Европа
Германски медиуми тврдат дека Меркел неделава спречила воен судир меѓу Турција и Грција
Во вторникот вечерта во Средоземното Море дошло до тензии меѓу Грција и Турција околу малиот остров Кастелоризо во близина на турскиот брег, кои за малку ќе ескалирале во вооружен судир. Телефонски повик на Ангела Меркел спречил ескалација на судирот буквално во последен момент, пишува германскиот таблоид „Билд“, а пренесе „Дојче веле“.
„Билд“ понатаму наведува дека причината за конфликтот меѓу двете земји се пробните дупчења во потрага по нафта и гас, што Турција ги спроведува во непосредна близина на грчките острови, во зоната која Грција ја смета за т.н. Ексклузивна економска зона (ЕЕЗ). Станува збор за морска област во радиус од 200 наутички милји околу овој остров.
Германскиот весник со најголем тираж дознава и дека поради ваквата ситуација, во вторникот попладне 18 турски воени бродови биле на пат кон островот. „Билд“ исто така јавува дека Грција ја ставила својата армија во состојба на целосна борбена готовност.
„Но, тогаш се вклучила германската канцеларка Ангела Меркел. Таа прво остварила телефонски разговор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а потоа и со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис. Резултат: Турција повлекла 16 воени бродови, сепак оставајќи два во близина на островот. Но, потегот предизвикал олеснување кај обете страни во Егејското Море“, истакнува „Билд“.
Меѓутоа, берлинскиот весник „Тагесшпигел“ пишува дека малку е веројатно оти ќе има некој поголем пресврт во однос на спорот околу природните ресурси.
Весникот објаснува: „Двете страни веруваат дека се во право. Притоа, тие се повикуваат на различни конвенции и одредби во рамки на поморското право. Двете држави треба да ја препознаат потребата за јасна пресуда од независна трета страна. Тие треба итно да се обратат до Меѓународниот суд на правдата. Меркел, ЕУ и НАТО треба да ги убедат своите членки и партнери Турција и Грција за ова. Во спротивно постои закана од отворање ново воено жариште во Средоземното Море, кое во овој случај беше само одложено“, се наведува во коментарот на берлинскиот весник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

