Свет
Во Франција температурите над 40 степени, највисоко ниво на тревога: има и жртви
Две лица починаа во Франција од болести поврзани со топлината, а повеќе од 300 добија итна медицинска помош, изјави француската министерка за животна средина, Ањес Пание-Рунашер, додека поголемиот дел од Европа се бори со топлотен бран.
Голем дел од Франција беше погоден од екстремна топлина, при што 16 департмани, вклучувајќи го и Париз, беа во тревога за највисоко ниво на топлина претходно. Температурите достигнаа повеќе од 41 Целзиусов степен во јужна и во централна Франција, а во главниот град беа регистрирани 38 степени.
Медиумите објавија дека температурите во некои делови од Франција во јули ги достигнале своите највисоки нивоа откога се водат евиденции.
Највисокото ниво на тревога, црвено, остана во сила само за четири области, иако се очекува температурите да достигнат до 39 Целзиусови степени. Некои училишта ќе останат затворени, а олеснување се очекува в четврток.
Во соседна Германија метеоролошката служба го предвиде најжешкиот ден во годината досега, со температури што достигнуваат 40 Целзиусови степени.
Голем пожар за време на топлотен бран одзеде животи на две лица на шпанско обработливо земјиште.
Телата на еден земјоделец и на еден од неговите вработени беа пронајдени додека се гаснеше пожар во областа Торефете во близина на каталонскиот град Коско, соопшти регионалната влада доцна во вторникот. Тие беа заробени во возило опкружено со пламен.
Пожарот, 90-ина километри северозападно од Барселона, уништи најмалку 5.000 хектари земја, според извештаите на медиумите.
Стотина пожарникари се распоредени, а речиси 20.000 жители во регионот привремено добија совет да не ги напуштаат своите домови. Некои се евакуирани како мерка на претпазливост.
Швајцарските нуклеарни централи во тревога
Во меѓувреме, во Швајцарија, еден од реакторите во нуклеарната централа Безнау, во близина на германската граница, е затворен поради топла вода од реката, објави операторот на централата „Axpo“ во средата. Другиот реактор работи со половина капацитет.
Мерките имаат цел заштита на екосистемот на реката Аре во согласност со строгите еколошки прописи.
„Прекумерното загревање на веќе топлиот воден тек треба да се спречи во текот на жешките летни периоди за да не се оптоварува дополнително флората и фауната“, се вели во соопштението на Акспо.
Реката обезбедува вода за ладење за нуклеарната централа, која потоа се враќа во реката на малку повисока температура.
Двата реактора во Безнау почнаа да работат во 1969 и 1971 година, што ги прави меѓу најстарите нуклеарни централи што сè уште работат во светот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Вдовицата на првата жртва од Чернобил загина во рускиот напад врз Киев
Наталија Ходемчук, вдовицата на Валериј Ходемчук, првата жртва на нуклеарната катастрофа во Чернобил во 1986 година, почина во Киев од тешките повреди здобиени за време на масовниот руски напад во ноќта меѓу 14 и 15 ноември.
Државната агенција за управување со забранетата зона соопшти дека Ходемчук (73) била тешко повредена кога дрон погодил станбена зграда во реонот Троешчина, при што нејзиниот стан целосно изгорел, пренесува „Киев Индипендент“.
Таа била пренесена во Центарот за изгореници, но лекарите не успеале да ѝ го спасат животот. Со нејзината смрт, бројот на загинатите во ракетниот и дрон-нападот врз Киев на 14 ноември се искачи на седум, а најмалку 36 лица беа ранети. Штета е нанесена во девет реони на украинската престолнина.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во објава на социјалната мрежа „Х“ ја коментираше нејзината смрт, оценувајќи ја како „нова трагедија предизвикана од Кремљ“.
„Украинците кои го преживеаја Чернобил, кои помогнаа земјата да се обнови по таа катастрофа, повторно се соочуваат со опасност – со теророт на агресорската држава“, истакна Зеленски.
Нуклеарната несреќа во Чернобил се случи на 26 април 1986 година, во време кога Украина беше дел од Советскиот Сојуз. Несреќата во Чернобил и денес се смета за најтешка нуклеарна катастрофа во историјата на нуклеарната енергетика според бројот на цивилни жртви.
Валериј Ходемчук загина веднаш по експлозијата во нуклеарната електрана и се смета за првата жртва на катастрофата. Неговото тело никогаш не беше пронајдено.
Споменикот на Ходемчук е вграден во саркофагот на нуклеарната електрана во Чернобил.
Свет
Русија го зголемува ДДВ-то на 22% поради забавување на економијата
Русија ќе го зголеми данокот на додадена вредност (ДДВ) од 20% на 22% од 1 јануари, како дел од мерките за стабилизирање на државниот буџет по забавување на економијата. Владата прогнозира дека ова ќе донесе дополнителни 1 трилион рубли (10,8 милијарди евра) во државните приходи, откако економијата порасна само 1% во 2025 година, по раст од над 4% во 2023 и 2024 година.
Промените ќе ги погоди и малите и средни бизниси. Во моментов, компании со приходи до 60 милиони рубли (околу 645.000 евра) се ослободени од ДДВ, но овој праг постепено ќе се намали на 10 милиони рубли (107.000 евра) до 2028 година. Мали продавници, салони за убавина и други локални бизниси се загрижени дека нема да можат да го издржат дополнителниот финансиски притисок.
Дополнително, владата предложи зголемување на даноците на алкохол, пиво, вино, цигари и електронски цигари како дел од својата стратегија за зголемување на приходите.
Економското забавување и зголемувањето на даноците се знаци дека Путин и обичните Руси веројатно ќе се соочат со избор помеѓу „оружје и путер“ во наредните месеци, како што објавува Асошиејтед Прес – односно, помеѓу воените трошоци и благосостојбата на потрошувачите.
Свет
Индија уапси жител на Кашмир поради експлозија на автомобил во Делхи
Федералната антитерористичка агенција на Индија го уапси Амир Рашид Али од Кашмир, кој е обвинет за заговор со наводниот бомбаш-самоубиец Умар Ун Наби, жител на Пулвама, за експлозијата во Делхи минатата недела. При нападот загинаа осум лица, а најмалку 20 беа повредени.
Националната истражна агенција соопшти дека Али дошол во Делхи за да го олесни купувањето на автомобилот користен како „импровизирана експлозивна направа“.
Запленети се и други возила за испитување, а се испитани 73 сведоци, вклучувајќи ги и повредените.
Владата го третира инцидентот како „терористички напад“ и најави дека сторителите ќе бидат изведени пред лицето на правдата.
Експлозијата се случи пред историската Црвена тврдина и е прва ваква во Делхи од 2011 година.

