Свет
Жена од Мјанмар спасена од урнатините по 30 часа

Бројот на загинати од силниот земјотрес што вчера го погоди Мјанмар се искачи на повеќе од 1.600, додека спасувачите очајнички ги пребаруваат урнатините во потрага по преживеани лица. Повредени се повеќе од 3.400 луѓе.
Водачот на војската на Мјанмар прогласи вонредна состојба и побара секој кој може да помогне да излезе. ОН веќе се во контакт со властите. Според податоците, епицентарот бил на околу 17,2 километри од градот Мандалеј, кој има околу 1,2 милиони жители. Околу 12 минути по првиот земјотрес, афтершок со јачина од 6,4 ја погоди областа.
Спасувачите извлекоа жива жена од урнатините на урната станбена зграда во Мандалеј денеска, 30 часа по разорниот земјотрес што го погоди Мјанмар, јавија новинарите на агенцијата Франс прес (Франс прес).
Триесетгодишната Фиу Леј Каинг беше извлечена од урнатините, а потоа на носилки ја однесоа кај нејзиниот сопруг Је Аунг, кој ја прегрна пред да биде пренесена во болница, пренесува АФП.
„Искрено, на почетокот не верував дека таа сè уште е жива“, рече Је Аунг додека чекаше неговата сопруга да излезе од под срушените делови на зградата.
„Пресреќен сум што ја слушнав добрата вест“, додаде трговецот, кој со Фју има два сина – осумгодишниот Вилијам и петгодишниот Итан.
Претходно, претставник на Црвениот крст изјави за АФП дека повеќе од 90 луѓе сè уште може да бидат закопани под остатоците од урнатата зграда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Иран истрела проектили кон Израел по американскиот напад

Војската на Израел објави дека два брана проектили биле истрелани кон Израел од Иран по американскиот напад во текот на ноќта врз клучните центри на иранската нуклеарна програма.
Сирените за воздушен напад се вклучија во Ерусалим и Тел Авив, а новинарите на „АФП“ објавија дека слушнале силни експлозии. Дописникот на „Би-Би-Си“ од Ерусалим, Хуго Бачега, јави дека над градот се слушнале повеќекратни детонации како резултат на активирањето на израелската противвоздушна одбрана.
„Армијата неодамна идентификуваше проектили лансирани од Иран кон територијата на Израел. Одбранбените системи се активираат за да се пресретне заканата“, објави ИДФ околу 6:30 часот по средноевропско време.
Околу половина час подоцна, армијата објави втор бран проектили, пред да биде укината тревогата. ИДФ ги повика граѓаните веднаш да се засолнат во заштитените подрачја и да останат таму до понатамошно известување.
Според израелските служби за итни случаи, најмалку 11 лица се повредени во нападите.
Нападите се случија неколку часа откако американскиот претседател Доналд Трамп потврди дека американските сили извршиле напади врз три ирански нуклеарни постројки – Фордо, Натанц и Исфахан – и ги нарече „исклучително успешни“.
Како одговор, иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи рече дека Иран го задржува правото на сите форми на самоодбрана и предупреди дека невидените американски напади ќе имаат трајни последици.
Свет
Шефот на ОН: Американскиот напад може да доведе до катастрофални последици

Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш, го прогласи американскиот напад врз Иран за „опасна ескалација во регион кој веќе е на работ“, нагласувајќи дека тоа е директна закана за меѓународниот мир и безбедност.
„Постои се поголем ризик овој конфликт брзо да излезе од контрола, со катастрофални последици за цивилите, регионот и светот“, рече Гутереш.
„Во овој опасен момент, клучно е да се избегне вител на хаос. Нема воено решение. Единствениот пат напред е дипломатијата. Единствената надеж е мирот“, нагласи функционерот.
Свет
Нема контаминација околу нуклеарните постројки што ги нападна САД, објави иранскиoт регулатор

Иранскиот надзорник за нуклеарна енергија извести дека нема траги од контаминација околу погодените објекти и дека нема опасност за жителите на околните области, пренесува Ројтерс.
Американските сили бомбардираа три ирански нуклеарни постројки во неделата рано наутро кои се целосно уништени, според американскиот претседател Доналд Трамп.
Иранските медиуми објавија дека по американските напади не се пронајдени траги на контаминација во областите околу нуклеарните постројки и дека нема опасност за жителите на околните градови, пренесе Ројтерс.
Не се откриени радиоактивни траги во околината на Саудиска Арабија и другите земји од Персискиот залив по американскиот напад врз иранските нуклеарни постројки, објави во неделата нуклеарната организација на Саудиска Арабија на платформата „Икс“.