Свет
Доделена Нобеловата награда за хемија на тројца научници што работат во САД
Нобеловата награда за хемија за 2023 година им е доделена на Мунги Бавенди, Луис Е. Брус и на Алексеј Екимов за откривање и синтеза на таканаречените квантни точки.
Престижното признание за хемија за 2023 година им е доделена на тројца научници што работат во САД: Мунги Бавенди, Луис Е. Брус и Алексеј Екимов, соопшти Кралската шведска академија на науките во Стокхолм. Тројцата научници се наградени за откривање и развој на таканаречените квантни точки, наночестички, кои се толку мали што нивната големина ги одредува нивните својства.
„Овие честички имаат уникатни карактеристики и ја шират својата светлина од телевизиските екрани сè до ЛЕД-светилките. Тие катализираат хемиски реакции и нивната јасна светлина на хирурзите може да им го осветли туморското ткиво“, посочи Академијата.
Бавенди, Брус и Екимов создадоа важни основи за областа на нанотехнологијата во 80-тите и 90-тите.
Мунги Бавенди е француски хемичар со туниско потекло, професор на МИТ – Технолошки институт во Масачусетс, САД. Луис Е. Брус е американски професор по хемија на Универзитетот „Колумбија“, а Алексеј Екимов е руски физичар, кој работи во САД.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Убиен е шефот на иранската армија кој жестоко им се закани на САД пред 5 дена
Иранската државна телевизија објави дека началникот на Генералштабот на вооружените сили Абдолрахим Мусави е убиен во напади врз Иран.
Тој беше меѓу околу 30 клучни лидери на иранскиот режим и воени команданти за кои се тврди дека биле цел на вчерашните заеднички напади на САД и Израел.
Мусави беше тој што пред пет дена им се закани на САД во име на иранските власти, што е најтешката закана дотогаш.
„Ако овој пат направат грешка, ќе им нанесеме големи загуби, бидејќи нашите вооружени сили се решени да се спротивстават на силата што врши заплашување до самиот крај“, рече Мусави.
Фото: depositphotos
Свет
Израел почна широк бран напади врз Техеран, ИДФ тврди дека фрлил над 1.200 парчиња муниција
Израелската војска соопшти дека почнала широк бран напади врз цели на иранскиот режим во срцето на Техеран, во рамки на операцијата наречена „Рик на лавот“.
„Воздухопловните сили, водени од военото разузнавање почнаа широк бран напади врз цели на иранскиот терористички режим во срцето на Техеран“, се наведува во соопштението на армијата. Војската додава дека во текот на изминатиот ден биле спроведени обемни напади со цел да се обезбеди воздушна надмоќ и да се „отвори патот кон Техеран“.
Од Израелските одбранбени сили (ИДФ) информираат дека во последните 24 часа израелски борбени авиони фрлиле повеќе од 1.200 парчиња муниција врз Иран. Според ИДФ, биле погодени стотици ирански воени цели, вклучувајќи лансери на балистички ракети и системи за противвоздушна одбрана.
Во меѓувреме, трет круг сирени за тревога поради проектили се огласил на северот на Израел. Силни детонации биле слушнати и во подрачјето на Ерусалим, но засега нема информации за повредени или материјална штета.
Нови сирени се огласиле во регионот на Ерусалим, како и низ Тел Авив и други градови во централниот дел на земјата, по предупредувања за дојдовен ракетен напад од Иран.
Свет
Иран тврди дека нападнал 27 американски објекти на Блискиот Исток
Во услови на континуирана размена на ракетни напади на Блискиот Исток, Иран соопшти дека гаѓал во 27 американски воени локации во регионот. Иранската револуционерна гарда наведе дека цел биле и израелската воздухопловна база Тел Ноф, воено седиште и голем одбранбен комплекс во Тел Авив.
Според ИРГЦ, станува збор за шести „бран“ одмазднички напади во кои биле користени ракети и дронови. Гарда порача дека ќе продолжи со воените дејствија, но овие тврдења не се независно потврдени.
„Вооружените сили на Исламската Република Иран нема да дозволат да замолкнат сирените за воздушна опасност на окупираните територии и во американските бази. Ќе продолжиме со повторени и болни удари, што претставува нов и многу тежок чекор на одмазда“, се наведува во соопштението што го пренесуваат државните медиуми ИРИБ.
Фото: depositphotos

