Свет
Во тек е голема размена на затвореници меѓу Русија и Западот

Турција потврди дека во Анкара е извршена најголемата операција на размена на затвореници во последниве години. Во размената со посредство на турската разузнувачка служба биле вклучени 26 лица од седум различни земји.
Шпекулации за претстојна голема размена на затвореници меѓу Русија и Западот имаше веќе неколку дена. Сега Турција потврди дека во Анкара ја координирала размената на 26 затвореници од Русија и повеќе западни земји. Кабинетот на турскиот претседател по извештаите во медиумите дека е во тек голема размена на затвореници меѓу Русија и САД излезе со соопштение во кои нагласи:
„МИТ (турската разузнавачка служба) ја спроведе во Анкара најголемата операција за размена на затвореници во последно време, која вклучуваше размена на 26 лица од затвори во седум земји (САД, Германија, Полска, Словенија, Норвешка, Русија и Белорусија)“, соопшти турското претседателство, прецизирајќи дека во транспортот на затвореници учествувале седум авиони, пренесе „Дојче веле“.
Како што се наведува во соопштението, 10 разменети лица, од кои две малолетни, ќе заминат во Руската Федерација, 13 во Германија и три во САД.
Меѓу нив се и Американци за кои САД веруваат дека се незаконски притворени во Русија, вклучувајќи ги и новинарите на Волстрит журнал Еван Гершкович и Пол Вилан, поранешен маринец и извршен директор за корпоративна безбедност од Мичиген.
Како што соопшти претседателскиот кабинет во Турција меѓу ослободените исто така е и Германецот Рико К., кој беше осуден во Белорусија на смртна казна па помилуван. Ослободен е и таканаречениот убиец од Тиргартен, Вадим Красиков. Рускиот претседател Путин е особено заинтересиран за човекот кој во декември 2021 година беше осуден за убиство на чеченски дисидент во паркот Клајнер Тиергартен во Берлин. Експерти за безбедносни прашања сметаат дека Красиков го извршил злосторството по налог на руските државни органи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Прекинати летовите на главниот аеродром во Бангладеш, избувна пожар

Властите во Дака ги прекинаа сите летови на Меѓународниот аеродром Хазрат Шахџалал, главниот аеродром во Бангладеш, по пожар во товарниот дел. Талха Бин Засим, портпарол на Противпожарната служба и Одделот за цивилна одбрана, изјави дека 32 противпожарни возила биле распоредени за гаснење на пожарот, кој започнал денеска попладне.
Управата за цивилно воздухопловство на Бангладеш ги прекина сите летови веднаш по инцидентот, наведувајќи дека операциите ќе останат запрени до понатамошно известување.
Покрај националната противпожарна служба, единици од Воздухопловните сили и Морнарицата на Бангладеш се придружија на напорите за гаснење на пожарот, според Одделот за односи со јавноста меѓу службите.
Причината за пожарот сè уште не е позната.
Снимките од местото на настанот покажаа црн чад како се извишува над аеродромот.
Како одговор, државната авиокомпанија „Биман Бангладеш ерлајнс“ пренасочи четири од своите летови, кои требаше да слетаат во Дака, кон аеродромите во Силхет и Чатограм.
Свет
Од јануари до септември годинава, Албанија пречекала 10.228.686 туристи

Министерот за туризам, култура и спорт, Бленди Гонџја, на социјалните мрежи објави дека „од јануари до септември годинава, Албанија пречекала 10.228.686 туристи, што претставува зголемување од 6 отсто во споредба со истиот период минатата година“.
“Овој позитивен тренд сведочи за одржливиот развој на туристичкиот сектор и за заедничката посветеност на промоцијата на Албанија како гостопримлива и сè поатрактивна дестинација”, напиша Гонџја.
Додава дека од албанските алпи до долгата крајбрежна линија, земјата нуди комплетен туристички пакет за секој тип туристи, а секоја година се шири и мапата на земјите од кои доаѓаат.
“Туристите ја избираат Албанија не само поради нејзините прекрасни плажи и поволната клима, туку и поради нејзините планински предели со импресивни природни пејзажи, антички градови со историска и културна вредност, како и нејзиното гостопримство и традиционална кујна”, оценува тој.
Според него туризмот станал активност што трае цела година и не само што генерира значителни приходи за економијата, туку ја промовира Албанија како дестинација што е посетувана во текот на цела година.
Минатата година Албанија ја посетиле над 11,7 милиони туристи или 15,2 отсто повеќе од претходната. Очекувањата за годинава се над 12 милиони туристи, што, посочува Гонџа, ќе бидат остварени.
Свет
Во експлозија на фабрика во Русија загинаа три жени

Три жени загинаа во експлозија што се случи вчера во фабриката „Авангард“ во градот Стерлитамак во Република Башкортостан во југозападна Русија, изјави денеска гувернерот Радиј Хабиров.
-За жал, загинаа три лица, сите жени. Меѓу нив беше и млада жена родена во 2002 година. Две жени оставија зад себе деца. Компанијата ќе ја обезбеди потребната поддршка, а ќе биде исплатена и отштета. Изразувам искрено сочувство до семејствата на жртвите, објави Хабиров на социјалните мрежи.
Уште пет лица се хоспитализирани – две со сериозни повреди и три со умерени, но гувернерот потврди дека нивните животи не се во опасност.
Хабиров рече дека една од зградите е уништена во експлозијата и потврди дека немало напад со дрон.