Свет
Европската агенција за лекови ќе ги разгледа резултатите од студијата на СЗО за лекот ремдесивир
Европската агенција за лекови (ЕМА) ќе ги разгледа резултатите од студијата на Светската здравствена организација (СЗО) за антивирусниот ремдесивир, што покажа дека лекот не е ефикасен во лекување на Ковид-19, изјави портпаролот на Европската комисија.
Европската агенција за лекови ќе ги разгледа резултатите од студијата на СЗО и податоците од други студии за лекови против Ковид-19 за да утврди дали се потребни промени во начинот на употреба на овие лекови.
Тој не коментираше дали ЕУ била запознаена со резултатите од истражувањето на СЗО пред да склучи договор со „Гилеад“ минатата недела за набавка на лекот.
Тој, исто така, не одговори на прашањето дали може да се преговара за цената што е договорена со американскиот производител.
Договорот е потпишан за шестмесечна набавка на лекот и е во вредност од една милијарда евра.
Лекот се очекува да биде испорачан за 500.000 циклуси на терапија по цена од 2.070 евра по циклус, што според производителот е стандардна цена за богатите земји. Лекот се дава на пациенти во шест дози во рок од пет дена.
Договорот беше потпишан во име на 27 земји членки и 10 земји партнери. Договорот не ги обврзува да купуваат, но договорената цена е обврзувачка.
Светската здравствена организација објави во петокот дека ремдесивир и три други лекови – хидроксихлорокин, лопинавир / ритонавир и производи од интерферон – дале малку или никакви резултати во третманот на пациенти со Ковид-19.
„Гилеад“ смета дека податоците не се детално анализирани и затоа не може да се донесе објективен заклучок за лекот.
Од компанијата за „Ројтерс“ изјавиле дека на крајот на септември добила редактиран документ од СЗО кој содржи различни информации од последниот документ објавен во петокот.
Компанијата не коментира дали цената на лекот за богатите земји може да се промени по истражувањето на СЗО и ги доведува во прашање неговите резултати.
Од таму сметаат дека податоците не се детално анализирани и поради тоа не може да се донесе објективен заклучок за ефективноста на ремдесивирот.
Употребата на ремдесивир беше одобрена од Управата за храна и лекови на САД на 1 мај, а лекот оттогаш доби регулаторно одобрување во неколку други земји.
„ЕУ треба да ги преиспита цените што ќе се плаќаат за ремдесивир. Зошто да плати милијарда евра за лек што нема никакво влијание врз лекувањето?“, рече Ендру Хил, научник на Одделот за фармакологија на Универзитетот во Ливерпул.
Тој истакна дека генеричките верзии на лекот произведен во Индија се продаваат по цена од 200 евра по циклус.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Макрон и Мелони предлагаат разговори со Путин, Стармер не сака
Британскиот премиер Кир Стармер „нема планови“ да разговара со рускиот претседател Владимир Путин, како што предложија францускиот претседател Емануел Макрон и италијанската премиерка Џорџа Мелони, изјави денес портпарол на Даунинг стрит.
„Премиерот нема планови да разговара со претседателот Путин. Неговата цел е јасно да ја поддржи Украина во постигнувањето праведен и траен мир и да ја стави земјата во најсилната можна позиција да ја продолжи борбата и да се движи кон мировни разговори“, изјави портпаролот за новинарите.
Портпаролот додаде дека рускиот претседател „досега не покажал знаци“ дека сака да ја заврши војната во Украина. Тој исто така нагласи дека британската влада има „редовен“ контакт со руската влада, особено преку нејзината амбасада во Москва.
Кремљ претходно го оцени како „позитивен“ фактот што некои европски земји изразија подготвеност да го продолжат дијалогот прекинат по почетокот на рускиот напад врз Украина во 2022 година. Портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, ја критикуваше позицијата на Обединетото Кралство, велејќи дека „засега останува на радикални позиции“ и „не сака да придонесе за воспоставување мир“.
„Ставот на Лондон е деструктивен по природа“, рече Песков.
Италијанската премиерка, Џорџа Мелони, изјави на почетокот на јануари дека „дојде време кога Европа треба да разговара и со Русија“, залагајќи се за европски „специјален претставник“ кој ќе им овозможи да зборуваат со еден глас.
Францускиот претседател, Емануел Макрон, во декември 2025 година изјави дека Европејците „ќе имаат корист од повторното разговарање со Владимир Путин“ како дел од „сеопфатен дијалог со Русија“, додека германскиот канцелар Фридрих Мерц потврди во средата дека „наоѓањето долгорочна рамнотежа со Русија“ ќе ѝ овозможи на Европската Унија „да гледа кон иднината со поголема доверба“.
Со оглед на тоа што американскиот претседател Доналд Трамп го обнови контактот со својот руски колега, застапниците на обновениот дијалог тврдат дека Европа, останувајќи настрана, ризикува да биде ништо повеќе од адут за преговарање во евентуално политичко решение за војната во Украина и, пошироко, во обновувањето на односите меѓу САД и Русија.
фото/епа
Свет
Зеленски: Украинскиот тим оди во САД за да разговара за безбедносните гаранции
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денес изјави дека украинската делегација е на пат кон Соединетите Американски Држави за да разговара за безбедносните гаранции и пакет мерки за зајакнување на напредокот на земјата.
Во исто време, тој изрази надеж дека документите за овие прашања би можеле да бидат потпишани на маргините на Светскиот економски форум во Давос следната недела, објави Ројтерс.
На прес-конференција во Киев, Зеленски, исто така, рече дека украинската делегација се надева дека ќе добие појаснувања од САД за ставот на Русија кон дипломатските напори поддржани од Америка за завршување на војната.
Во понеделникот, најавувајќи го состанокот, Зеленски рече дека го слушнал деталниот извештај на преговарачкиот тим за контактите со американската страна и наредил документот за безбедносните гаранции за Украина да се финализира.
Според него, украинската делегација дефинирала јасен план за дејствување за следните 14 дена, што вклучува подготовка на документи и подготовка за нивно евентуално потпишување, а текстот „достигнува ниво што ќе обезбеди стратешка одбрана на земјата“, пренесува Танјуг.
Свет
Чешкиот претседател: Киев е подготвен на болни отстапки заради мирот
Украинското раководство е подготвено да направи низа исклучително тешки компромиси со цел да се стави крај на долготрајниот вооружен конфликт, изјави претседателот на Чешката Република, Петр Павел, за време на неговата посета на Киев.
Зборувајќи на заедничка прес-конференција со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, Павел изјави дека украинската страна веќе вложила огромен напор, условите за евентуален мировен договор да бидат прифатливи за сите вклучени актери. Иако не даде конкретни детали, чешкиот претседател нагласи дека станува збор за „болни отстапки“ што подразбираат значителни жртви за Украина.
„Верувам дека постојат неколку болни отстапки што Украина мора да ги направи и е подготвена да ги направи, под услов тоа да води кон мир“, рече Павел.
Тој додаде дека е потребно сите дипломатски напори на европските земји да бидат координирани со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, нагласувајќи дека без унифициран настап на сојузниците, не може да има одржливо решение.
„Украина направи многу за да се осигури дека предложеното решение е прифатливо“, нагласи Павел, додавајќи дека дипломатијата и способноста на Западот да дејствува како обединет фронт остануваат одлучувачки фактори во наредниот период.
Порано на истиот брифинг, Зеленски призна дека постојат сериозни несогласувања со Белата куќа во врска со нацрт-мировниот договор, наведувајќи дека интересите на страните „не се на иста страна“.
Во пресрет на посетата, украинските медиуми истакнаа дека еден од клучните проблеми е тоа што Вашингтон продолжува да инсистира Киев да ги повлече своите трупи од Донбас, како и дека одбива да им даде безбедносни гаранции на европските трупи во случај на нивно евентуално распоредување на територијата на Украина.

