Свет
Ердоган најави олеснување на ограничувањата во Турција

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, најави олеснување на ограничувањата воведени за да се спречи ширењето на коронавирусот во неколку провинции што се категоризираат како провинции со ниско или средно ниво на зараза.
Ердоган вчера рече дека кафулињата и рестораните ќе може повторно да работат со половина капацитет помеѓу 7 и 19.30 часот, освен оние лоцирани во 17 региони што се категоризираат како многу ризични, објави АП.
Полицискиот час во текот на работните денови ќе продолжи да важи во цела Турција како дел од владината програма за контролирана нормализација, рече тој.
Училиштата повторно ќе се отворат во региони со низок и среден ризик, рече Ердоган. Во другите региони, само учениците што се подготвуваат за приемни испити во средните училишта или универзитетите повторно ќе седнат во училишните клупи.
Турција во последните денови забележа највисоко ниво на зараза од средината на јануари.
Од почетокот на пандемијата на коронавирусот во Турција се регистрирани повеќе од 2,7 милиона случаи на Ковид-19 и околу 28.500 смртни случаи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Цистерни со нафта излетаа од шини на железничката пруга Ваљево – Косјериќ

Две цистерни полни со нафта синоќа излетаа од шините на железничката пруга Ваљево – Косјериќ, во близина на местото Ражана, пренесуваат локалните медиуми.
Според информациите, цистерните биле при крајот на товарниот воз што се движел кон Косјериќ. Засега не е познато што ја предизвикало несреќата, ниту дали имало истекување нафта од композицијата.
Локалните портали јавуваат дека екипи се на терен и се очекува официјално соопштение од надлежните органи за причините и можните последици од инцидентот.
Свет
Израелските воздухопловни сили нападнале околу 140 цели во Појасот Газа

Израелските одбранбени сили (ИДФ) денеска соопштија дека изминатиот ден израелските воздухопловни сили нападнале околу 140 цели во Појасот Газа, вклучувајќи згради што ги користат терористичките групи.
Нападите се случуваат во време кога копнените трупи од три дивизии на ИДФ продолжуваат да напредуваат во градот Газа, пренесува „Тајмс оф Израел“.
Армијата соопшти дека трупите на Голанската бригада на ИДФ во еден инцидент во Газа забележале ќелија од пет борци на палестинското милитантно движење Хамас, кои испукале ракета RPG кон зградата каде што биле стационирани израелските сили, и дека тие возвратиле на нападот.
Свет
Поради тајфунот Буалој илјадници луѓе се евакуирани во Виетнам и на југот на Кина

Виетнам денеска ги затвори аеродромите и евакуираше илјадници луѓе во областите што потенцијално би можеле да бидат погодени од сè посилниот тајфун Буалој, кој се движи кон земјата од Филипините, каде што предизвика најмалку десет смртни случаи и разорни поплави.
Се очекува тајфунот со брзина на ветер од 133 километри на час да стигне до централниот дел од Виетнам во текот на денот, соопшти Виетнамската национална метеоролошка агенција.
„Ова е брзо движечка бура, речиси двојно поголема од просечната брзина, со висок интензитет и широка област на влијание. Способна е истовремено да предизвика повеќе природни катастрофи, вклучувајќи силни ветрови, обилни дождови, поплави, лизгање на земјиштето и крајбрежни поплави“, се вели во соопштението на метеоролошката агенција.
Властите во централната покраина Ха Тин започнаа со евакуација на повеќе од 15.000 луѓе, соопшти виетнамската Влада, додавајќи дека илјадници војници се во состојба на готовност за да му пружат помош на населението. Виетнам ги прекина операциите на четири крајбрежни аеродроми, вклучувајќи го и меѓународниот аеродром Дананг, и ги прилагоди времињата на полетување на неколку авиони, соопшти Управата за цивилно воздухопловство на Виетнам. Обилните дождови веќе предизвикаа поплави во Хуе и Куанг Три, соопшти виетнамската Влада.
Кинескиот град Сања во јужната островска покраина Хајнан е исто така ставен во состојба на зголемена готовност, бидејќи тајфунот Буалој, 20-тиот тајфун оваа година, се приближува кон јужниот дел од островот, соопшти кинеската покраинска метеоролошка опсерваторија.