Свет
Германија попушти под притисокот, ќе продолжи да прифаќа бегалци од Авганистан
Германија набргу ќе ја укине повеќемесечната суспензија за прием на ранливи авганистански државјани што вети дека ќе ги прифати, објави денес весникот „Велт“ повикувајќи се на владини извори, објави „Ројтерс“.
Речиси 2.000 Авганистанци, на кои им е одобрено преселување во Германија во рамките на програмата за луѓе во ризик под власта на талибанците, се заробени во соседен Пакистан со месеци откога Берлин ја замрзна програмата како дел од ветувањето за запирање на миграцискиот бран.
Групите за човекови права и десетици погодени Авганистанци ја оспорија суспензијата на суд, а некои добија судски пресуди, што дополнително го зголемија притисокот врз Берлин да дејствува.
Прашањето стана уште поитно бидејќи Пакистан презеде чекори за протерување на документирани авганистански бегалци, вклучително и оние што се дел од германската програма за преселување, до крајниот рок на 1 септември.
Според весникот „Велт“, семејствата на засегнатите лица веќе се информирани за продолжувањето на програмата, а првите семејства на Авганистанци се очекуваат во наредните денови.
Германската влада планира дискретно да ги преселува авганистанските бегалци со редовни комерцијални летови со застанувања во Дубаи или Истанбул пред да пристигнат во Германија, а точниот број на лица на кои моментно им е одобрено заминување сè уште не е познат, објави весникот.
Министерството за надворешни работи само потврди дека процедурите за верификација продолжуваат и дека вработени се испратени во Пакистан за да продолжат со обработката на случаите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се откажуваат летови до Израел и други земји од Блискиот Исток
Германската авиокомпанија „Луфтханза“ ги суспендира летовите до и од Тел Авив, Бејрут и Оман до 7 март, откако САД и Израел извршија напади врз Иран, изјави денеска портпаролот на авиокомпанијата.
Тој додаде дека компанијата ги суспендира и летовите до и од Дубаи денеска и утре.
„Ер Франс“ исто така ги откажа летовите до и од Тел Авив и Бејрут што беа закажани за денеска.
Според холандска новинска агенција, „КЛМ“ откажа лет од Амстердам до Тел Авив по нападите во Иран.
„Виз Ер“ исто така ги суспендираше сите летови до и од Израел, Дубаи, Абу Даби и Аман до 7 март, соопшти компанијата.
Во соопштението се вели дека авиокомпанијата внимателно ја следи ситуацијата и е во постојан контакт со локалните и меѓународните власти, агенциите за безбедност на воздушниот сообраќај, безбедносните власти и надлежните владини институции.
Додадено е дека оперативните одлуки ќе продолжат да се разгледуваат и дека распоредите на летовите би можеле да се прилагодуваат како што се развива ситуацијата.
Ер Арабија, исто така, ги откажа летовите до Иран, Ирак и други делови од регионот.
Шпанската авиокомпанија Иберија Експрес, исто така, го откажа летот до Тел Авив, кој беше закажан за денеска во 17 часот по локално време.
Ирак, Катар и Кувајт, како и Обединетите Арапски Емирати денеска го затворија својот воздушен простор.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац претходно денеска изјави дека Израел започнал превентивен напад врз Иран за да ги отстрани заканите за безбедноста на земјата и дека е прогласена вонредна состојба низ целата земја.
Извор потврди за Си-Ен-Ен дека израелскиот напад врз Иран утрово бил координиран со САД.
Американските претставници изјавија дека очекуваат нападот врз Иран да биде „далеку пообемен“ од американските напади минатиот јуни врз иранските нуклеарни постројки.
Американските напади врз Иран се извршуваат од воздух и од море, изјави американски претставник.
Свет
Операцијата во Иран наречена „Епски гнев“
Пентагон денеска објави дека американските напади врз Иран се нарекуваат операција „Епски гнев“.
Претходно денеска, американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД го напаѓаат Иран и ги наведе причините за таквата одлука.
Израел, исто така, објави дека го напаѓа Иран, а израелскиот министер за одбрана Израел Кац и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, исто така, ги наведоа причините за нивниот потег.
Регион
Спречен шверц на 350 килограми марихуана на албанско-грчката граница
На граничниот премин „Какавија” на албанско-грчката граница, кај Ѓирокастро, спречен е шверц на 350 килограми марихуана, која требала да заврши на грчкиот нарко пазар.
„Денеска околу 6:30 часот, при скенерска проверка на празно возило на излез од царинската испостава Какавија, забележана е двојна шасија, каде што била сместена сомнителна количина на наркотична супстанца „канабис сатива“, соопшти албанската полиција.
Се додава дека царинските службеници го пуштиле возилото на физички преглед, заедно со полициските сили, при што биле откриени 166 пакети од по 2,1 килограма марихуана или вкупно 350 килограми.
Ова е прв случај откриен годинава со толкава количина марихуана на овој премин во јужниот дел на Албанија.

