Свет
Документарен филм од 2017 година фрла ново светло на приказната за потеклото на коронавирусот
Институтот за вирусологија во Вухан, познат по своите истражувања на вирусите кај лилјаците, веќе долго време се наведува како можен извор за ширење зараза. Но, кинеските власти ги отфрлаат таквите тврдења како „чиста шпекулација“ и велат дека во таа лабораторија важи високо ниво на безбедност.
Меѓутоа, документарен филм, кој на државната кинеска телевизија ЦЦТВ е веќе прикажан во 2017 година, покажува колку лежерно се однесуваат некои соработници во Институтот во работата со коронавирусите, пишува „Дојче веле“ и додава дека на тој филм потсетил и „Тајван њуз“ во пресрет на доаѓањето на експертите од СЗО.
Филмот прикажува група научници собрани околу Ши Џенгли, позната како „ Жената лилјак“ (Bat Women) во потрага по потеклото на САРС, и иако им беше јасно дека лилјаците што ги испитувале може да носат смртоносни вируси, некои научници за тоа не носеле заштитна опрема за време на истражувањето во пештерата во Јунан.
Фатените лилјаци биле прегледани со голи раце, а без заштита им бил земен измет со раце, што е можен извор на инфекција.
Вирусологот Чуи Џиу дури рекол дека лилјак го каснал преку тенки гумени ракавици и тој во филмот покажува оток на местото каде што е гризнат, додека глас од позадината вели дека лилјаците можат да пренесат бројни вируси, вклучително беснило, па затоа членовите на истражувачкиот тим се вакцинирани против беснило пред земањето мостри.
Филмот ненамерно покажува дека безбедносните мерки не се почитуваат правилно, не само за време на истражувањето во пештерата туку и во лабораторијата, каде што лабораториските техничари не носат вистинска заштитна облека или маска за лице, пишува ДВ.
Како што изјавила Ши Џенгли, „оваа работа не е толку опасна како што мислат сите“, бидејќи постои многу мала веројатност за директна инфекција на луѓето.
Потоа таа објаснила дека нејзините соработници, кога знаат дека лилјаците носат вирус на одредено место што може да се прошири и на луѓето, преземаат поголеми мерки на претпазливост, но дека „во повеќето случаи се применува само обична заштита“.
Овој филм, се вели, отвора прашања на кои тимот на СЗО сигурно би сакал да најде одговори, бидејќи она што шокира е лежерниот однос кон безбедносните мерки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп му даде целосна поддршка на Орбан пред изборите во Унгарија: „Тој е силен и моќен лидер“
Американскиот претседател, Доналд Трамп, јавно го поддржа унгарскиот премиер Виктор Орбан пред парламентарните избори што ќе се одржат на 12 април, порачувајќи дека има негова целосна и апсолутна поддршка за нов мандат.
Трамп пред изборите што ќе се одржат во таа земја, рече дека Орбан е навистина силен и моќен лидер.
„Бев горд што го поддржав Виктор за реизбор во 2022 година и чест ми е што тоа го правам повторно. Виктор Орбан е вистински пријател, борец и победник и ја има мојата целосна и апсолутна поддршка за реизбор за премиер на Унгарија – тој никогаш нема да го изневери големиот унгарски народ“, напиша Трамп во објава на социјалната мрежа „Трут соушал“.
Трамп додаде дека Орбан е навистина силен и моќен лидер, со докажан успех во постигнувањето феноменални резултати.
„Тој неуморно се бори за својата голема земја и народ и ги сака, исто како што јас го правам тоа за Соединетите Американски Држави“, истакна Трамп.
Според него, Орбан вредно работи на заштитата на Унгарија, развојот на економијата, создавањето работни места, промоцијата на трговијата, запирањето на нелегалната имиграција и обезбедувањето закон и ред.
„Односите меѓу Унгарија и Соединетите Американски Држави достигнаа нови височини на соработка и спектакуларни достигнувања под мојата администрација, во голема мера благодарение на премиерот Орбан. Со нетрпение очекувам продолжување на блиската соработка со него, за двете наши земји дополнително да го унапредат овој огромен пат кон успех и соработка“, заклучи Трамп.
Регион
Четиричлено семејство од Албанија почина во Тоскана од труење со јаглероден моноксид
Четиричлено семејство – родителите и нивните две деца, настрадало во својот дом во италијанската покраина Тоскана, поради труење со јаглероден моноксид, соопштија локалните власти.
Според првичните информации, жртвите се таткото Арти, мајката Јонида (43), синот Хајдар (22) и ќерката Џесика (15). Петтото лице од домаќинството е префрлено во болницата Чизанело во Пиза во тешка состојба, но според достапните податоци не е животно загрозено, пренесе Раи Уно.
На местото на настанот интервенирале припадници на противпожарната служба, карабинерите и екипи на итната медицинска помош, пренесе Итaлпрес.
При прегледот на објектот, тројца карабинери исто така добиле полесни симптоми на труење и им била укажана медицинска помош.
Прелиминарната истрага е насочена кон проверка на исправноста на котелот за централно греење, со цел да се утврди причината за трагедијата. Италијанските медиуми наведуваат дека семејството е со потекло од Албанија.
Свет
Лавров до Макрон: Ако сакате сериозен разговор, јавете се, Путин ќе одговори
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги коментираше француските обиди за обновување на дијалогот меѓу францускиот претседател Емануел Макрон и рускиот претседател Владимир Путин.
„Францускиот претседател Емануел Макрон пред околу две недели повторно рече дека ќе го повика Путин“, нагласи Лавров во интервју за државната телевизија „РТ“.
„Знаете, тоа не е сериозно. Тоа е патетична дипломатија. Ако сакате да се јавите и да водите сериозен разговор, тогаш јавете се. Путин секогаш ќе се јави на телефон. Секогаш ќе ги сослуша сите предлози, особено сериозните“, наведе Лавров.
Двајца европски дипломати, кои зборуваа под услов на анонимност, потврдија за Политико дека советникот на Макрон, Емануел Бон, во вторникот ја посетил Москва со цел да го подготви теренот за обновување на директната комуникација меѓу Путин и Макрон.
Според наводите на еден од дипломатите, Бон се сретнал со Јуриј Ушаков, близок соработник на Путин и член на руската делегација во тековните мировни преговори со Украина.
Француските претставници не сакаа ниту да го потврдат, ниту да го демантираат посетата на Бон во Москва. Истото го направи и портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, кој на редовната прес-конференција изјави дека тоа го прави „од солидарност со француската страна“.
Макрон во вторникот изјави дека се во тек „технички разговори“ со цел повторно воспоставување дијалог со Кремљ, додека неговиот кабинет вчера соопшти дека тие разговори се водат транспарентно „и во консултација со претседателот Зеленски и главните европски партнери“.
Макрон во повеќе наврати истакна дека европските држави треба да водат сопствени директни разговори со Москва.

