Европа
Естонската премиерка како Макрон: „Ништо не е исклучено, тоа е пораката до Русија“
Естонската премиерка Каја Калас рече дека сите опции се на маса за да ѝ се помогне на Украина да го победи Путин. Таа го изјави ова неколку дена откако францускиот претседател Емануел Макрон предизвика бура навестувајќи дека постои можност да се испратат копнени сили да му помогнат на Киев.
Зборовите на Макрон предизвикаа реакција кај другите сојузнички влади, чии лидери бргу почнаа да инсистираат дека нема да бидат распоредени војници во Украина. Но, Калас изјави денеска дека лидерите мора да разговараат за сите опции зад затворени врати вклучувајќи ги и сите опции кои сè уште се на маса за да ѝ помогнат на Украина во својата егзистенцијална борба.
„Мислам дека тоа се исто така сигнали што ги испраќаме во Русија, дека не исклучуваме разни работи“, изјави Калас за „Политико“. „Затоа што сите земји сфатија дека мораме да направиме сè за Украина да победи, а Русија да ја изгуби оваа војна“.
Додека повеќето други земји од ЕУ ја отфрлија можноста за испраќање сили во Украина, вклучувајќи ги и главните играчи, како Германија, Обединетото Кралство и САД, министерот за надворешни работи на Литванија, Габриелиус Ландсбергис, вчера изјави дека е благодарен за дебатата што ја иницирал Макрон додавајќи дека „ништо не може да биде тргнато од маса“ и „ниту една опција не може веднаш да се одбие“.
Москва реагира луто на изјавите на Макрон предупредувајќи дека распоредувањето на западните сили во Украина неизбежно ќе доведе до конфликт меѓу Русија и НАТО.
Калас, која во минатото изрази интерес да стане следниот генерален секретар на НАТО, рече дека сè уште верува оти работата треба да му припадне на лидер чија земја ја исполнува целта на алијансата за одбранбени трошоци од 2 отсто од БДП. Сепак, имајќи предвид дека најверојатен кандидат за оваа позиција е холандскиот премиер Марк Руте, кој ја доби поддршката од неколку клучни земји, тоа тешко дека ќе се случи.
Додека Калас се согласи дека Руте има „позитивни квалитети“, таа истакна дека тој ќе биде четвртиот генерален секретар од Холандија, а никогаш немало шеф на НАТО од Естонија, па дури и од која било балтичка земја.
„Се поставува прашањето дали во НАТО има земји од прв и втор ред“, рече таа. „Дали сме еднакви или не? Така тие прашања сè уште остануваат“.
Со оглед на тоа што поранешниот американски претседател Доналд Трамп е сè поблиску до враќање во Белата куќа, многу западни лидери се загрижени дека ќе бидат оставени сами да се грижат за заштита на Украина од руска агресија. Републиканскиот кандидат долго време ја доведува во прашање посветеноста на Вашингтон кон НАТО и неодамна се закани дека ќе ја напушти заедничката одбрана на земјите што не вложуваат доволно во одбраната.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Новиот шеф на НАТО ненадејно дојде во Киев, разговараше со Зеленски за планот за победа
Новиот генерален секретар на НАТО, Марк Руте, беше во ненајавена посета на главниот град на Украина, Киев.
Информациите за пристигнувањето на Руте во Киев ја објави портпаролката на НАТО, Фара Дахлалах, на социјалната мрежа „Икс“, каде што сподели линк од неговата прес-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Mark Rutte’s first visit as NATO Secretary General @SecGenNATO is to Ukraine, and this is truly significant. It immediately and clearly outlines the priorities, highlighting where the shared values of the entire Euro-Atlantic region are being defended right now. It also… pic.twitter.com/cknjtn7SsY
— Volodymyr Zelenskyy / Володимир Зеленський (@ZelenskyyUa) October 3, 2024
Дополнителни детали за посетата на Руте не беа веднаш објавени. Зеленски на „Икс“ напиша дека разговарале за неговиот план за победа.
Руте, поранешен холандски премиер, во вторникот ја презеде функцијата нов генерален секретар на НАТО на местото на Норвежанецот Јенс Столтенберг, кој ја предводеше алијансата во изминатата деценија.
Европа
(Видео) Се запали моторот на авионот на „Рајанер“ во Италија, патниците евакуирани
Патници се евакуирани од авионот на „Рајанер“, чиј мотор се запалил на летот Бриндизи – Торино во Италија.
Локалните медиуми јавија дека избувнал пожар на моторот на летот на „Рајанер“ со број 8826, кој требало да полета од градот Бриндизи на југот на Италија кон Торино на север. Од авионот се евакуирани 184 лица.
Ryanair Boeing 737-8AS aircraft (9H-QCB) engine caught fire at Brindisi Airport, Italy, nearly 200 passengers evacuated through emergency evacuation slides .
Flight FR8826 was preparing for take-off at Brindisi Airport in Italy when flames appeared from the Right engine.
The… pic.twitter.com/UBziP9pKf0
— FL360aero (@fl360aero) October 3, 2024
Италијанската противпожарна служба соопшти дека нема повредени. Исто така, беше наведено дека сите летови на аеродромот во Бриндизи се суспендирани.
Европа
Закани за бомби во Австрија, затворени железнички станици
Неколку железнички станици во Австрија се затворени поради повеќе закани за бомби во изминатите неколку дена, изјави денеска портпаролот на полицијата за германската новинска агенција ДПА.
„Ние го сфаќаме ова многу сериозно“, додаде портпаролот.
Синоќа, биле упатени закани до станици во Св. Поелтен, Салцбург и Клагенфурт, во вторникот до главната станица во Линц, а во понеделникот до главната станица во Грац. Сите станици беа затворени, а железничкиот сообраќај беше во прекин неколку часа.
Полицијата добивала закани преку електронска пошта, во кои се тврди дека на станиците има експлозив што може да се активира. Засега не се пронајдени опасни предмети.
Австриските разузнавачки служби истражуваат голем број закани. Австриската државна железничка компанија одби да ги коментира извештаите.