Свет
ЕУ за референдумот во Молдавија: Русија се мешаше и заплашуваше без преседан
Европската комисија целосно ги поддржува европските амбиции на Молдавија и го осудува невиденото мешање на Русија во кампањата за референдумот и претседателските избори. Продолжуваме да даваме целосна поддршка на европските амбиции на Молдавија, изјави портпаролот на Комисијата, Ерик Мамер.
Портпаролот на Комисијата за надворешна политика, Петер Стано, изјави дека референдумот и претседателските избори во Молдавија се одржаа „со невидено мешање и заплашување од страна на Русија“.
На референдумот одржан вчера, Молдавците со многу тесно мнозинство го поддржаа пристапот кон Европската Унија изјавувајќи дека членството во ЕУ треба да биде запишано во Уставот како стратешка цел. Претседателката Маја Санду ќе мора да оди во вториот круг од претседателските избори бидејќи во првиот не доби повеќе од половина од поддршката.
Молдавија доби кандидатски статус во јуни 2022 година и сега чека датум за почеток на преговорите. Референдумот и претседателските избори се еден вид тест за тоа дали поранешната советска република ќе се ослободи од влијанието на Москва и ќе се сврти неповратно кон Западот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Ги намалуваме царините за Индија, таа престанува да купува руска нафта
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД ќе ги намалат царините за индиската стока, откако Индија се обврзала да престане да купува руска нафта и да го зголеми увозот на енергенси од САД, а можно и од Венецуела.
Во објава на мрежата „Тру соушал“, Трамп соопшти дека по разговор со индискиот премиер, Нарендра Моди, е постигнат трговски договор со кој реципрочната царина за Индија се намалува од 25 на 18 проценти. Според договорот, Индија ќе ги намали своите царини и нецарински бариери за американски производи на нула и ќе инвестира повеќе од 500 милијарди долари во американската енергетика, технологија и други сектори.
Трамп оцени дека запирањето на купувањето руска нафта од страна на Индија би придонело за завршување на војната во Украина.
Сепак, аналитичарите посочуваат дека овој чекор ќе биде тешко изводлив, бидејќи Индија и понатаму увезува околу 1,5 милиони барели руска нафта дневно. Како можна алтернатива се споменува венецуелската нафта, но нејзината инфраструктура е во лоша состојба и би биле потребни години и големи инвестиции за значително зголемување на производството.
Свет
Беспилотно летало со непознато потекло падна врз воена база во Полска
Беспилотно летало со непознато потекло се урна врз воена база во Пжасниш во северно-централна Полска на 28 јануари, објави денес полското радио Зет, повикувајќи се на извори, пишува „Ројтерс“.
Радио Зет, исто така, наведува дека полската воена полиција потврдила дека е започната истрага за инцидентот.
„Ројтерс“ не можеше веднаш да добие коментар од Воената полиција.
Регион
Со фантомка и оружје македонски државјанин ограбил пет кладилници и пошта во Србија, полицијата го уапси
Полицијата во Краљево уапсила 44-годишен маж од Македонија, под сомнение дека ограбил пет кладилници и пошта соопшти денеска локалната полициска управа, пренесе „Н1“.
Во соопштението се наведува дека В.Г. е осомничен дека на територијата на Краљево влегувал во објекти на кладилници и пошти со фантомка на главата и, со закана со пиштол, одзел повеќе од 700.000 динари.
Во станот на осомничениот, полицијата пронашла дел од парите, фантомка и реплика на пиштол која, како што се сомнева, ја користел при извршувањето на кривичните дела.
Тој се товари за пет кривични дела разбојништво, одредено му е задржување до 48 часа и ќе биде приведен во Обвинителството, соопшти Полициската управа во Краљево.

