Свет
Експлозии во Бејрут, Израел продолжува да напаѓа: гаѓани бункери, цел бил човек кој би можел да стане нов лидер на Хезболах

Околу полноќ Израел изврши напад врз подземен бункер во јужните предградија на Бејрут, каде што се одржуваше состанок, на кој присуствуваше можниот нов лидер на Хезболах, Хашем Сафиедин, со други високи претставници на либанската милитантна група, објави „Њујорк тајмс“ повикувајќи се на тројца неименувани израелски официјални лица.
Не е познато дали Сафиедин бил повреден во израелскиот напад, кој наводно бил еден од најмоќните од почетокот на конфликтот меѓу Израел и Хезболах.
Сафиедин, роднина на убиениот лидер на Хезболах, Хасан Насрала, долго време е еден од највисоките функционери на организацијата и се смета за кандидат за нејзин нов генерален секретар, пишува „Њујорк тајмс“.
Израелските власти претходно изјавија за американскиот весник дека Сафиедин бил еден од ретките високи лидери на Хезболах што не бил присутен на местото што Израел го нападна минатиот петок кога Насрала беше убиен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Саркози во затвор добивал смртни закани

Поранешниот француски претседател Никола Саркози добил закани со смрт од друг затвореник во парискиот затвор Ла Санте, каде што оваа недела почна да ја издржува петгодишната казна за завера за финансирање на изборната кампања во 2007 година со пари од Либија.
Париското обвинителство потврди дека е отворена истрага по видео што се појавило на социјалните мрежи, во кое затвореник упатува закани. При претресот биле запленети два мобилни телефони, а тројца затвореници се испрашани.
Поради безбедноста, Саркози е под постојана заштита на двајца вооружени полицајци, мерка што предизвика реакции од синдикатот на затворски чувари.
Саркози постојано ги негира обвиненијата и тврди дека случајот е политички мотивиран.
Свет
Санкции за „Роснефт“ и „Лукоил“ – САД и Британија обединети против руската нафта

Американското Министерство за финансии воведе нов пакет санкции против две најголеми руски нафтени компании – „Роснефт“ и „Лукоил“, со цел да изврши притисок врз Москва да прифати мировни преговори за Украина.
Министерот за финансии Скот Бесент изјави дека санкциите се наметнати бидејќи Путин одбива да ја прекине бесмислената војна, додека претседателот Доналд Трамп ги нарече мерките огромни и порача дека се надева оти нема долго да бидат потребни.
Санкциите следат по најжестоките руски напади врз украински градови во последниот месец, во кои загинаа најмалку седум лица. Трамп претходно потврди дека планираниот состанок со Путин во Будимпешта е откажан.
Вашингтон со ова се приклучи на Обединетото Кралство, кое минатата недела воведе слични мерки. Според британската влада, „Росњефт“ и „Лукоил“ извезуваат над 3 милиони барели дневно, што претставува околу 6 отсто од светското производство на нафта.
Бесент нагласи дека Путин не преговара искрено и отворено и најави можни нови казнени мерки ако Москва не прифати прекин на огнот.
Во Белата куќа, Трамп и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, разговараа за мировниот план што предвидува замрзнување на фронтот, размена на заробеници, враќање на депортираните деца и економски притисок врз Русија.
Москва, пак, го одби предлогот и повтори дека Украина мора да се повлече од Донбас.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара од САД да дозволат испорака на крстосувачки ракети „Томахавк“, сметајќи дека нивната закана би можела да ја натера Русија на сериозни преговори.
Регион
Грција воведува социјални станови за справување со станбената криза

Грчката влада најави две нови мерки за ублажување на една од најтешките станбени кризи во Европа — воведување социјален наем и социјални станови.
Министерката за социјална кохезија и семејство Домна Михаилиду изјави дека проектите ќе се базираат на користење на запуштени државни имоти, меѓу кои и поранешни воени кампови во Атина, Солун и Патра, каде ќе се изградат 1.500–1.700 станови за домаќинства со средни приходи.
Втората мерка предвидува јавнo-приватно партнерство: приватните инвеститори ќе ги обновуваат напуштените јавни згради, а на државата ќе ѝ препуштаат најмалку 30 отсто од новите станови.
Иако мерките се оценети како позитивен чекор, експертите предупредуваат на бавни административни постапки и сложеност на имотните односи, што може да го успори процесот.
Според анализата на платформата „Просперити“ просечната цена на недвижнините во Грција достигнува 300.000 евра, додека новоградбите се достапни само за висока класа. Стапката на сопственост паднала за 12 отсто, а младите сѐ потешко доаѓаат до свој дом.
„Просперити“ предлага дополнителни решенија — наем со можност за купување, државни гаранции и даночни олеснувања, како и попрогресивен данок за празни станови и создавање национална база на податоци за недвижнини.
Како што вели Антониос Маркопулос од „Просперити“: „Клучот за стабилизирање на пазарот е транспарентност.“
Фото: архива