес-конференција во Будимпешта.
Тој оцени дека во Европа „има лицемерие, бидејќи еден дел од земјите-членки застапуваат различни ставови, имајќи предвид дека земјите од Западен Балкан во просек чекаат 14 години за членство во ЕУ“.
„Сметаме дека тоа е непринципиелна позиција“, потенцира Сијарто.
„Заканите со санкции или кој било друг вид притисок треба да се остават настрана“, додаде тој.