Свет
Египетскиот претседател го поздрави прекинот на огнот и договорот за заложниците
Египетскиот претседател Абдел Фатах ел-Сиси го поздрави договорот за прекин на огнот и ослободување на заложници што неговата земја го помогна заедно со посредство на Катар и Соединетите држави.
Тој ја истакна потребата да се забрза непречената испорака на хуманитарна помош во Газа „додека не се постигне одржлив мир преку решението за две држави и регионот да ужива стабилност, безбедност и развој во свет кој е доволно голем за секого“, пренесе „Си-ен-ен“.
Договорот кој е во три фази ќе стартува в недела, на 19 јануари, соопшти претходно катарскиот премиер.
Првата фаза од договорот ќе вклучува ослободување на 33 израелски затвореници, вклучувајќи жени, деца, постари лица и цивили кои се ранети или болни. За возврат, Израел ќе ослободи одреден број затвореници кои се чуваат во израелските затвори.
Фазата ќе вклучува враќање на раселените лица во нивните домови и ќе овозможи патување на ранетите и болните лица за да добијат медицинска помош.
Првата фаза ќе обезбеди и зголемен пристап до хуманитарна и друга помош до сите делови на Појасот Газа, како и реконструкција на болници, здравствени центри и пекари. Исто така, ќе се овозможи влез на гориво, опрема за цивилна заштита и основни потреби за раселените лица кои ги загубија своите домови за време на војната.
Претседателот на САД, Џо Бајден, пак, соопшти дека преговорите ќе одат подалеку од привремениот прекин на огнот до втората фаза од договорот што може да вклучи траен крај на војната.
„Во текот на следните шест недели, Израел ќе преговара за втората фаза, што е траен крај на војната. Дозволете ми да повторам: крај на војната“, рече Бајден.
„Постојат голем број детали за преговарање, за преминување од првата фаза во втората фаза. Но според планот ако преговорите траат подолго од шест недели, прекинот на огнот ќе продолжи се додека траат преговорите“, додаде тој.
Бајден, исто така, потврди дека Американците ќе бидат дел од ослободувањето на заложници во првата фаза.
Во потенцијалната трета фаза од договорот, телата на убиените заложници ќе бидат вратени на нивните семејства и ќе започне голем план за реконструкција на Газа, рече Бајден.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Mакрон најави зголемување на казните за корисниците на дрога
Претседателот на Франција, Емануел Макрон, денес во Марсеј објави дека казната за употреба на канабис или кокаин ќе се зголеми од 200 на 500 евра.
Со оваа мерка, рече тој, сака да ги погоди паричниците на оние што купуваат дрога и на тој начин ги хранат мрежите за дрога, објавува телевизијата BFM.
За време на разговорот со читателите на весникот „Прованс“, Макрон го изрази своето незадоволство од младите жртви на дрога и луѓето што одат да набават дрога „како за забава“.
Тој нагласи дека секое лице што користи дрога мора да разбере дека придонесува за уништување на градовите и населбите.
Казната за корисниците на дрога беше воведена во 2020 година за да се олесни работата на судовите и да се префрли фокусот на борбата кон криминалните мрежи.
Оваа мерка се однесува на лица со максимум 10 грама кокаин или 100 грама канабис.
Претседателот на Франција, исто така, најави адаптација на борбата против мрежите за дрога, вклучително и следење на дилерите на социјалните мрежи, кои станаа нови места за трговија.
Тој повика на промена на европските правила за да се овозможи онлајн дилерите да бидат гонети, а мрежите да бидат повикани на одговорност.
„Нема да попуштиме, мора немилосрдно да притискаме“, рече Макрон, потврдувајќи дека целта е да се нападнат „шефовите на нарко мрежите“, вклучително и оние што работат од странство.
Макрон, исто така, ги истакна новите затвори со висок степен на безбедност со „апсолутно невидени нивоа на надзор“ и призна дека дилерите ќе продолжат да реагираат и да заплашуваат како што борбата се интензивира, пренесува Танјуг.
Фото: депозитфотос
Свет
Руските граѓани му поставија над 1,6 милиони прашања на Путин за годишната емисија
Повеќе од 1,6 милиони прашања дојдоа од граѓаните на Руската Федерација за програмата „Преглед на годината со Владимир Путин“, која ќе се емитува на 19 декември во 12:00 часот по московско време, објавија денес руските медиуми.
Собирањето прашања за оваа емисија започна на 4 декември во 15:00 часот по московско време и ќе продолжи до крајот на програмата, објавува РИА Новости.
„Годишен преглед со Владимир Путин: примени се повеќе од 1,6 милиони прашања. Оваа година, како и во 2024 година, апликацијата GigaChat ќе ги транскрибира прашањата за директната линија“, објави Кремљ.
Во соопштението се наведува дека до денес се примени 702.000 телефонски повици, 327.000 прашања преку Max Messenger, 262.000 СМС пораки, 175.000 барања преку социјалните мрежи, 61.000 преку веб-страницата, 49.000 ММС пораки и 20.000 преку апликацијата, пренесува Танјуг.
Фото: депозитфотос
Свет
„Монд“: Одбраната на источното крило на ЕУ треба да биде приоритет поради руската закана
Одбраната на источното крило на Европа треба да биде „непосреден“ приоритет поради руската закана, изјавија денес лидерите на осум земји од Северна и Источна Европа на самитот одржан во Хелсинки, објави парискиот весник „Монд“ на својата веб-страница.
„Русија останува закана денес, утре и во догледна иднина“, изјави финскиот премиер Петери Орпо на прес-конференција.
Ситуацијата бара источното крило на Европската Унија (ЕУ) да добие непосреден приоритет преку оперативен, координиран и повеќедоменски пристап, изјавија во заедничка изјава лидерите на Финска, Шведска, Латвија, Литванија, Естонија, Полска, Романија и Бугарија.
Потписниците ја нагласија потребата од зајакнување на копнените борбени капацитети, одбраната од беспилотни летала, воздушната и ракетната одбрана, заштитата на границите и критичната инфраструктура во рамките на ЕУ и во соработка со НАТО.
„ЕУ може да игра важна улога преку поддршка на напорите на поединечните земји-членки за зајакнување на нивните одбранбени капацитети, преку дефинирање на финансирањето, поедноставување на регулативите и подобрување на воената мобилност“, изјави шведскиот премиер Улф Кристерсон.
Тој додаде дека нема знаци дека Русија сака мир во Украина.
Фото: депозитфотос

