Европа
Во Шпанија брашното и зејтинот се распродадени, во Германија се стравува од недостиг

Поради страв од недостиг во Шпанија, последниве денови има голема потрошувачка на одредени прехранбени производи, па полиците со брашно и сончогледово масло се празни во многу супермаркети.
Имено, Шпанија досега увезувала сончогледово масло од Украина, а тој увоз покривал дури 62 отсто од потрошувачката.
„Сончогледовото масло е производ што сега е тешко да се најде во продавниците. Нарачавме нови количества, но со денови нема испораки“, објави продавачка од супермаркет во Барселона, пренесуваат шпанските медиуми.
Некои супермаркети ја ограничија продажбата на сончогледово масло на пет литри за лице.
Истото важи и за брашното, кое во моментот тешко се наоѓа во продавниците.
Здружението на веледрогерии и супермаркети „Аседас“ пред неколку дена укажа на невообичаеното однесување на потрошувачите во однос на набавката на сончогледово масло и посочи дека е обезбедена набавка на масло за јадење и други производи во Шпанија.
Според медиумите, проблеми со снабдувањето би можеле да настанат летово доколку нема испорака од Украина.
Исто така, поради недостиг на испораки на жита и пченка од Украина во Шпанија, може да има недостиг на сточна храна.
Здружението на индустријата за преработка на масло во Германија предупредува дека може да има недостиг на сончогледово масло за неколку недели.
„Имаме резерви за уште неколку недели“, изјавил директорот на „Овид“, Герхард Бранкак, за агенцијата ДПА, пренесуваат печатените медиуми.
Инаку, Германија увезуваше големи количини сончогледово масло од Украина, од каде што, поради војната, повеќе не доаѓаат нови испораки.
„Овид“ укажува дека потрошувачите може да користат и други масла за јадење, каде што нема да има недостиг.
Според „Овид“, Украина со 51 отсто и Русија со 27 отсто се најважните извозници на сончогледово масло во светот.
Германија покрива 94 отсто од потрошувачката на сончогледово масло со увоз, а само шест отсто е од домашно производство.
Во Австрија нема опасност од недостиг на сончогледово масло бидејќи домашното земјоделство покрива најголем дел од потрошувачката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Претседателот на Финска: Ќе поминеме преку барањата што Турција ги искажа

„Финска ќе помине преку барањата што Турција ги искажа во спротивставување на плановите на таа земја и на Шведска да се приклучат кон НАТО“, изјави денеска финскиот претседател Саули Нинисто по средбата со американскиот претседател Џозеф Бајден и шведската премиерка Магдалена Андерсон во Белата куќа.
„Имаме причина да поминеме преку она што Турција го изрази на соодветен начин, а потоа да ги дадеме нашите јасни одговори“, изјави Нинисто на новинарите, пренесе „Ројтерс“.
По децениска неутралност, Финска и Шведска вчера официјално ја поднесоа својата апликација за влез во НАТО.
Европа
Шолц: Можна е измена на договорот за ЕУ

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изјави дека не ја исклучува можноста за измена на договорот за Европската Унија, договорот од Мастрихт.
Неговата изјава дојде во време на обновена дебата за можните промени во начинот на кој функционира ЕУ, делумно поттикната од конференцијата за иднината на Европа, која предложи подлабока интеграција, вклучително и укинување на националното вето.
Ова го поттикна Европскиот парламент да повика на ревизија на неколку договори на Европската Унија, иако идејата долго време предизвика сомнеж кај многу членки на ЕУ, кои веруваат дека тоа не е неопходно и би го оттргнало вниманието од поважни прашања.
Доколку е потребно, можеме да разговараме за измена на неколку договори, вклучувајќи го и договорот за ЕУ, што не е табу, рече Шолц во Бундестагот.
Но, нагласи дека за такво нешто ќе треба најголем можен консензус бидејќи во овој момент најмалку се потребни полемики за институционалните прашања.
По одлуката на Унгарија да ја блокира забраната за купување руска нафта, минатата недела многу се зборуваше за тоа дали ЕУ треба да ја укине одлуката за вето за надворешната политика.
Некои лидери на ЕУ поддржуваат укинување на ветото за некои прашања и промена на договорот, но далеку од јасно е дали тие би се договориле за тоа кои одлуки може да се усвојат со мнозинство гласови и кои елементи од договорот треба да се променат, пишува „Политико“.
Шолц денеска оцени дека мнозинството гласови е една од идеите чија цел е ЕУ да биде поефикасна и посочи дека е среќен што сè повеќе луѓе ја следат.
Некои членки на ЕУ веќе се изјаснија против промена на договорот за ЕУ, а на почетокот на мај, 13 земји, вклучително и балтичките и скандинавските, изјавија дека не ги поддржуваат несоодветните и предвремени обиди за почнување на процесот за промена на договорот, пренесуваат медиумите.
Европа
Премиерот на Италија апелира за итен прекин на огнот во Украина и олеснување на преговорите

Италијанскиот премиер Марио Драги, денеска, повика на итен прекин на огнот во Украина за да се овозможат преговори.
„Мора да се постигне прекин на огнот што е можно побргу“, рече Драги во обраќањето пред Сенатот, горниот дом на италијанскиот парламент, отворајќи дебата за улогата на Италија во поддршката на Украина, која создава растечки тензии во владејачкото мнозинство.
Премиерот Марио Драги наведува дека е важно да се задржи притисокот врз Русија преку економски санкции бидејќи Москва мора да биде доведена на преговарачка маса, пренесе „Танјуг“.