Свет
Во 60 градови во светот се одржуваат еколошки протести
Во 60 градови во светот денеска активисти против климатските промени го блокираат сообраќајот, банките, министерствата и трговските центри за да предупредат „климатската и еколошка катастрофа што ни се заканува на сите“.
Стотици демонстранти ги блокираа патиштата во австралиските градови денеска наутро. Во Сиднеј полицијата уапси 30 демонстранти за одбивање да се симнат од патот кај главната железничка станица, јави ДПА. Слични, но мирни протести се одржаа во Мелбурн и Бризбејн.
Триесет активисти се уапсени и во главниот град на Нов Зеланд, каде што стотици луѓе блокираа големи патишта, министерства, па дури и влегоа во банката АНЗ за да им порачаат да се откажат од поддршката за фосилни горива.
Британската полиција денеска превентивно уапси 20 активисти под сомнение дека го загрозуваат јавниот ред.
Демонстранти денеска излегоа и на улиците на Париз и Амстердам. Во Франција блокираа влегување во трговски центар, „симбол на капитализмот“, прогласувајќи ја операцијата „последна окупација пред крајот на светот“.
Стотици активисти ги блокираа улиците на централниот дел на Амстердам и покрај полициската забрана.
Протести се најавени и се одржуваат во Аргентина, Шпанија, САД, Ирска, Индија и Јужна Африка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Мерц: Трамп ме увери дека американската војска ќе остане во Германија
Американскиот претседател Доналд Трамп потврдил дека САД планираат да ја задржат својата воена присутност во Германија, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц по средбата со него во Белата куќа.
„Трамп уште еднаш ме увери дека САД имаат намера да ја задржат својата воена присутност во Германија“, изјави Мерц во Вашингтон, додавајќи дека тоа се добри вести.
Во последните месеци се шпекулираше дека, поради критичкиот став на Трамп кон Европа, би можело да дојде до повлекување на американските трупи од Германија.
Мерц рече дека со Трамп разговарале и за подобра организација на заедничкото одвраќање пред самитот на НАТО во Анкара во јули.
Тој додаде дека Трамп признал дека Германија презела водечка улога во зајакнувањето на европскиот столб на НАТО и дека САД го почитуваат германското вложување во војската.
Свет
Израел погодил станбена зграда во Либан, најмалку четворица загинати
Најмалку четири лица загинале, а шест се ранети во израелски напад врз четирикатна станбена зграда во источниот либански град Баалбек, јави либанската државна агенција ННА.
Спасувачките екипи работат на извлекување луѓе од под урнатините.
Нападот доаѓа по ескалацијата на борбите долж либанско-израелската граница, откако Хезболах испалил дронови и ракети кон Израел. Од тогаш групата продолжила со ракетни напади, а Израел извршил низа воздушни удари низ Либан и испратил војници на југот.
Хезболах соопштил дека неговите борци испалиле голем број ракети кон израелски сили во близина на градот Метулa, како одговор на израелските напади врз десетици либански градови.
Израелската војска во средата ги предупредила жителите на 16 села во Либан да се евакуираат.
Според либанското министерство за здравство, од почетокот на последната ескалација во израелските напади загинале најмалку 50 луѓе, а 335 се ранети.
Фото: ЕПА
Свет
Сирија распоредува илјадници војници и ракетни единици на границата со Либан
Сириското Mинистерство за одбрана соопшти дека ја засилило воената присутност на границата со Либан, додека осум сириски и либански извори за „Ројтерс“ навеле дека се распоредени ракетни единици и илјадници војници.
Според соопштението, војската ја зајакнала контролата долж границите со Либан и Ирак „за заштита и контрола на границите во услови на ескалација на регионалниот конфликт“.
Распоредените сили се дел од гранични и извиднички баталјони задолжени за следење на граничните активности и борба против шверц.
Сириски офицери изјавиле дека засилувањето почнало во февруари, но значително се забрзало во последните денови. Целта е да се спречи шверц на оружје и дрога, како и движење на либанскиот Хезболах или други милитантни групи поддржани од Иран, пренесе Ројтерс. Во меѓувреме, Хезболах продолжи да пука кон Израел, повеќе од една година по примирјето постигнато во 2024 година. Израел издаде наредба за евакуација на голем дел од јужен Либан, а во израелски воздушни напади загинале околу десет лица, додека илјадници жители побарале засолниште во Сирија.

