Свет
Девојче од Пенсилванија починало откога со месеци било мачено од татка си и маќеата
Девојче од Пенсилванија починало откога со месеци било мачено од татка си и маќеата, пишува „Дејли мејл“.
Малинда Хогланд (12) беше пронајдена едвај жива од полицијата на 4 мај кога татко ѝ Рендал Хогланд се јавил на 911. Тврдел дека со велосипедот удрила во дрво. Малинда, која тежела само 22 килограма, починала неколку часа по пристигнувањето во болница. Персоналот бил шокиран од нејзината физичка состојба. Имала модринки, скршеници и оштетен црн дроб.
Хогланд (52) и неговата свршеница Синди Ворен (45) беа обвинети за нејзината смрт два дена подоцна.
„Дејли мејл“ ги прегледа објавите на парот на социјалните мрежи. Тие забележале дека таткото престанал да објавува фотографии од неа на почетокот на јануари, но продолжиле да објавуваат фотографии од синот Гевин, за кој полицијата вели дека не бил малтретиран. Девојчето, пак, на последните фотографии што ги објавил татко ѝ изгледало слабо, а нејзината рака изгледала како да е покриена со модринки.
Маќеата на девојчето во 2009 година се изјаснила за виновна затоа што не го спречила својот поранешен сопруг да го претепа неговиот тригодишен син Исаја. Тој е осуден на затворска казна за злоупотреба на момчето, но и за убиството на двегодишната ќерка од претходната врска.
Полицијата соопшти дека Малинда престанала да оди на училиште во декември и често била врзана за мебелот во подрумот. Се појавувала на онлајн-предавања, но била врзана за да не се гледа на камерата.
На видеата, кои парот ги избришал, наводно се гледал степенот на малтретирање на девојчето. На некои од нив Малинда била принудена да спие на подот, без перница или ќебе. Ѝ кажале дека не треба да очекува појадок, ручек или вечера. Тие исто така ги избришале пораките пред да се јават на 911. Меѓутоа, полицијата успеала да ги врати пораките во кои разговарале за нејзината влошена здравствена состојба.
И двајцата се обвинети за обид за убиство, напад и киднапирање, а истражителите велат дека се можни дополнителни обвиненија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

