Свет
Голема воена вежба на НАТО – учествуваат над 1.000 војници, 100 возила, бродови и авиони

Специјалните сили на НАТО и партнерите почнаа голема воена вежба во Романија наречена „Вкрстен удар 21“.
Во вежбата учествуваат над 1.000 војници со цел зајакнување на заедничкото дејствување во сценарио на хибридна војна.
Според порталот „Балканска безбедносна мрежа$, домаќинот на вежбата, Романија, учествува со повеќе од 800 војници и 100-ина возила, пловни објекти и авиони.
Уште 150 специјалци дојдоа од САД, Грција, Бугарија, Велика Британија, Холандија, Португалија, Молдавија и од Грузија. Вежбата се одржува на седум локации, од кои едната е на море, а најмногу активности има на Карпатите и во централна Романија.
„Оваа вежба продолжува преку меѓународни вежби во Романија, во кои учествуваат специјални сили. Претходните месеци во таа земја и регион се одржуваa вежби во рамките на американската ‘Бранител на Европа 21’ и вежбата на НАТО – ‘Силен бранител’“, се наведува во текстот.
Порталот додава дека медиумските извештаи покажуваат оти во вежбите се користи модерно оружје и опрема на специјални единици, џипови „хамер“, транспортни хеликоптери и брзи патролни чамци, како и пушки од постарата генерација.
Сите учесници на себе имаа карактеристична опрема од специјални единици, специјално дизајнирани униформи, нови шлемови, држачи за оклопни плочи, очила, ракавици и оптички, електронски и ласерски нишани.
По успешната вежба, силите што учествуваа на вежбата ќе добијат потврда дека се борбено подготвени за спроведување специјална операција на море, како и дека командните структури се способни за планирање и спроведување специјална операција на НАТО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Жена падна во провалија длабока 20 метри во Црна Гора и преживеа само со гребаници, лекарите зачудени

Руска државјанка, чиј идентитет не се соопштува, се здобила со лесни повреди кога паднала во провалија длабока дваесет метри.
Според информациите на црногорските медиуми, Русинката со својата пријателка се возела со такси од правец на Будва и во градот Обзовица го замолила возачот да застане покрај патот. Не долго потоа, таа паднала во бездната.
Припадниците на цетинската спасувачка служба веднаш излегле на местото на настанот. Ја извадиле повредената и ја предале на итната помош која ја однела во болницата во Цетиње.
Началникот на Центарот за заштита и спасување, Милош Ќечановиќ изјави за Радио Цетиње дека повредената се жалела на болки во главата и вратот и дека имала неколку гребаници.
Лекарите биле зачудени, пишува „Блиц“.
Регион
Рама: Србите да се вратат во институциите, Косово веднаш да распише нови избори

Албанскиот премиер Еди Рама порача дека ставот на Тирана, како и на сите лидери на ЕУ и на САД, е дека моменталната ситуација на северот е неприфатлива и оти Србите треба да се вратат во институциите, а Косово треба да распише нови избори.
Рама во интервју за „ТВ Клан“ подвлече дека ставот на албанската влада е јасен – оваа ситуација е опасна и непотребна.
На прашањето кој е одговорен, тој рече дека не е негово да ги најде одговорните.
„Во Молдавија беа присутни сите лидери на Европа и на некои други земји, а единствениот став на сите лидери на ЕУ е ист како оној на САД, дека оваа ситуација е неприфатлива и има две работи – Србите мора да се вратат во институциите, Косово мора веднаш да распише нови избори за да се реши ситуацијата“, објасни тој.
Рама објави дека на маргините на Самитот на Европската политичка заедница се сретнал со Албин Курти и Вјоса Османи, но дека не разговарале за ситуацијата на северот на Косово. Според него, тоа е прашање за кое треба да одлучат дали сакаат да разговараат со него или не.
На прашањето дали тоа значи дека нема комуникација меѓу Албанија и Косово на официјално ниво, Рама рече дека тоа не е така, туку дека се работи за одговорност и надлежност на премиерот на Косово, а до одреден степен претседателот.
„На нив е да одлучат дали сакаат да разговараат за тоа прашање или не. Не сум јас тој што ги води и им кажува како да ја завршат оваа работа. Ова е почит кон нив и кон институциите на Косово, според мене“, додаде тој. Тој посочи дека Косово се консултирало со Албанија кога сакало да се консултира.
„Кога не сакаат да се консултираат, целосно нивно право е да не се консултираат. Тој не побара да разговара со мене или со нас во Владата и има право да не разговара. Но, ние не сме рамнодушни“, рече тој.
Свет
(Видео) Расте бројот на загинати по судирот на возови во Индија, патници се заробени во вагоните

Најмалку 50 лица загинаа, а 350 се повредени во Индија кога патнички воз се судри со товарен воз во индиската држава Одиша, јавуваат индиските медиуми и локалните власти.
Возот „Коромандел експрес“ кој сообраќал од Калкута кон Ченај излетал од шините по судирот и влегол во спротивен правец.
– На местото на несреќата излегоа близу 50 возила на брза помош, но се чинеше дека има многу повеќе повредени. Мобилизирани се голем број автобуси за да ги пренесат повредените во болница – објави на Твитер шефот на секретаријатот на Одиша, Прадип Јена.
Премиерот на Индија Нарендра Моди на Твитер објави дека сите расположливи државни сили се на местото на несреќата и им пружаат помош на настраданите.
АП јавува дека спасувачите се обидуваат да ослободат уште 200 луѓе за кои се стравува дека се заробени во превртените вагони.
Два воза се судрија во август 1995 година во близина на Њу Делхи, при што загинаа 358 луѓе, што е најтешката железничка несреќа во историјата.