Европа
Германската министерка за одбрана побара ослободување на украинските морнари

Германската министерка за одбрана, Урсула фон дер Лејен, побара од Русија да ги ослободи украинските морнарите заробени кога беа запленети трите украински бродови во теснецот Керч.
Министерката, исто така, побара деескалација на ситуацијата и им нареди на двете страни да работат на тоа, објави „Ројтерс“.
Покрај министерката за одбрана, германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, исто така, зборуваше за инцидентот во Керч, кој побара од Москва да се придржува кон меѓународното право и да го почитува суверенитетот на соседните земји.
Еден од членовите на Христијанско-демократската унија на Германија и член на Комитетот за надворешни работи на германскиот парламент, Норберт Ретген, рече дека Европа можеби ќе мора да наметне посилни санкции за Русија по инцидентот во теснецот Керч.
„Од моја гледна точка, таквото однесување не може да остане незабележано и јас не мислам дека некој треба да каже дека нема да има понатамошни санкции”, рече Ретген, објави „Ројтерс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Човекот што најверојатно ќе го наследи Шолц: Ова повеќе не е Америка што ја знаеме

Фридрих Мерц (ЦДУ), конзервативниот фаворит за нов германски канцелар, изрази загриженост за насоката во која се движат САД во вториот мандат на Доналд Трамп, пишува Политико.
Германскиот кандидат за канцелар во средата вечерта се обрати пред насобраните на митингот во Синген, истакнувајќи дека промените во американската администрација се загрижувачки. „Ова повеќе не е Америка што ја познававме“, рече Мерц, мислејќи на големите кадровски и институционални промени во администрацијата на Трамп.
„Начинот на кој се менуваат функционерите, начинот на кој се менуваат структурите на Министерството за правда и државните обвинителства, начинот на кој масовно се делат помилувањата на луѓето осудени на повеќегодишни казни – сето тоа ќе има последици за Америка“, предупреди Мерц.
Предупредувањата на Мерц доаѓаат во време на масовни отпуштања и намалувања во американската администрација, како и во секторот за странска помош, откако Трамп повторно ја презеде функцијата претседател. Неговата администрација испрати масовни мејлови до вработените во владините институции нудејќи им „одложени оставки“, отстрани неколку федерални инспектори и отпушти десетици обвинители поврзани со гонење случаи поврзани со нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година.
Дополнително, САД ја замрзнаа странската помош и најавија планови за ставање на речиси сите вработени во американската Агенцијата за меѓународен развој (УСАИД) на платен одмор.
Трамп, исто така, најави амбиции да ја преземе контролата врз Појасот Газа, Гренланд и Панамскиот канал, не исклучувајќи ја можноста за употреба на воена сила.
Европа
Русија врати осум киднапирани деца во Украина

Осум украински деца кои беа насилно одземени од нивните семејства се вратени дома, изјави висок украински функционер. Децата биле земени од нивните семејства од страна на официјални лица на полуостровот Крим, кој е под руска контрола и сместени во државни сиропиталишта.
Дарина Заривна, советничка на началникот на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, рече дека децата биле однесени додека биле на лекување во болница. Таа вели дека биле подложени на малтретирање во сиропиталиште и биле принудени да учествуваат во проруски вежби, како и дека биле принудени да ракуваат со оружје и да се подготвуваат за војна. Децата беа спасени како дел од програмата „Врати ги децата“. Заривна не соопшти детали за тоа како биле спасени децата и каде се сега.
„Нивната приказна е пример за систематската суровост на окупаторите. Тие беа насилно одземени од нивните мајки додека беа во болница. Сето ова е дел од политиката на Русија насочена кон уништување на украинскиот идентитет“, напиша Заривна на Телеграм.
Украина вели дека повеќе од 19.500 деца биле однесени во Русија или на територијата окупирана од Русија без согласност на нивните семејства или старатели за време на војната, нарекувајќи ги киднапирањата воено злосторство што ја исполнува дефиницијата за геноцид според договорот на ОН.
Европа
Зеленски: Подготвен сум да разговарам со Путин за завршување на војната, проблемот е што тој се плаши

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази подготвеност да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин за да разговараат за политичките и дипломатските начини за ставање крај на војната, јавува агенцијата Анадолија.
Говорејќи на прес-конференција во Киев по состанокот со претседателот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Одил Рено-Басо, Зеленски го обвини Путин дека „се плаши да разговара“ со него за завршување на војната.
„Американскиот претседател Доналд Трамп и земјите од Европската унија веруваат дека дипломатијата е невозможна без Русија, без Путин. Затоа реков дека сум подготвен ако можеме да се договориме како ќе заврши оваа војна. Подготвени сме за дипломатија, тука немам проблем со тоа. Проблемот е што ми се чини дека Путин всушност се плаши да разговара со мене“, рече Зеленски.
Во врска со украинскиот декрет за забрана на какви било мировни преговори со Русија додека Путин е нејзин претседател, кој Зеленски го потпиша во 2022 година, украинскиот лидер тврди дека тоа не се однесува лично на него.
Тој ги коментираше извештаите во медиумите за американскиот план за ставање крај на војната во Украина.
„Сигурен сум дека нашите тимови ќе работат заедно. Не може да има друг план“, рече Зеленски.
Тој нагласи дека Киев размислува за официјални контакти со Вашингтон, вклучително и мировен план.
Размислувајќи за неговиот состанок со Рено-Басо, Зеленски рече дека разговарале за финансиската помош на Европската унија за Украина.
Рено-Басо рече дека банката и обезбедила на Украина финансиска помош во вредност од 6,2 милијарди евра од 2022 година и планира да продолжи да инвестира во енергијата и во приватниот сектор.