Свет
Ердоган ги повика глобалните трговски партнери да го уништат монополот на американскиот долар
Турција ќе продолжи со трансакциите за кои не користи американски долари во трговијата и во инвестициите со други земји, изјави турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган како одговор на санкциите во САД, пренесува РТ. Тој го спореди однесувањето на САД кон неговата земја со „диви волци”.
„Ние треба постепено еднаш засекогаш да го уништиме монополот на доларот користејќи ги локалните и националните валути меѓу нас”, рече Ердоган на бизнис форумот во Киргистан на кој присуствуваше.
Според турскиот претседател, системот поврзан со доларот кој беше дизајниран да ја поедностави глобалната трговија се претвори во голем проблем. Целта на манипулирањето со девизните курсеви е другите да се посомневаат во силната и здрава турска економија.
„САД се однесуваат како диви волци. Не верувајте им “, рече Ердоган. “Користењето на доларот само ни штети. Ние нема да се откажеме. Ќе победиме “.
Турција во моментот се бори со тешка валутна криза предизвикана од ескалирачките санкции на САД. Лирата годинава загуби околу 42 отсто од својата вредност во однос на американскиот долар како резултат на дипломатскиот спор меѓу Анкара и Вашингтон. Податоците од турскиот Институт за статистика покажаа дека стапката на инфлација во земјата минатиот месец се искачи на речиси 18 отсто. .
Вашингтон примени економски притисок врз Анкара поради притворањето на американскиот пастор Ендрју Брунсон, кој пред две години беше обвинет дека помагал во неуспешниот воен удар врз претседателот Ердоган. Брунсон се соочува со затворска казна до 35 години.
Засега Белата куќа ги замрзна средствата на турскиот министер за правда, Абдулхамит Ѓул, и на министерот за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, поради нивните наводни „водечки улоги” во затвоањето на Брунсон. Американскиот претседател Доналд Трамп вети дека ќе ги удвои сегашните увозни тарифи наметнати на турскиот челик и на алуминиумот. Како одговор, Анкара најави тарифи за увоз на одредени стоки од САД, вклучувајќи ги автомобилите, алкохолот и тутунот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Фараж: Путин е „екстремно опасен човек“
Лидерот на Британската реформска партија, Најџел Фараж, денес изјави дека рускиот претседател Владимир Путин е „екстремно опасен човек“ откако јавната истрага откри дека тој наводно е „морално одговорен“ за смртта на британската државјанка Дон Стерџис, која почина откако случајно дојде во контакт со нервниот агент Новичок, употребен во обидот за атентат врз поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал.
Во врска со претходните тврдења од 2018 година, кога тврдеше, додека Сергеј и неговата ќерка Јулија Скрипал сè уште беа во болница, дека британската влада пребрзо ја обвини Русија, Фараж рече дека „не знаел што се случило“.
„Не знаев што се случило. Беше труење. Дали мислам дека Путин е чудовиште? Мислам дека тој го докажува тоа секоја недела што поминува“, рече лидерот на британските реформисти.
Фараж додаде дека неговиот „пријател“, американскиот претседател Доналд Трамп, верувал дека може да постигне „разумен компромис“ меѓу Русија и Украина, со цел да се спречи војна што потсетува на обемот на страдањето од Првата светска војна, објавува „GB News“.
Сепак, Фараж истакнува дека Путин секој ден докажува дека е „ирационален“ и дека не сака праведно решение. Фараж го критикуваше британскиот премиер Кир Стармер, кој го обвини реформистичкиот лидер дека е „руски агент“ затоа што имал средба со Путин.
„Па, една година потоа, кралицата се сретна со Путин. Дали таа беше руски агент? Не сум баш сигурен“, додаде Фараж саркастично.
Британска јавна истрага предводена од поранешниот судија лорд Ентони Хјуз откри дека Путин го одобрил атентатот врз поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал во Солсбери во 2018 година. Дон Стерџис (44), која случајно стапила во контакт со Новичок, починала во операцијата, додека Скрипал и неговата ќерка Јулија го преживеале нападот, објави „GB News“.
Фото: ЕПА
Свет
Порака од Хелсинки: „Ако не се ослободиме од Фон дер Лајен, ништо нема да остане од Европа“
Доколку претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, не биде наскоро заменета, Европа ќе се најде на патот кон самоуништување, предупреди финскиот економист и професор на Универзитетот во Хелсинки, Туомас Малинен, во ообјава на мрежата X.
„Доколку наскоро не се ослободиме од Фон дер Лајен, ништо нема да остане од нашиот голем континент (освен можеби Унгарија)“, рече Малинен, оценувајќи дека сегашното раководство на ЕК ја води ЕУ во длабока политичка и економска криза.
Причината за овој бран критики е неодамнешната изјава на Урсула фон дер Лајен дека Европската Унија би можела да донесе одлука за запленување на замрзнат руски имот со цел да обезбеди таканаречен репаративен заем за Украина – дури и без согласност на Белгија, која остро се спротивставува на оваа иницијатива.
Ваквата најава од Брисел предизвика бурни реакции низ целата Унија. Според тврдењата на неколку европски правни експерти, претставници на ЕУ и дипломати од земјите-членки, Европската комисија се однесува „лудо“ и ги надминува границите на институционалната одговорност.
Еден висок европски функционер отиде чекор понатаму, споредувајќи ја сегашната стратегија на Брисел со „удирање во ѕид“ – метафора што се чини дека сè повеќе го одразува расположението во европските политички кругови.
И додека критиките кон Фон дер Лајен стануваат сè погласни, според анализите на медиумите, Европската Унија се соочува со низа чувствителни политички одлуки што би можеле да ги постават темелите за нејзината иднина – или да ги продлабочат постојните поделби.
Фото: ЕПА
Свет
Германскиот претседател ја повика Велика Британија да го надмине „Брегзит“ и да ги обнови врските со ЕУ
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер денес ја повика Велика Британија да го надмине „Брегзит“, односно нејзиното излегување од Европската Унија, и да се фокусира на обновување на врските со ЕУ.
„Не гледајте назад со лутина. Останете смирени и продолжете понатаму. Гледајте прагматично напред и продолжете понатаму“, рече Штајнмаер за време на своето обраќање пред членовите на британскиот парламент, за време на кое ги употреби стиховите на британската рок група „Oasis”, пренесува Ројтерс.
Тој повика на прагматизам и „нова основа“ во односите меѓу Велика Британија и ЕУ, откако Велика Британија ја напушти ЕУ во 2020 година.
Фото: ЕПА

