Свет
Забрана за користење на социјални мрежи за деца под 14 години: Флорида воведува казни до 50.000 долари
Во Флорида, почнувајќи од 2025 година, ќе се воведе закон со кој на децата помлади од 14 години им се забранува користење на социјалните мрежи.
Почнувајќи од следната година, американската сојузна држава Флорида им забранува на децата помлади од 14 години да користат социјални мрежи. Дополнително, децата на возраст од 14 и 15 години ќе мора да добијат родителска согласност пред да се логираат на платформи како Инстаграм и Снепчет.
Законот беше потпишан од гувернерот Рон Де Сантис и бара од компаниите кои поседуваат социјални медиуми да ги избришат сметките на лица помлади од 14 години. На компаниите кои нема да го направат тоа им се закануваат тужби во име на децата, а потоа може да бидат казнети и до 50.000 долари, за секое прекршување на законот.
Како што објави „Скај њуз“, Законот треба да стапи на сила во јануари 2025 година, но се очекуваат бројни предизвици бидејќи постои можност бројни компании да тврдат дека на тој начин се прекршува американскиот Устав.
Републиканецот Пол Ренер го нарече овој предлог-закон свој главен приоритет и рече дека „дете чиј мозок сè уште се развива нема способност да разбере дека е вовлечен во технологии кои предизвикуваат зависност“.
Компаниите ќе поднесат тужби веднаш штом ќе се потпише ова, но ние ќе ги победиме. Ќе ги победиме и никогаш, но никогаш нема да престанеме“, рече Ренер.
Предлог-законот го дефинира и материјалот што е штетен за децата. Една од штетните содржини според овој закон е онаа што „нема сериозна книжевна, уметничка, политичка или научна вредност за малолетниците“, заедно со „очигледно навредливи“ прикази на сексуално однесување и непристојност.
Компаниите кои нема да го оневозможат пристапот до таков материјал или нема да одбијат помал пристап до сметката по регистрацијата, ќе мора да платат судски и адвокатски такси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израел: Способноста на Иран да лансира ракети ќе биде значително нарушена
Израел очекува способноста на Иран да испали балистички ракети да биде значително нарушена во следните 24 часа, изјавија двајца израелски функционери, како резултат на зголемените напади на САД и Израел. Според нив, се очекува фреквенцијата на иранските ракетни напади да се намали до вторник вечерта и да бидат испукани помалку ракети кон Израел, пренесуваат медиумите во регионот.
Во првите три дена од војната, САД и Израел погодија повеќе од 1.200 цели. Се очекува тој број да се удвои до вторник, по она што официјалните лица го опишаа како неуморно темпо на напади што започна во понеделник и се очекува да продолжи во текот на ноќта.
Еден од функционерите рече дека се очекува нападите на американските и израелските сили во понеделник вечерта да бидат насочени кон ракетни лансери, сили за внатрешна безбедност и цели на Револуционерната гарда. Американските и израелските функционери денес нагласуваат дека темпото и успехот на воздушната кампања досега ги надминале сите очекувања.
Свет
Иранската револуционерна гарда: „Непријателот нема да биде безбеден никаде во светот, дури ниту во своите домови“
Иранската револуционерна гарда, паравоена формација на која се потпира исламската влада во Техеран, денес се закани, по повод американско-израелските напади врз Иран, дека ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“ и дека непријателите нема да бидат безбедни „никаде во светот, дури ни во своите домови“, објавува CNN.
Како што објави иранската државна телевизија, Иранската револуционерна гарда соопшти дека неодамнешната загуба на врховниот лидер ајатолахот Ал Хамнеи и други високи функционери „не го потресе (Иран), туку само го направи посилен“.
Високо вооружената и организирана гарда – која постои паралелно со иранската армија и вклучува доброволни одреди – вети во соопштение дека Иран ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“.
„Непријателот треба да знае дека неговите среќни денови се завршени и дека повеќе нема да бидат безбедни никаде во светот, дури ни во своите домови“, се додава во соопштението што го пренесе CNN.
Регион
Дачиќ симнат од респиратор
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денес е симнат од механичка вентилација, пренесува „Блиц“.
Медиумот пренесува дека министерот за здравство Златибор Лончар денес изјави дека здравствената состојба на министерот за внатрешни работи и претседател на Социјалистичката партија на Србија Ивица Дачиќ е подобра отколку што беше, додавајќи дека постојат причини за оптимизам, но и дека мерките за интензивно лекување и терапија продолжуваат.
„Неговата моментална состојба е подобра отколку што беше, што ни дава причина за оптимизам. Важно е што сè уште има многу работа да се направи, мерките за интензивно лекување и примената на интензивна терапија продолжуваат. Тоа е она што ќе го кажам во овој момент, а луѓето што го лекуваат ќе го објаснат подетално во текот на денот“, изјави Лончар за новинарите по посетата на здравствениот центар Вождовац.

