Свет
ЕУ ја потврди одлуката за замрзнување на руските средства на неопределено време
Денес, Европската унија ја потврди одлуката за замрзнување на средствата на руските централни банки лоцирани во Европа на неопределено време.
Советот на Европската унија денес одлучи да забрани, на привремена основа, каков било трансфер на средства на Руската централна банка, имобилизирани во ЕУ, од Русија, според соопштението објавено на веб-страницата на Советот на ЕУ.
Оваа одлука, се додава, дека е донесена по итна постапка со цел да се ограничи штетата врз економијата на Унијата.
The EU just decided to indefinitely immobilise Russian assets.
This ensures that up to €210 billion in Russian funds stay on EU soil, unless Russia fully pays reparations to Ukraine for the damage it has caused.
We keep increasing the pressure on Russia until it takes…
— Kaja Kallas (@kajakallas) December 12, 2025
ЕУ сака Украина да остане финансирана и да се бори, бидејќи ја гледа руската инвазија како закана за сопствената безбедност, а за да го постигнат ова, земјите од ЕУ имаат за цел да активираат дел од рускиот суверен имот што го имобилизираа по инвазијата на Москва на Украина во 2022 година, објавува Ројтерс.
Владите на земјите-членки на ЕУ се согласија да замрзнат руски суверен имот во вредност од 210 милијарди евра (246 милијарди долари) колку што е потребно, наместо да гласаат на секои шест месеци за продолжување на замрзнувањето на средствата.
Ова го отстранува ризикот Унгарија и Словачка, кои имаат подобри односи со Москва од другите земји-членки на ЕУ, во одреден момент да одбијат да го продолжат замрзнувањето, принудувајќи ја ЕУ да ги врати парите на Русија, според написите.
Лидерите на ЕУ ќе се состанат на 18 декември за да ги финализираат деталите за заемот за репарации и да ги решат преостанатите прашања, кои вклучуваат гаранции од сите влади на ЕУ до Белгија дека нема да биде оставена сама да ја плати сметката ако потенцијалната тужба на Москва се покаже како успешна.
Пред тоа, украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе го посети Берлин во понеделник, каде што ќе разговара со германскиот канцелар Фридрих Мерц, а подоцна ќе им се придружат и други европски лидери на ЕУ и НАТО, објави германската влада.
Германија не гледа алтернатива на заемот за репарации и ќе обезбеди гаранција од 50 милијарди евра, соопштија европски дипломатски извори.
Данската министерка за финансии Стефани Лозе, чија земја претседава со ЕУ, им изјави на новинарите дека „некои загрижености“ сè уште треба да се решат, но дека „се надеваме дека ќе можеме да го отвориме патот за одлука на Европскиот совет следната недела“.
Европскиот економски комесар Валдис Домбровскис изјави дека се подготвуваат цврсти гаранции за Белгија.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека верува оти потегот на ЕУ да ги замрзне руските средства на неодредено време преку гласање со квалификувано мнозинство – за што е потребна поддршка од 15 од 27-те земји-членки што претставуваат 65 проценти од населението на ЕУ – ќе предизвика непоправлива штета на блокот.
„Унгарија ќе направи сè што може за да ја врати правната состојба на работите“, рече тој на Фејсбук.
Руската централна банка изјави дека плановите на ЕУ да ги користи нејзините средства се нелегални и го задржува правото да ги користи сите расположливи средства за да ги заштити своите интереси.
Банката, исто така, објави дека ќе го тужи централниот депозитар за хартии од вредност „Евроклир“ со седиште во Брисел – кој поседува 185 милијарди евра вкупни средства замрзнати во Европа – пред московскиот суд за, како што наведе, штетни дејствија што влијаат врз неговата способност да располага со своите средства и хартии од вредност.
„Фајненшл тајмс“ објави дека Украина би можела да се приклучи на ЕУ до 1 јануари 2027 година, според предлозите што се разгледуваат во разговорите со посредство на САД за завршување на војната.
Ројтерс објави дека разговорите за пристапување во ЕУ, долгогодишна цел на Киев додека се обидува дополнително да се дистанцира од орбитата на Москва, обично траат со години.
Европски дипломат запознаен со планот изјави дека пристапувањето на Украина ќе биде „исклучително тешко“ да се постигне до 2027 година и дека не е јасно дали раководството на ЕУ го поддржува.
Неколку други европски претставници и дипломати рекоа дека овој датум е „апсолутно невозможен“, пишуваат медиумите.
Фото: депозитфотос
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Данска по средбата со САД: Не се согласуваме за иднината на Гренланд
Соединетите Американски Држави, Данска и Гренланд ни по денешниот состанок во Вашингтон не се приближија до договор за иднината на Гренланд. Данскиот министер за надворешни работи Ларс Леке Расмусен изјави дека и понатаму постои, како што рече, фундаментално несогласување со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, која се залага за американска контрола врз овој автономен територијален дел од Кралството Данска.
Состанокот бил одржан со американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и со американскиот државен секретар Марко Рубио, по изјавата на Трамп дека „сè помалку од американска контрола врз Гренланд е неприфатливо“.
Расмусен по разговорите изјави дека тој и претставниците на Гренланд воделе „искрена, но конструктивна дискусија“ со Венс и Рубио, но дека ставовите остануваат суштински различни.
„Претседателот јасно го изнесе својот став, а ние имаме поинаква позиција“, рече Расмусен на прес-конференција во Вашингтон, додавајќи дека Данска смета оти долгорочната безбедност на Гренланд може да се обезбеди во рамки на постојниот политички и уставен поредок.
„Идеите што не би го почитувале територијалниот интегритет на Кралството Данска и правото на народот на Гренланд на самоопределување се целосно неприфатливи“, истакна тој.
Расмусен додаде дека е договорено формирање работна група на високо ниво, која треба да се обиде да најде заеднички пат напред, иако, како што рече, „фундаменталното несогласување останува“. Првиот состанок на оваа група се очекува во наредните недели.
Паралелно со дипломатските разговори, Данска и нејзините сојузници ја зајакнуваат воената присутност на Гренланд поради, како што наведуваат, влошената безбедносна состојба на Арктикот.
Шведска денеска, на барање на Данска, испрати неопределен број војници на Гренланд. Шведскиот премиер Улф Кристерсон објави дека шведските офицери ќе бидат дел од поширока група сојузнички сили кои ќе учествуваат во подготовките за претстојната воена вежба „Operation Arctic Endurance“.
Германското министерство за одбрана соопшти дека Германија во четврток испраќа извиднички тим од 13 припадници на Бундесверот во Нуук. Станува збор за тридневна мисија, од 15 до 17 јануари, чија цел е проценка на условите за можни идни воени придонеси за безбедноста на регионот, вклучително и надзор на поморскиот простор. Германските војници доаѓаат на покана на Данска и во соработка со други европски земји.
Данското министерство за одбрана претходно потврди дека ја зголемува воената присутност на Гренланд поради „безбедносни тензии“, додека разговорите со САД за иднината на територијата продолжуваат без приближување на ставовите.
Расмусен заклучи дека, и покрај длабокото несогласување, дијалогот со САД ќе продолжи.
„Се согласуваме дека не се согласуваме, но ќе продолжиме да разговараме“, рече тој, нагласувајќи дека Данска нема да отстапи од црвените линии, кои вклучуваат почитување на територијалниот интегритет и правото на народот на Гренланд на самоопределување.
Фото: depositphotos
Свет
Ројтерс: Можно американско воено интервенирање во Иран во наредните 24 часа
Американска воена интервенција во Иран станува сè поизвесна и би можела да се случи во наредните 24 часа, изјавиле европски претставници за „Ројтерс“.
Според еден европски функционер, можноста за американска воена акција значително се зголемила и временската рамка сега се мери во часови, а не во денови. Друг европски извор оценил дека интервенцијата изгледа веројатна.
Израелски функционер изјавил за Ројтерс дека се чини оти американскиот претседател Доналд Трамп веќе донел одлука за интервенција, иако сè уште не е јасно кога би започнала и колкав би бил нејзиниот обем.
Според Ројтерс, САД и Обединетото Кралство повлекле дел од персоналот од воздушна база во Катар, по заканите на Иран за одмазда врз американските бази во регионот. Истовремено, Иран ги предупредил соседните земји дека евентуален американски или израелски напад би имал регионални последици.
Напнатоста дополнително се зголемила по изјавите на Трамп, кој ги повикал демонстрантите во Иран да продолжат со протестите, наведувајќи дека помошта е на пат без дополнително објаснување.
Свет
И Македонија на листата на земји во кои САД ја запираат обработката на имигрантски визи, според „Фокс Њуз“
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја запира обработката на имигрантски визи за апликанти од 75 земји, соопшти во средата Стејт департмент.
Стејт департментот на социјалната мрежа „Икс“ наведе дека ќе ја суспендира обработката на имигрантски визи за 75 земји чии мигранти, според наводите, користат социјална помош од американските даночни обврзници во неприфатливо висока мера.
За суспензијата на обработката на визите прв објави „Фокс њуз„, повикувајќи се на меморандум на Стејт департментот.
Според извештајот на „Фокс њуз“, меѓу тие 75 земји се Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово.
Извештајот го спомена и портпаролката на Белата куќа Каролајн Ливит.
На списокот се и Азербејџан, Белорусија, Грузија, Ерменија, Молдавија и Русија, пренесе „Радио Слободна Европа“.
Иако Стејт департментот сè уште не објавил официјална листа, во една од објавите на „Икс“ наведе дека „паузата влијае на десетици земји – вклучувајќи ги Сомалија, Хаити, Иран и Еритреја – чии имигранти често стануваат јавен товар за Соединетите Американски Држави веднаш по пристигнувањето“.
„Работиме на тоа да обезбедиме великодушноста на американскиот народ повеќе да не биде злоупотребувана“, додаде Стејт департментот.
Суспензијата на обработката на барањата за имигрантски визи од наведените 75 земји ќе почне на 21 јануари, објави Фокс њуз, додавајќи дека меморандумот им наложува на американските амбасади да ги одбиваат визите согласно важечкиот закон, додека Стејт департментот ги преиспитува своите процедури.
Суспензијата на обработката на визите се поклопува со мерките на администрацијата на Трамп против имиграцијата.
Трамп во ноември вети дека ќе „трајно ја паузира“ миграцијата од сите „земји од третиот свет“ по пукањето во близина на Белата куќа, кое го извршил авганистански државјанин, при што загинал припадник на Националната гарда.
САД долго време одбиваа визи на лица за кои се сметало дека на крајот ќе имаат потреба од државна социјална помош, но Стејт департментот соопшти дека сега ќе го користи истото овластување за целосна суспензија на имигрантски визи врз основа на националност, наведува АФП.
Стејт департментот во понеделникот соопшти дека од враќањето на Трамп поништил повеќе од 100.000 визи, што претставува рекорд за една година.
Министерството за внатрешна безбедност минатиот месец соопшти дека администрацијата на Трамп депортирала повеќе од 605.000 луѓе, а уште 2,5 милиони ја напуштиле земјата доброволно.

