Свет
Гутереш: Вакци-национализмот ќе го успори глобалното излегување од кризата

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш изрази жалење поради „бројката која го крши срцето“ – два милиони починати во светот од коронавирусот, и се осврна на фактот дека солидарноста опаѓа во одговорот на светот на вирусот.
„Денес сведочиме на вакуум околу вакцината“, кажа шефот на ОН.
„Вакцините доаѓаат во богатите земји брзо, додека во сиромашните воопшто ги нема. Науката успева – но солидарноста опаѓа“.
Без наведување имиња, Гутереш го критикуваше тоа што „некои земји договараат дополнително купување од страна, набавуваат повеќе од потребното“.
„Владите имаат одговорност да ги штитат своите жители, но вакци-национализмот ќе ги порази самите земји и ќе го успори глобалното заздравување од кризата. Ковид-19 не може да се победи поединечно, земја по земја“, вели Гутереш.
Додаде дека приоритет мора да им се даде на оние кои се наоѓаат „на првата линија на одбраната: хуманитарците и ризичните лица“.
На конференцијата за медиуми претседателот на Генералното собрание на ОН Волкан Бозкир најави дека и тој и Гутереш наскоро ќе се вакцинираат. Шефот на ОН ќе ја прими вакцината следната недела, а Бозкир на 2 февруари.
„Тоа е затоа што Њујорк, каде што се наоѓа седиштето на ОН, има јавно-здравствена политика на давање вакцина на сите постари од 65 години“, кажа Бозкир.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Пронајдени се телата на браќата од Хрватска во словенечките Алпи

Словенечките планински спасувачи ја продолжија својата акција утрово под врвот Тошќ. во Јулиските Алпи, каде што вчера лавина затрупа тројца хрватски планинари.
Исчезнатите лица, по кои се трагаше од вчера, за жал се пронајдени мртви, објавува словенечки 24ur. Како што неофицијално дознава словенечкиот медиум, двајца од нив биле браќа.
„Ги пронајдовме двајцата – едниот беше закопан околу еден метар во снегот, а другиот околу метар и пол. Првиот успеавме да го транспортираме во долината со хеликоптер, додека сè уште чекаме транспорт за вториот. Самиот терен е многу тежок бидејќи е карпеста, стрмна клисура со бројни карпести скокови, што ја направи работата опасна и тешка за спасувачите. За жал, ќе кажам дека сите тројца планинари што ги пронајдовме во лавината починаа. Им изразувам искрено сочувство на нивните семејства“, рече тој.
Регион
Се уште трае потрагата по хрватските планинари заробени од лавина на словенечките Алпи

Потрагата по двајцата исчезнати хрватски планинари во Јулиските Алпи продолжи утрово кратко по 7 часот, потврди Словенечката планинска служба за спасување за хрватски Индекс.
Вчера наутро, под врвот Тошќ во Јулиските Алпи беше предизвикана снежна лавина, при што беа затрупани тројца хрватски планинари.
За време на тешкото пребарување и спасување, еден планинар беше пронајден без знаци на живот, додека двајцата мажи сè уште се бараат.
Во потрагата денес е вклучен и хеликоптер.
Екипите веќе тргнаа кон локацијата, но точниот број на вклучени спасувачи сè уште не е познат.
Службата додава дека денешното време дозволува распоредување на хеликоптер, но условите во планините се сè уште нестабилни и постои ризик од нови лавини. Идентитетите на загинатиот планинар и двајцата исчезнати сè уште не се официјално потврдени, но неофицијално хрватските медоуми објавија дека двајцата мажи по кои се трага се браќа.
Шеф на спасувачката служба: Ситуацијата е сложена и опасна
Заменик-шефот на Словенечката планинска спасувачка служба, Клемен Белхар, изјави за ХРТ дека во областа има околу половина метар снег, што не звучи како многу, но создава висок ризик од лавини. Тој додаде дека во планините сè уште има групи алпинисти кои ќе бидат спасени денес и утре.
„Ситуацијата е доста сложена и опасна“, рече Белхар. На прашањето дали има надеж дека преостанатите двајца Хрвати по кои сè уште се трага се сè уште живи, тој одговори: „Секако ќе се однесуваме како да се живи, но колку надеж има, никој не знае“.
Свет
Захарова ја исмеа изјавата на Мерц за руските дронови над Германија

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, одговори со карактеристично остар тон на сугестијата на германскиот канцелар Фридрих Мерц дека Русија би можела да стои зад серијата инциденти со беспилотни летала над Германија, објави рускиот весник „Комерсант“, пренесува „Европска правда“.
Мерц претходно изјави дека верува оти Русија е многу веројатно одговорна за летовите на бројни беспилотни летала забележани над германска територија.
Коментирајќи ја изјавата, Захарова рече дека Германија веројатно ќе ја заврши својата истрага за инцидентите со беспилотни летала во следниот век.
Таа направи паралела со истрагата за експлозиите на гасоводот „Северен тек“, истакнувајќи дека Берлин сè уште не утврдил кој е одговорен, сугерирајќи дека истрагата за беспилотните летала ќе трае исто толку долго.
Изјавите доаѓаат по неодамнешните настани што ги зголемија тензиите. За потсетување, доцна навечер на 2 октомври, аеродромот во Минхен привремено ги прекина операциите поради присуството на едно или повеќе неидентификувани беспилотни летала во негова близина. И покрај инцидентите, германскиот министер за одбрана, Борис Писториус, апелираше до јавноста за смиреност.
Фото: ЕПА