Свет
Ерменија планира воен и политички сојуз со Нагорно-Карабах
Среде моментната состојба во Нагорно-Карабах, властите на Ерменија ги разгледуваат плановите за воспоставување воен и политички сојуз со непризнатата република, напиша лидерката на владејачката парламентарна фракција „Мај степ алијанс“, Лилит Макунц, на својата страница на „Фејсбук“, пренесува ТАСС.
„Во сегашната ситуација активно се дискутира за нашите потенцијални активности, вклучително и склучување воен и политички сојуз со Артсак (непризната Република Нагорно-Карабах)“, напиша Макунц.
Претходно, ерменскиот премиер, Никол Пашинјан, објави дека Ереван исто така ги разгледува плановите за признавање на независноста на Нагорно-Карабах.
На 27 септември Баку објави дека позициите на азербејџанската армија се интензивно гранатирани од Ерменија. Ереван, од своја страна, тврде дека вооружените сили на Азербејџан започнале офанзива во правец на Нагорно-Карабах гранатирајќи ги населените места на непризнатата република, вклучително и главниот град Степанакерт.
Двете страни пријавија жртви, вклучително и меѓу цивилното население. Ерменските власти прогласија воена состојба и најавија мобилизација. Азербејџан воведе воена состојба на целата територијата.
Конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан за планинскиот регион Нагорно-Карабах, спорна територија што беше дел од Азербејџан пред распадот на Советскиот Сојуз, но главно населена со етнички Ерменци, избувна во февруари 1988 година кога автономниот регион Нагорно-Карабах најави повлекување од Советската Социјалистичка Република Азербејџан.
Во периодот 1992-1994 година тензиите зовреа и ескалираа во големи воени акции за контрола над енклавата и седумте соседни територии кога Азербејџан ја изгуби контролата над нив. Разговорите за решението за Нагорно-Карабах траат од 1992 година под закрила на групата од Минск на ОБСЕ, предводена од нејзините тројца копретседатели – Русија, Франција и САД.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Секој Евреин што ќе гласа за Мамдани е глупав човек
Американскиот претседател Доналд Трамп ги повика Евреите во Њујорк да не гласаат за кандидатот на левото крило на Демократската партија, Зохран Мамдани, нарекувајќи го „докажан мразител на Евреите“.
„Секој Евреин што ќе гласа за Зохран Мамдани е глупaв човек!“, напиша Трамп на својата платформа Truth Social, обвинувајќи го 34-годишниот кандидат дека „ги мрази Евреите“. Мамдани, муслимански демократски социјалист роден во Уганда, е познат поддржувач на палестинската кауза и застапник на кампањата за бојкот и санкции против Израел.
Во обид да ги смири реакциите, Мамдани во последните месеци јавно се изјаснува против антисемитизмот. Тој води во анкетите со 41 отсто поддршка, пред поранешниот гувернер Ендру Куомо, кој има 34 отсто и ја има поддршката на Трамп.
Трамп претходно се закани дека ќе му ги ускрати федералните средства на Њујорк ако Мамдани победи на изборите за градоначалник.
Свет
Глобалното затоплување ќе ја надмине границата од 1,5 степени, предупредува ОН
Светот нема да го исполни климатскиот цел од ограничување на затоплувањето на 1,5 степени Целзиусови, соопшти Програмата на Обединетите нации за животна средина (UNEP). Според годишниот извештај, поради недоволните мерки за намалување на емисиите на стакленички гасови, глобалната температура во следната деценија ќе ја надмине целта утврдена со Парискиот договор од 2015 година.
UNEP предупредува дека сегашните политики водат кон раст на температурите од 2,3 до 2,5 степени, што ќе биде „тешко да се преобрати“. Иако е постигнат напредок во однос на пред десет години – кога прогнозите укажуваа на пораст до четири степени – емисиите и понатаму растат, бидејќи земјите се потпираат на јаглен, нафта и гас за производство на енергија.
Овие податоци, според агенцијата, дополнително ќе го засилат притисокот пред климатскиот самит COP30, на кој државите ќе разговараат за побрзо финансирање на мерките за ублажување на глобалното затоплување.
Свет
Германија им нуди пари на Авганистанците ако се откажат од доаѓање во земјата
Германската влада им понудила финансиска надомест на Авганистанците кои имаат одобрение за прием во Германија, доколку доброволно се откажат од тоа одобрение за влез во земјата.
Според документот на Германското друштво за меѓународна соработка, понудата се однесува на околу 660 лица кои сега се во Пакистан. Поединци што ќе прифатат, ќе добијат еднократна исплата — 1500 евра во Пакистан и дополнителни 5000 евра како „помош за нов почеток“, но со тоа ќе се откажат од сите идни побарувања кон германската влада.
Министерството за внатрешни работи објаснило дека не може да гарантира навремен завршеток на програмата за прием поради административни пречки и рокови што ги поставила пакистанската влада.
Хуманитарни организации ја осудија понудата, нарекувајќи ја „лоша“ и „недоволна“. Според нив, износот не го покрива ниту дел од трошоците што бегалците веќе ги направиле, а враќањето во Авганистан би значело ризик за нивниот живот под талибанскиот режим.
Во меѓувреме, неколку авганистански семејства што поднеле тужби против германската држава успеале да добијат дозвола за влез и пристигнале во Хановер.

