Свет
Европскиот комесар признава: Нема единство во одбраната на ЕУ
Обединувањето на земјите-членки на Европската Унија во областа на одбраната нема да се случи наскоро, изјави европскиот комесар за одбрана и вселена Андријус Кубилијус во интервју за „Вашингтон пост“.
„Ние сме многу индивидуални во одбраната, а обединувањето и постигнувањето нешто, е предизвик. Тоа нема да се случи наскоро, но мора да ја погледнеме пошироката слика“, нагласи Кубилијус.
Според весникот, европските членки на НАТО се навикнати да дејствуваат под водство на САД, додека во рамките на ЕУ постои ризик од борба за влијание меѓу националните влади и Европската комисија, која традиционално нема значајна улога во одбранбениот сектор.
Кубилијус истакна дека постојат неколку пречки за военото обединување на европските земји. Како што наведе, производството на опрема е „целосно фрагментирано“, земјите се навикнати да дејствуваат независно, а влијанието на ЕУ во воените прашања е „екстремно ограничено или воопшто не постои“.
„Не можете само да издадете декрет дека сите мора да дејствуваат заедно утре“, рече комесарот.
Претходно, „Вашингтон пост“ објави дека создавањето на единствена армија на Европската Унија без учество на Соединетите Американски Држави не се очекува во блиска иднина поради бројни тешкотии. Според овој весник, повлекувањето на американските трупи од одредени региони ја обнови дебатата за поголема одбранбена независност во Европа во рамките на НАТО.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Германските војници го напуштија Гренланд
Извидничкиот тим на германската армија Бундесвер го напушти Гренланд по само два дена престој.
Повлекувањето го објавија „Билд“ и „Дер Шпигел“, а информацијата за новинската агенција ДПА ја потврди и портпаролот на германското Министерство за одбрана.
Според „Билд“, кој прв ја објави веста, војниците биле информирани за ненадејното заминување дури утрово.
Свет
Осумте земји на кои Трамп им најави царини поради Гренланд порачаа: Ќе останеме обединети и солидарни со Данска и Гренланѓаните
Осумте европски држави, кои се најдоа на мета на најавените царини од американскиот претседател Доналд Трамп поради поддршката за Данска во врска со Гренланд, во неделата со заедничка изјава предупредија дека таквите мерки носат ризик.
„Заканите со царини ги поткопуваат трансатлантските односи и носат ризик од опасна надолна спирала. Ќе останеме обединети и координирани во нашиот одговор. Посветени сме на заштитата на нашиот суверенитет“, се наведува во заедничката изјава на Обединетото Кралство, Данска, Финска, Франција, Германија, Холандија, Норвешка и Шведска.
Овие осум земји, кои одлучија да испратат свои војници на Гренланд, порачаа дека се подготвени за „дијалог врз основа на принципите на суверенитет и територијален интегритет“, зад кои цврсто стојат.
Тие повторија дека се „во целосна солидарност со Кралството Данска и народот на Гренланд“ и порачаа дека како членки на НАТО се посветени на јакнење на безбедноста на Арктикот – „заеднички трансатлантски интерес“. Во тој контекст, воената вежба на НАТО „Арктичка издржливост“ е одговор на таа потреба и „не претставува закана за никого“.
Од Париз, пак, доаѓа повик за активирање на „економската базука“ на ЕУ. Блиски соработници на францускиот претседател Емануел Макрон изјавија дека Франција бара од Европската унија да го активира Инструментот за борба против присила – механизам што би ѝ овозможил на ЕУ да одговори на економски закани, вклучително и ограничување на пристапот на САД до јавни набавки или трговија во сектори каде што американската страна има суфицит, ако Трамп не се откаже од најавените царини.
Регион
(Видео) Непалските работници во Хрватска штрајкуваат поради ниски плати и лоши услови
Неколку часа траеше прекинот на работата во складиштето за овошје на логистичко-дистрибутивниот центар на „Плодине“ кај Кукуљаново, откако непалските работници изразија незадоволство од условите, јави „Индекс“
Синдикатот NSRH информира дека странските работници, најмногу од Непал, реагирале на ниските плати, прекувремената работа и условите. Во објектот работат околу 100 странци и околу 70 домашни работници.
Синдикатот предупреди и на случајот со седуммина непалски работници кои по зачленување во синдикат биле изложени на притисоци и закани со губење на работен и престојувачки статус.
Штрајкот е прекинат откако им било ветено дека во понеделник ќе имаат средба со лице од повисоко раководно ниво.

