Свет
Египетскиот парламент ја одобри воената интервенција во Либија
Египетскиот парламент го овласти претседателот Абдел Фатах ел-Сиси да распореди војници во Либија за да го спречи напредокот на турската милиција во сојуз со меѓународно признатата Влада на национална спогодба (ГНА), пренесува „Брејтбарт“.
Ако Сиси ја спроведе својата закана да наметне црвена линија, што ќе претвори дел од најбогатите нафтени полиња во Либија во египетската безбедносна тампон-зона, египетските трупи би можеле да се судрат со турската војска.
Во јуни Сиси ја повлече својата црвена линија помеѓу либиските градови Сирте и Џуфра предупредувајќи дека ако милицијата со поддршка од Турците ја преземе контролата врз нафтената полумесечина на Либија, тие би можеле да го ограбат нејзиното нафтено богатство и да пренесат дел од средствата на екстремистичките организации што претставуваат закана за Египет.
Откако неколкупати го менуваше ставот за либиска интервенција во јули, Сиси минатата недела цврсто изјави дека ако силите поддржани од Турција влезат во Сирте, тоа ќе ја премине неговата црвена линија и ќе предизвика одговор.
Сирт во моментот е под контрола на Либиската национална армија (ЛНА), ривалската сила предводена од генералот Калифа Хафтар и поддржана од Египет, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и од Русија, заедно со неколку други страни, кои веруваат дека Хафтар подобро би можел да ја стабилизира Либија од поделениот сојуз на ГНА.
Хафтар и неговите приврзаници веруваат дека ГНА е слаба, корумпирана и поврзана со терористички групи, а ГНА и нејзините приврзаници го сметаат Хафтар за брутален воин и тиранин. Хафтар го држеше под опсада Триполи и се чинеше дека може да го освои градот сè додека Турција не интервенира во име на ГНА.
Египет е дополнително загрижен дека сојузот на Турција со ГНА може да го прошири турското влијание врз копно и море, сериозно загрозувајќи ги интересите на Египет и неговите сојузници.
„Дојче веле“ истакна дека египетскиот Претставнички дом е полн со приврзаници на Ел-Сиси, така што седницата за одобрување воена акција против криминалните милиции и странските терористички групи што дејствуваат по должината на западниот фронт на Египет не е изненадување.
„Индипендент“ во вторникот напиша дека конфликтот меѓу Египет и Турција во Либија може да биде неизбежен ако не успее наводниот телефонскиот повик на Сиси до американскиот претседател, Доналд Трамп, и Трамп не го убеди турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, да се повлече.
Ако Сиси ја планирал заканата со воена интервенција како блеф, ГНА би можела да биде подготвена да ја предизвика. Аналитичарите ја опишувааат инвазијата на Сирте како неизбежна, првенствено затоа што Турција преговара со руските платеници да ги тргне настрана пред да почнат престрелките.
Ако Египет не интервенира или барем не изврши притисок врз ГНА и Турција да прифатат договор за прекин на огнот, падот на Сирте би можел да биде увертира во целосно збришување на Хафтар и неговата влада во сенка со седиште во Тобрук. Ако Египет интервенира, ОН предупредија дека во вкрстен оган би можеле да будат фатени над 125.000 цивили.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
„Кога го гледам овој режим и овој слеп, бесен терор, имам малку надеж“: Мерц не гледа брз крај на војната во Украина
Германскиот канцелар Фридрих Мерц оцени дека има мали шанси за брз крај на војната во Украина преку преговори.
Тој изјави за германските весници НБР и „Рајнфалц“ дека според него војната ќе заврши само кога една од двете страни ќе биде исцрпена, „или воено или економски“.
„Разумот и хуманитарните аргументи нема да го убедат рускиот претседател Владимир Путин. Тоа е горчливата вистина“, рече Мерц.
Според него, целта на европските напори е „да се спречи руската држава воено да ја продолжи војната и нејзиното финансирање“, според „Шпигел“. Мерц рече дека смета дека е практично невозможно нормалните односи со Путин некогаш да се вратат.
„Кога го гледам овој режим и овој слеп, бесен терор, имам малку надеж“, рече германскиот канцелар.
Според Мерц, руската „владејачка елита“ не може без војна во догледна иднина и мора да ја држи воената машина во функција бидејќи немаат план што друго да прават со стотици илјади војници, од кои некои се тешко трауматизирани, кога ќе се вратат од фронтот.
Регион
(Видео) Јахорина: Детето кое падна од жичарата претрпе сериозни повреди
Детето, кое вчера падна од жичарницата на планината Јахорина, е надвор од животна опасност, соопштија утрово за „БН ТВ“ од болницата во Источно Сараево.
„Детето е згрижено, претрпе фрактура на бутната коска, што е сериозна физичка повреда, и е испратено во матичната установа во Нови Сад на понатамошно лекување“, изјавија од болницата за „БН ТВ“.
Медиумите потсетуваат дека вчера се случи непријатен настан на Јахорина, кога едно дете беше оставено да виси од жичарницата, а потоа падна на земја од висина од неколку метри.
Сето ова го забележаа скијачите кои случајно се најдоа таму.
Полициската управа Источно Сараево досега не го коментирала случајот, според медиумите во регионот.
Како што изјавија од Олимпискиот центар Јахорина, наскоро ќе биде објавено соопштение во врска со овој настан.
Свет
Мета и Гугл обвинети за штетно влијание врз менталното здравје на децата
Гугл и Мета на Марк Закерберг се обвинети дека намерно ги прават своите платформи зависни за децата и со тоа го оштетуваат нивното ментално здравје.
Извршниот директор на Мета, Марк Закерберг, се појави вчера на суд во Лос Анџелес, каде што сведочеше на судење кое ја стави неговата компанија во центарот на вниманието поради штетните ефекти на социјалните медиуми врз децата.
Жена од Калифорнија, која ги користела Инстаграм на Мета и Јутјуб на Гугл, изјави дека апликациите ѝ ја поттикнувале депресијата и самоубиствените мисли.
Тужителот почнал да го користи Јутјуб на шестгодишна возраст, Инстаграм на 11-годишна возраст, а потоа „Тик-ток“ и Снепчет. Овие последни две платформи веќе постигнале договор за компензација со жената.
Тужбата ги обвинува компаниите дека се обидуваат да ги „привлечат“ децата во своите услуги, иако биле свесни за негативните последици по менталното здравје што би можеле да ги предизвикаат.
Во центарот на спорот е прашањето дали социјалните мрежи предизвикуваат зависност кај децата.
Мета и Гугл ги негираа обвинувањата, а Мета се повика на студија на Националните академии на науките која не открила никаков ефект на социјалните медиуми врз менталното здравје на децата.
Доколку Мета го изгуби случајот, ќе мора да му плати отштета на тужителот, а таквата пресуда би имала влијание врз кредибилитетот на компаниите за социјални мрежи во време кога сè повеќе влади низ целиот свет ги забрануваат овие апликации за деца под 16 години, пренесуваат медиумите.
Зборувајќи пред судот, Закерберг рече дека жали што неговата компанија бавно ги препознавала корисниците под 13 години на Инстаграм. Додаде дека во меѓувреме се направени подобрувања.
– Би сакал да го постигнавме тоа порано – рече тој.
Минатата недела, на судењето сведочеше и шефот на Инстаграм, Адам Мосери, категорично отфрлајќи го концептот на зависност од социјалните мрежи.
Забраната за социјални медиуми за деца под 16 години веќе стапи на сила во Австралија.
Во Франција, законот што предвидува забрана на социјалните мрежи за корисници под 15 години е во парламентарна процедура. Во меѓувреме, се очекува Советот на министри на Шпанија да одобри слична забрана за корисници под 16 години и да ја испрати во парламентот.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц вчера објави дека би бил отворен за разгледување на таква забрана.
Норвешка, Грција, Обединетото Кралство, Данска, Италија и Холандија се меѓу многуте европски земји кои дебатираат за некаков вид забрана.

