Свет
Гренланд го менува својот облик и се движи кон северозапад
Додека климата бргу се менува, Гренланд, најголемиот остров во светот, буквално го менува својот облик. Неговата почва се извиткува, се движи и се крева како да дише со планетата.
Новите податоци од научниците покажуваат дека мразот што се насобрал и неговото постојано топење влијае не само на нивото на морето туку и на темелите на островот.
Во свет на кој сè повеќе му снемува мраз овие деформации би можеле да имаат длабоко влијание врз иднината на регионот, пишува „Сајан алерт“.
Според истражувањето спроведено од меѓународен тим научници предводен од Техничкиот универзитет во Данска (DTU), Гренланд физички се менува на начин што би можел да има последици за иднината на навигацијата во околните води. Во текот на 20 години научниците следеле 58 специфични точки на територијата на островот анализирајќи ги сателитските ГПС-мерења, кои откриле дека копнената маса на островот се движи кон северозапад со просечна брзина од два сантиметра годишно. Сепак, движењето не е униформно: на некои места Гренланд се шири, а на други се намалува.
„Севкупно, ова значи дека Гренланд станува малку помал, што би можело да се промени во иднина“, објаснува геофизичарот Данжал Лонгфорс Берг од ДТУ.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Секој Евреин што ќе гласа за Мамдани е глупав човек
Американскиот претседател Доналд Трамп ги повика Евреите во Њујорк да не гласаат за кандидатот на левото крило на Демократската партија, Зохран Мамдани, нарекувајќи го „докажан мразител на Евреите“.
„Секој Евреин што ќе гласа за Зохран Мамдани е глупaв човек!“, напиша Трамп на својата платформа Truth Social, обвинувајќи го 34-годишниот кандидат дека „ги мрази Евреите“. Мамдани, муслимански демократски социјалист роден во Уганда, е познат поддржувач на палестинската кауза и застапник на кампањата за бојкот и санкции против Израел.
Во обид да ги смири реакциите, Мамдани во последните месеци јавно се изјаснува против антисемитизмот. Тој води во анкетите со 41 отсто поддршка, пред поранешниот гувернер Ендру Куомо, кој има 34 отсто и ја има поддршката на Трамп.
Трамп претходно се закани дека ќе му ги ускрати федералните средства на Њујорк ако Мамдани победи на изборите за градоначалник.
Свет
Глобалното затоплување ќе ја надмине границата од 1,5 степени, предупредува ОН
Светот нема да го исполни климатскиот цел од ограничување на затоплувањето на 1,5 степени Целзиусови, соопшти Програмата на Обединетите нации за животна средина (UNEP). Според годишниот извештај, поради недоволните мерки за намалување на емисиите на стакленички гасови, глобалната температура во следната деценија ќе ја надмине целта утврдена со Парискиот договор од 2015 година.
UNEP предупредува дека сегашните политики водат кон раст на температурите од 2,3 до 2,5 степени, што ќе биде „тешко да се преобрати“. Иако е постигнат напредок во однос на пред десет години – кога прогнозите укажуваа на пораст до четири степени – емисиите и понатаму растат, бидејќи земјите се потпираат на јаглен, нафта и гас за производство на енергија.
Овие податоци, според агенцијата, дополнително ќе го засилат притисокот пред климатскиот самит COP30, на кој државите ќе разговараат за побрзо финансирање на мерките за ублажување на глобалното затоплување.
Свет
Германија им нуди пари на Авганистанците ако се откажат од доаѓање во земјата
Германската влада им понудила финансиска надомест на Авганистанците кои имаат одобрение за прием во Германија, доколку доброволно се откажат од тоа одобрение за влез во земјата.
Според документот на Германското друштво за меѓународна соработка, понудата се однесува на околу 660 лица кои сега се во Пакистан. Поединци што ќе прифатат, ќе добијат еднократна исплата — 1500 евра во Пакистан и дополнителни 5000 евра како „помош за нов почеток“, но со тоа ќе се откажат од сите идни побарувања кон германската влада.
Министерството за внатрешни работи објаснило дека не може да гарантира навремен завршеток на програмата за прием поради административни пречки и рокови што ги поставила пакистанската влада.
Хуманитарни организации ја осудија понудата, нарекувајќи ја „лоша“ и „недоволна“. Според нив, износот не го покрива ниту дел од трошоците што бегалците веќе ги направиле, а враќањето во Авганистан би значело ризик за нивниот живот под талибанскиот режим.
Во меѓувреме, неколку авганистански семејства што поднеле тужби против германската држава успеале да добијат дозвола за влез и пристигнале во Хановер.

